Регион
Педијатрите во Србија препорачуваат да се одложи поаѓањето во училиште за две недели

Здружението на педијатрите на Србија издаде соопштение во кое препорачува да се одложи поаѓањето на училиште на класичен начин или наставата да се организира онлајн.
„Со оглед на моментната епидемиолошка состојба во нашата земја и карактеристиките на сојот омикрон, кој се шири многу побргу и во поголема мера од претходните соеви ги зафаќа и децата, Здружението на педијатрите на Србија препорачува да се одложи наставата на класичен начин или да се организира онлајн-настава“, се наведува во соопштението.
Од Здружението на педијатрите потсетуваат дека опфатот со вакцинација на оние групи во кои е одобрена и препорачана вакцината (деца постари од 12 години) е само симболична, а вакцината за деца до 12 години сѐ уште не е регистрирана во Србија, па се смета дека учениците моментно се најранливата група.
„Децата помлади од 12 години не се вакцинирани, а сојот омикрон кај оваа популација се шири исто толку бргу како и кај возрасните. Во овие околности – одлуката да им се наметне и обврската да одат во колектив и да посетуваат настава во класичен начин претставува голема опасност од заразување со коронавирус, грип или обем на инфекции на оваа чувствителна популација. Според Здружението на педијатрите на Србија, ваквата одлука е медицински проблематична“, велат педијатрите на Србија.
Сметаат дека враќањето на училиште на класичен начин треба да се одложи за следните две недели додека не се добие подобар увид во текот на двете актуелни епидемии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Архиепископот Стефан: 55 години седевме и чекавме во тремот, сега имаме кој да ни нацрпи вода

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан се заблагодари на Српската православна црква и српскиот Патријарх Порфириј за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Тој посочи дека ова е историски период како и празник за сите Христијани во Македонија, без разлика на национално потекло. Тој посочи дека и предците се радуваат гледајќи ги радоста и единството.
„Верувам дека деновиве конечно е радосен и Арсениј, последниот охридски архиепископ, а и архиепископот Доситеј и патријархот Герман и сите кои искрено сакаа да ја видат возобновена Охридската архепископија. Кога некој ја чита историјата на Охридската црква, се соочува со црква која не воспоставува граници, која ниту денес не ја користи самостојноста за да се изолира, туку да стане поблиска со другите, да биде тоа што се и другите, неоткинлив и суштински дел на една апостолска црква“, посочи г.г. Стефан.
По признавањето на автокефалноста од СПЦ, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан рече: „55 години седевме и чекајќи во тремот и ненаоаѓајќи некој да се погрижи за нас. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, неговата светост српскиот Патријарх Порфириј. И еве сега имаме и кој да ни нацрпи вода. Сега и сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигнало за жетва. Црквата не е федерација од помесни цркви туку од секогаш била една и единствена, обединета од духот свет, како единствено цело на целото човешство. Нејзина цел е да го обедини човекот во себеси и да го освети“.
Обраќањето на г.г Стефан беше поздравено со аплауз од илјадниците верници во Соборниот храм. Архиепископ Охридски и Македонски кажа дека сега македонската црква не тагува туку се радува на братската љубов.
„Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекуваната вест. Затоа уште еднаш ваша свестост, Вам и членовите на Архиерскиот собор, Ви благодариме. Стоејќи трепетно во овој момент, овој свештен собор, во мене, оѕвонуваат зборовите за црквата: ‘Целата си убава и дамка нема на тебе’. Ја гледам токму убавината на црквата и длабоко ги разбирам зборовите на Апостолот на народите кој вели дека Христос е глава на телото односно на црквата, а ние сме членови на неговото тело. Затоа од длабочината на душата воскликнувам фалејќи го Бога за неговиот дар, за црквата, па велам: ‘Постојано те величаме тебе Христе, кој неискажливо ги соедини небесното и земното и ја создаде единствената црква на ангелите и луѓето’. Еве нам и денес ни се нуди таа несовршена заедница, која е чиста и долгорочна, чија чистота со ништо не се осквернува и со ништо не може да се одземе. Која е од едниот до другиот крај на Вселената.“
Економија
Грција одлучи да го плати рускиот гас во рубли, објавија агенциите

Сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлија на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли и нема да има прекини во снабдувањето, пренесуваат агенциите.
Извор од гасната индустрија во изјава за „РИА Новости“ кажал дека сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлиле на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли.
Изворот за агенцијата навел дека рокот за плаќање за испорака на гас е 25 април и дека затоа е неопходно парите да се уплатат на посебна сметка на 23 мај, бидејќи конверзија во рубли и префрлање пари од една сметка го продолжува рокот за еден до два дена.
„Потребни се два дена за да се претворат во рубли и да се префрлат пари од една на друга сметка. За да се направи ова, плаќањето во евра треба да пристигне на 23 мај“, објаснил тој.
Во Грција, трите главни увозници на руски природен гас се „ДЕПА Комерц“, „Митилинеос“, „Прометеј Гас“, пренесува агенцијата.
Според изворот, сметките се отворени а процесот на плаќање е во тек, пишува медиумот.
Коментирајќи ги објавите на грчкиот печат дека во случај на прекин на испораката на руски гас, грчките власти ќе бидат принудени да ја исклучат електричната енергија поради недостаток на капацитет, соговорникот на агенциите изјавил: „Нема да има прекин на залихи, се е во ред“.
Регион
Ердоган: Мицотакис повеќе не постои за мене

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повеќе не постои за него бидејќи за време на неговата посета на САД се обидел да ја блокира продажбата на воените авиони Ф-16 на Турција.
„Се договоривме да не вклучуваме трети земји во нашиот спор. Сепак, тој ги посети САД минатата недела и ги предупреди во Конгресот да не ни даваат Ф-16“, рече Ердоган на прес-конференција по седницата на владата.
„Тој веќе не постои за мене. Никогаш повеќе нема да се согласам да се сретнам со него. Ќе продолжиме со чесните политичари“, додаде тој.