Регион
Очекувам одбрана на бугарскиот интерес, рече Радев пред состанокот на Коалицискиот совет во Софија

Бугарскиот претседател, Румен Радев, очекува на вечерашниот коалиционен владин совет посветен на односите со Македонија, да се следат одлуките на Советодавниот совет за национална безбеднос кои беа донесени во јануари годинава. Тоа е со цел, како што рече Радев, одбрана на бугарскиот интерес и копенхашките критериуми за членство во Европската Унија.
„Доколку сето тоа се случи ќе се потрудиме да и помогнеме на Република Северна Македонија да го следи овој пат“, рече Радев, пренесе „Труд.бг“.
Прашан какви се ставовите на бугарската влада за Северна Македонија пред средбата, Радев рече дека фокусот на владата на надворешната политика не може да ги реши внатрешните проблеми на земјата. Очекува енергијата што се инвестирала во проблемите со Македонија да се насочи и кон проблемите на бугарските граѓани.
Вечерва по барање на бугарскиот премиер, Кирил Петков, на вонреден состанок на коалицискиот совет ќе се соберат владините партнери и ќе разговараат за блокадата за Македонија.
Се очекува премиерот Кирил Петков да им објасни на своите партнери зошто побарал од претседателот Румен Радев да го свика Советодавниот совет за национална безбедност и да го претстави досега постигнатото во дијалогот со Скопје, пренесе Бнр.бг.
Самиот Петков најави свикување на состанокот на коалицијата при посетата на Рим и Ватикан во пресрет на 24 мај. Тој потоа посочи зошто би се заложил претседателот да се сретне со сите страни претставени во парламентот:
„Форматот на коалицискиот совет е многу важен. И ова ќе го прашам од моја гледна точка и ќе разговараме со коалициските партнери, но ни треба поширок консензус и затоа опозицијата мора да биде информирана“, образложи Петков.
Партијата на Слави Трифонов, ИТН ја потврди својата цврста позиција – нема повлекување од позицијата на Бугарија.
„Ние само ќе ги сослушаме за што се состануваат со оглед на тоа што овој став е јасен – и на претседателскиот советодавен совет, и во рамковната позиција на Бугарија и со декларација од 44. Народно собрание, па можеби ќе се запознаеме со нешто ново што не го знаеме. Ќе бидам претставник на МНР, па ќе видиме што ќе кажат. Нашиот став е јасен“, рече Станислав Балабанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Деветгодишно момче загина од удар на гром во Црна Гора

Во селото Краденик, во Црна Гора во саботата околу 18:00 часот од удар на гром во големо невреме загинало деветгодишно момче А.Ф. а едно женско лице било повредено, но не побарало лекарска помош, јавуваа тамошните медиуми.
Како што информираат од Оперативно-комуникацискиот центар на Полициската управа на Црна Гора, момчето загинало додека вршело земјоделски работи.
Веднаш по веста за ударот на гром, на местото на трагедијата пристигнала екипа на итната помош, но лекарите го пронашле детето без знаци на живот, па не помогнала ниту реанимацијата која следела.
Несреќното момче му помагало на семејството кое го собирало сеното на ливадата, кога почнало невремето.
Македонија
Асен Василев: „За македонското прашање си ја завршивме работата“

„Ние ја завршивме нашата работа за македонското прашање“, изјави во Бугарија Асен Василев, кандидатот за премиер од „Продолжуваме со промената“, пренесуваат бугарските медиуми.
„Колегите од Република Северна Македонија сметаат дека овој предлог е пробугарски“, рече Василев на излезот од средбата за коалициски преговори, одговарајќи на новинарско прашање.
„Треба да бидеме задоволни со тоа што овој пробугарски предлог им создава проблеми на соседите, а не на нас“, нагласи Василев.
Регион
Бројот на заразени со Ковид 19 во Хрватска е во пораст

Во последните 24 часа забележани се 1.078 нови ковид позитивни случаи во Хрватска, со што бројот на активни случаи се искачи на 6.191.
Според тамошните здравствени власти, на болничко лекување се 257 пациенти, од кои на респиратор се осуммина. Последното деноноќие три лица ја загубиле битката со коронавирусот.
Во однос на минатата сабота, здравствените власти јавуваат дека бројот на новозаразени е идентичен, но двојно е зголемен бројот на активни случаи.
Од 25 февруари 2020 година кога во Хрватска е забележан првиот Ковид позитивен случај, досега со вирусот се заразиле над 1,1 милиони луѓе, а починале над 16.000.
Заклучно со вчерашниот ден, потрошени се во земјата над 5,2 милиони вакцини, а вакцинирани се безмалку 60 отсто од вкупното население.