Регион
(Видео) Петков: Ветото ќе го поместиме, но не го укинуваме

Ветото во јуни треба да го поместиме, а не да го укинеме, истакна бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за бугарската телевиизија „Нова“. Тој ги демантираше информациите дека до јуни е договорено паѓање на ветото на Бугарија. Петков е дециден дека патот на Македонија кон Европа е во интерес и на Бугарија, но не пред да се гарантираат правата на Бугарите таму.
„ Доколку правата на Бугарите со промената на Уставот се гарантирани од ЕУ, со други зборови промената треба да биде дел од пакетот мерки вклучени во Договорот за Република Северна Македонија и нивна должност е да го сменат Уставот, на патот кон Европа, што е еден чекор напред“, рече Петков.
Тој истакна дека патот на Македонија кон Европа овој пат е поплочен со барања и обврски, јасно врамени и на тој начин, како што нагласи, тие ја користат цела Европа за да го обезбедат напредокот што го сакаат како Бугари.
„ Но, првото поглавје не може да се отвори без да се смени Уставот, потоа веќе не мора да го менуваат Уставот зашто Бугарија сака, туку затоа што тоа е нивниот договор со ЕУ, кој го дефинира патот на РСМ како земја членка“, додаде тој.
Бугарскиот премиер предупредува дека не треба да чекаат некој друг да им ја заврши работата. Тој исто така рече дека сега владата во Македонија е нормална и подготвена да ги преземе своите обврски преку европскиот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Лажните дојави за бомби во Србија стигнале од странство, на листата се и земји од Африка

Во последните неколку недели имаше низа извештаи за поставени бомби низ Србија, а и евакуации поради анонимните закани. Српското МВР по неколкумесечна истрага утврди од каде доаѓаат заканите, а тоа се неколку држави, пишува Нова.рс.
Полицијата побарала помош од Европол и Интерпол, а во следните денови треба да бидат уапсени осомничените кои се надвор од територијата на Србија. Полицијата ги идентификувала локациите на вкупно 19 електронски адреси од кои пристигнале заканувачки пораки за бомби поставени на различни локации во Србија.
Утврдено е дека осум закани дошле од Полска, по две од Иран и Нигерија, четири од Гамбија и по една од Словенија, Русија и Украина.
„Со цел откривање на сторителите на овие закани и кривично гонење, а со оглед на тоа дека се работи за странски државјани кои не живеат во Србија, во тек е меѓународна размена на податоци помеѓу МВР на Република Србија, преку Европол и Интерпол, со властите на Шведска, Литванија, Швајцарија, Руската Федерација и Унгарија, како и со ‘Гугл’“, се вели во соопштението на српското Министерството за внатрешни работи.
Обвинителството го окарактеризира случајот со дојавите како терористички акт. Само за закана од терористички е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години. Во случај некое лице да ја реализира заканата, минималната затворска казна е 10 години, а максималната е доживотен затвор, пишува Нова.рс.
Регион
Таткото на Матеј Периш: Голема благодарност до Белград и до сите што од срце се молеа за мојот син

Tелото на Матеј Периш (27), денеска, од црквата „Свети Антониј“ во Белград беше испратено во Сплит, каде што ќе биде погребан.
Телото беше во црквата од 15 часот, а во 17 часот беше oдржано испраќање на чело со белградскиот надбискуп Станислав Хочевар.
За потсетување, вчера беше потврдено дека младиот човек чие тело беше пронајдено завчера во Дунав е Матеј Периш. Српски „Телеграф“ пренесе дека ДНК-анализата докажала оти се работи за исчезнатиот граѓанин на Сплит. Причината за смртта е давење, покажа обдукцијата. Ќе се прави и токсиколошка анализа, но овие резултати се очекуваат за неколку недели.
„Би сакал да се обратам до вас новинарите, би сакал да му се заблагодарам на градот Белград за големото срце што ми го даде. Без разлика што мојот син тука го заврши својот земен живот, срцето што ми го даде Белград, граѓаните на Белград и цела Србија ми помогна многу за овие 139 дена да почувствувам човечка љубов, грижа, сочувство и сѐ што му треба на човек во вакви моменти“, изјави таткото на Матеј, Ненад Периш.
„Би сакал да се заблагодарам и до МВР на Србија, тие завршија огромна и неверојатна работа, секој контакт со нив беше, пред сѐ, човечки, а потоа професионален и таков каков што ми требаше за да го поминам овој период, а сепак да ги дознаам деталите“, рече тој.
„Благодарам на секој полицаец, началник и на сите што учествуваа во тоа. Би сакал да му се заблагодарам и на хрватското МВР и тие завршија одлична работа, благодарам. Благодарам и на Министерството на БиХ и тие учествуваа на почетокот“, изјави Ненад Периш.
„Ви благодарам на сите вас новинарите, снимателите, вашите редакции, на сите посебно. Мислам дека покажавте оти сте луѓе и дека во вакви тешки ситуации ја знаете разликата помеѓу вест и болка. Им благодарам на католичките свештеници, но и на патријархот Порфириј, очекувам дека ќе дојде сега. Со неговите епископи, владици и сите православни верници, кои со отворено срце се молеа за Матеј“, рече татко му.
Регион
Србија со поддршка за санкциите кон Белорусија

Србија ги почитувала санкциите што ЕУ ги воведе кон Белорусија во април поради ситуацијата во таа земја и вмешаноста на Белорусија во руската инвазија, пишува порталот European Western Balkans.
Станува збор за одлуката 2022/579 на Советот на ЕУ донесена на 8 април. Две недели подоцна, на 22 април, на веб-страницата на Советот било објавено дека Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија ја почитувале одлуката.
Ова е втор пат Србија да почитува санкции на ЕУ во врска со војната во Украина. Одлуката на Советот на ЕУ од 8 април наметнува секторски санкции врз финансискиот и транспортниот систем на Белорусија поради вмешаноста на земјата во руската агресија.
Официјалниот став на Белград е дека Србија ги почитува основните принципи на меѓународното право и во таа смисла територијалниот интегритет на Украина, но земјата не се вклучи во санкциите кон Русија.
Српската премиерка Ана Брнабиќ неодамна изјави дека честите дојави за поставени бомби, кои се случуваат во земјата, претставуваат притисок од странство врз Србија бидејќи земјата не вовела санкции кон Русија по инвазијата на Украина, како што тоа го направија повеќето западни земји.