Регион
Поради сушата во Грција од вештачко езеро се појави село
Урнатини од куќи на селото Калиja во централна Грција, до неодамна потопени во вештачко езеро, повторно се појавија за време на силна суша поради падот на нивото на езерото, главниот резервоар со вода за Атина.
Во вештачкото езеро Морнос, на 200 километри западно од главниот град, во последните месеци има 30 отсто помалку вода во споредба со лани, покажуваат податоците на водоводното претпријатие ЕЈДАП.
Оние кои живеат покрај езерото можат само да гледаат што се случува. Така, Јоргос Јосифидис, пензионер кој живее над поранешното село Калија, изјави дека нивото на Морноското Езеро паднало за 40 метри.
Како и повеќето локални жители, шеесетгодишниот маж морал да ја напушти својата куќа на крајот на 1970-тите кога била изградена браната што го создала езерото Морнос.
Речиси 80 куќи од селото, црква, основно училиште беа потопени за да се обезбеди водоснабдување за Атина.
Денеска поради падот на нивото на езерото кое го исполнуваат блиските реки Морнос и Евинос повторно се појавија урнатини од куќи.
„Се гледа и приземјето што остана од двокатницата на свекор ми, а до него е куќата на моите роднини“, вели Јосифидис.
Годинава се влоши сушата во Грција, по најблагата зима забележана досега во Грција, во јуни и јули беа срушени топлинските рекорди.
Селото вторпат се појавува, а првиот пат беше за време на сушата на почетокот на 90-тите години, се сеќава Јосифидис.
„Ако наскоро не врне дожд, нивото на водата ќе се намали уште повеќе и проблемот ќе биде посериозен од тогаш“, додаде тој.
Анастис Папагеоргиу, 26-годишен лекар кој живее во Амигдалија, село веднаш до Морнос, се сеќава дека во последните две години имало малку дожд и снег на блиските планини кои ги хранат реките.
„Ситуацијата е тешка, водата треба внимателно да се користи“, рече тој.
Поради ризикот од недостиг на вода, грчките власти ги повикаа 3,7 милиони жители на Атика, регионот околу Атина и дом на една третина од грчкото население, внимателно да ја следат потрошувачката на вода.
Не се воведени ограничувања, но повиците за умереност се секојдневно во медиумите и на социјалните мрежи.
Се повикуваат луѓето да не полнат кади и да ја исклучуваат славината додека ги мијат забите.
Со цел зајакнување на мрежата за снабдување, компанијата ЕИДАП одлучи да активира дополнителни извори во близина на главниот град.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис советуваше подобро управување со водите: „Не можеме да си дозволиме да ја трошиме водата како што правевме досега“, рече тој во понеделникот во централниот регион на Тесалија, кој сè уште се опоравува од последиците од поплавите во 2023 година.
„Во време кога со сигурност знаеме дека ќе имаме помалку вода, водните ресурси треба да ги заштитиме пометодично од порано“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Падна првиот снег на Балканот: студениот бран над Европа се движи кон исток
Студениот атлантски бран над Европа се движи кон исток, па на словенечка Кредарица падна првиот снег.
Невремето предизвика најмногу проблеми на словенечкото крајбрежје, но најлошите сценарија не се остварија, соопшти денеска словенечката агенција за животна средина (Арсо).
Врнежите во Словенија се уште не престануваат, а на места падна и првиот снег, но и покрај ова не се очекуваат поголеми проблеми.
За само неколку часа наврнале повеќе од 50 литри дожд на метар квадратен, а во некои случаи и стотина.
„Во Порторож во текот на летото наврнаа помалку од 100 литри дожд на метар квадратен. Значи, овие врнежи се доста големи, но ваквите врнежи не се рекордни за овој регион“, велат од Арсо.
Регион
(Видео) Драма на Кипар: млад човек се борел со брановите, силните струи не му дозволиле да исплива
Млад човек се борел за живот со брановите во Пафос, Кипар.
На Истаграм профилот на „Грчкаинфо“ се појави видео од драматични моменти во Пафос, Кипар, кое се смета за попопуларно одморалиште.
Силните струи не му дозволиле на младиот човек да исплива и го фатиле големи бранови.
„Црвеното знаме укажува на услови на висока опасност кои претставуваат голем ризик за посетителите. Ова знаме предупредува на немирно море, големи бранови, силни струи или други опасни ситуации во морето. Кога црвеното знаме ќе се подигне, предупредувањето треба да се сфати сериозно а посетителите треба да се воздржат од пливање за да се спречат сериозни последици“.
„Кога има големи бранови – не влегувајте во море! А згора на сето тоа кога на плажата е истакнато црвено знаме – потребно ли е нешто друго за да се разбере дека животот може да биде загрозен за дел од секундата?! “, стои во објавата.
Регион
(Видео) Поплава во Словенија: евакуирани деца од градинка, сообраќајот во колапс
Силна промена на времето ја зафати и Словенија. Најмногу проблеми во таа земја направија врнежите во словенечка Истра, но ја зафатија целата земја.
Словенечката агенција за животна средина (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, кое важи до петок наутро. Со оглед на тоа што може да се влошат и хидролошките услови, Цивилната заштита е во состојба на готовност.
Претпладне и попладне невреме со обилни врнежи се појави главно во западна и јужна Словенија. Над словенечкиот дел на Истра беше воспоставен дождовен појас кој беше обновен.
Севкупно, најмногу врнежи наврнаа на југозападот на земјата.
На западот на Словенија улиците се целосно поплавени, пренесуваат локалните медиуми.
Во населбата Шалара во Копер се зголемува нивото на дождовница и се заканува да ги поплави повеќето куќи. Бидејќи водата веќе ги преминува праговите, почнаа првите евакуации, но недостасува вреќата за заштита од поплави, јавуват медиумите. На подрачјето на Копер евидентирани се повеќе од сто интервенции на пожари, а ситуацијата е многу сериозна, јавува „Slovenske novice“.
Поради обилните врнежи, водата на места веќе ги поплави патиштата, а сообраќајот во Копер и неговата околина е сериозно отежнат. Возачите се предупредуваат да бидат дополнително внимателни поради отворените шахти на поплавените коловози.
Поради надојдените поројници градинката во Шалара ги повика родителите да ги земат децата, јави ТВ Словенија. Рано утрото критична била ситуацијата и во градинката во Берток до која родителите не можеле да дојдат. Влезот бил поплавен, па ги повикале пожарникарите, кои со помош на комуналната служба ги исчистиле шахтите за да може водата да истече, изјавил еден од воспитувачите.