Регион
Пеколна ноќ на Санторини: земјата не престана да се тресе, силни потреси следуваа еден по друг

На грчкиот остров Санторини синоќа беше најтешката ноќ во последните денови бидејќи 20-ина земјотреси со јачина над 4 степени според Рихтеровата скала ја тресеа областа од еден часот по полноќ.
Голем земјотрес е регистриран во 7.51 часот по локално време, североисточно од Анафи, со јачина од 4,6 степени. Половина час подоцна следуваше уште еден со јачина од 4,3 степени, а со интензитет од 4,5 е забележан нешто пред 10 часот.
Земјотресите над 4 степени според Рихтеровата скала принудија голем број жители на островот да скокнат од креветот во страв, објави „Прототема“. Најсилниот земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала се случи синоќа.
Сеизмичката активност продолжи синоќа во морската област меѓу Аморгос и Санторини.
Областа беше погодена од повеќе од 6.400 земјотреси во изминатите девет дена, што предизвика загриженост кај научниците и жителите, од кои многумина го напуштија островот.
Во вторникот беше регистриран земјотрес со јачина од 5 степени, чиј епицентар се наоѓа на 22 километра југозападно од градот Аркесини на островот Аморгос.
Според податоците на Националниот универзитет во Атина (НКУА), сеизмичката активност ги покажува карактеристиките на т.н. рој на земјотреси, име што се користи за опишување серија земјотреси, од кои ниеден не бил значително посилен од другите и не може да се карактеризира како голем сеизмички настан.
НКУА наведува дека се можни две сценарија: бројот на сеизмички активности би можел постепено да се намалува со помали потреси во текот на следните неколку месеци или ројот земјотреси може да предизвика поголем, главен земјотрес, проследен со типична секвенција од последователни потреси.
Многумина одлучија да ги напуштат островите, што доведе до голем метеж на пристаништата, но планирани се дополнителни фериботи и воздушни линии за секој што сака да ги напушти.
Од безбедносни причини училиштата на Санторини, Анафи, Иос и на Аморгос ќе бидат затворени до петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мајка и очув во Србија малтретирале 7-годишно девојче, гаселе цигари од неа

Маж и жена се уапсени во белградското предградие Палилула под сомнение дека извршиле насилство врз седумгодишно девојче.
„Нова.рс“ јавува дека надлежното обвинителство наредило С. Д. (24) и К. А. (36) да се задржат во притвор поради сомнение дека заедно извршиле семејно насилство. Набргу ќе бидат слушнати, а српските медиуми утринава објавија дека тие се мајка и очув на малтретираното девојче.
Насилството го пријавила мајката, а кога полицијата пристигнала во нивната куќа, го затекнала девојчето во многу лоша психичка и физичка состојба. Таа имала повреди на целото тело, од кои некои наводно биле предизвикани од гасење цигари на кожата.
Родителите се уапсени на самото место, а детето е пренесено на Ургентниот центар во Белград, каде што му биле констатирани тешки физички повреди, по што е пренесено во Заводот за мајка и дете. Истрагата е во тек.
Регион
Ученичка во хрватско училиште се заканувала со масакр, направила список: „Ќе добиеш куршум во челото“

Во Славонија се појави видео на кое се гледа како ученичка од осмо одделение се заканува дека ќе ги убие своите соученици и составува список на ученици, кои биле цел, дознава „24 седам“.
Здравствениот инспекторат на Министерството сѐ уште го разгледува досието на напаѓачот во загрепското училиште.
Ученичката се фотографирала со пиштол, се заканувала на социјалните мрежи, децата ги нарекувала „Непалци“ и се заканувала со крвопролевање. Наводно било иритирана што тој ден некои луѓе ја задевале во автобусот на пат кон училиште.
Училиштето ги известило надлежните, а полицијата обезбедила патрола. Ученичката е привремено суспендирана од настава на седум дена.
Неофицијално, девојчето потекнува од семејство под надзор на Центарот за социјална работа. Училиштето и полицијата сѐ уште немаат официјално соопштение, а во тек е итен состанок на надлежните одделенија.
Регион
Во Софија илјадници луѓе им оддадоа почит на загинатите во Кочани

Неколку илјади луѓе синоќа со едноминутно молчење во центарот на Софија, оддадоа почит кон жртвите од трагедијата во Кочани. Тие се собраа пред Судската палата, пренесе БГНЕС.
Кочани денеска им кажува последно збогум на своите деца кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март. 59 млади луѓе, повеќето на возраст од 14 до 25 години, загинаа во најголемата трагедија во градот.
Најголемиот дел од починатите се од Кочани, а останатите од Чешиново-Облешево, Штип, Скопје… Кочани го обзема целосен молк додека жали за својата изгубена иднина.
Илјадници македонски граѓани од целата земја со мирни собири изразија сочувство за тагата на семејствата.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна во раните утрински часови на 16 март. Загинаа 59 лица, а над 160 се повредени. Најтешко повредените се лекуваат во странство.