Регион
Петков: Бугарија сама одлучува за својата одбрана

Бугарија сама ќе одлучува за плановите за одбрана во координација со партнерите од НАТО, изјави денеска бугарскиот премиер Кирил Петков.
Тој ја повика Русија да се вклучи во дијалог со Западот за намалување на тензиите.
Петков ја даде изјавата во бугарскиот парламент реагирајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, дека безбедносните гаранции што Русија ги бара од Западот во однос на повлекувањето на странските војници, оружје и опрема важат и за Бугарија и Романија како две земји што не биле членки на НАТО во 1997 година.
„Бугарија е суверена држава, која одамна избра да стане членка на НАТО. Како таква решивме да ја организираме одбраната на нашата земја во координација со нашите партнери“, рече Петков.
Москва бараше правно обврзувачки гаранции од НАТО дека блокот ќе престане да се шири на исток и ќе се врати на границите од 1997 година.
На прашањето што значи тоа за Бугарија и Романија, кои се приклучија на НАТО по 1997 година, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Русија сака целата странска опрема и војници да се повлечат од тие земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Димитров: Северна Македонија е генетски поврзана со Србија и Русија

Проблемот со европската интеграција на Северна Македонија не е централен за бугарскиот политички државен поредок. Формално, секоја влада носи одлуки во надворешната политика.
Ова за БНР го изјави Ангел Димитров, копретседател на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања од бугарската страна. Тој цени дека нема потреба да се свикува Советот за национална безбедност на оваа тема, бидејќи, како што вели, топката не треба постојано да се префрла од една во друга институција, објави БГНЕС.
Според него, Северна Македонија го прифаќа билатералниот договор за пријателство и добрососедство како формален чин, како билет за ЕУ, а не како цврста политичка определба.
„Не треба да живееме со идејата за мимикрија на активност, за лажни сигнали дека нешто се случува кога нема резултати“, додаде тој. Според Димитров, зад избрзаните постапки на бугарскиот премиер Кирил Петков со еуфоричното убедување дека може да се одврзе комплексен јазол, очигледно стојат акции кои остануваат јавно непознати, а тоа создава тензија кај бугарското општество.
Тој нагласи дека нема ништо заедничко меѓу позицијата на Бугарија и руските интереси, а тезата е несериозна и непријатна.
„РСМ има држава која е генетски поврзана со Србија и Русија. И не може или не сака да им сврти грб. Затоа, навестувањата за бугарска позиција во служба на Русија или Србија се апсурдни. Бугарија силно ја поддржа евроатлантската интеграција на Северна Македонија за да и помогне да излезе од старата југословенска комунистичка орбита. Треба да се биде внимателен со вакви евтини политички мантри кои ја дискредитираат нашата земја“, додаде тој.
Регион
Почина поранешниот претседател на Албанија, Бујар Нишани

На 56-годишна возраст почина поранешниот претседател на Република Албанија Бујар Нишани, по сериозни здравствени проблеми, соопшти претседателската канцеларија во земјата.
„Претседателот Нишани ќе остане запаметен како личност со ретки вредности на лидер со интегритет и визија. Неговиот придонес за Албанија и демократијата засекогаш ќе се памети со почит“, напиша актуелниот албански претседател Илир Мета на својот Фејсбук профил.
Нишани повеќе од еден месец бил префрлен од болницата Шефќет Ндроќи во болница во Германија на специјализирано лекување, но во меѓувреме паднал во кома.
Бујар Нишани е роден на 29 септември 1966 година, а претседателската функција ја презеде на 24 јули 2012 година и ја заврши во јули 2017 година.
Регион
Иран ќе преземе казнени мерки против Грција поради заплената на нафта

Иран одлучи да преземе казнени мерки против Грција поради заплената на иранска нафта кај грчкиот брег, објави „Ноур њуз“.
„Ноур њуз“ – близок до највисокиот ирански орган за државна безбедност, не објави какви мерки ќе преземе Иран, пренесе „Ројтерс“.
Претходно Иран го повика швајцарскиот амбасадор, кој ги застапува американските интереси во Техеран, да реагира против американското запленување на иранска нафта од брод со кој управувала Русија во близина на Грција, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи што го пренесуваат иранските медиуми.