Регион
Почина поранешниот грчки претседател Каролос Папуљас

Поранешниот грчки претседател Каролос Папуљас, кој беше на чело на државата во два мандати од 2005 до 2015 година, почина денеска на 92-годишна возраст, соопштено е во Атина.
Папуљас во два наврати беше и шеф на дипломатијата, објави „Ројтерс“.
Тој беше висок функционер на Социјалистичката партија ПАСОК и близок соработник на нејзиниот покоен лидер и поранешен премиер Андреас Папандреу.
Грчкиот претседател Катрин Сакеларопуло го пофали Папуљас за неговата улога во движењето на отпорот против нацистичката окупација во Втората светска војна и воената хунта во Грција од 1967 до 1974 година.
„ Неговото учество во националниот отпор и борбата против диктатурата ја одразува неговата континуирана посветеност на идеалите за слобода и правда што ги бранеше во текот на својот живот“, рече таа во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Рама и Курти се сретнаа во Тирана

Косовскиот премиер Албин Курти, кој денеска е во посета на Тирана, по средбите со шефот на државата Бајрам Бегај и претседателката на парламентот Линдита Никола, се сретна и со својот колега Еди Рама.
-Со мојот специјален пријател, премиерот на Косово, Албин Курти, за време на денешниот ручек на кој детално разговаравме за Охридскиот договор и натамошниот напредок во процесот на неговата имплементација, напиша Рама на Фејсбук.
На Албин му ги изразив сите мои симпатии за храброста и реализмот со кои тој направи важни чекори кон нормализација на односите со Србија. Го охрабрив премиерот да преземе понатамошни чекори, како за гаранција на српските општини во рамките на асоцијација која го гарантира самоуправувањето на српската заедница, како и функционирањето со потребните гаранции, на Српската црква во нејзините верски објекти и нејзините богослужби во Косово, уверувајќи го дека во овој не лесен процес ја има мојата целосна поддршка, пишува Рама.
Додава дека се договориле следната заедничка седница на владите на двете земји да се одржи во јуни.
Ова ќе биде деветта заедничка седница на двете влади, по онаа во јуни минатата година.
Првата заедничка седница се одржа на 11 јануари 2014 година во Призрен и беше водена од тогашните претседатели на двете влади, Хашим Тачи и Еди Рама, кои тој настан го оценија како „историски“.
За првпат заедничка седница одржаа и парламентите на двете земји на 27 ноември минатата година во Тирана ден пред одбележувањето на денот на независноста на Албанјја, 28 ноември.
Регион
Вучиќ: Предупредив дека доаѓа војна, не ми кажа Путин туку сам сфатив

Српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше за состојбите во светот. Тој вели дека Американците создаваат „нов блок во Европа, кој значително ќе ја погоди и Србија“.
„Можете да погледнете во вашата архива кога на 25 ноември 2021 година, по мојата посета на Сочи, реков дека сме во тешко време, не затоа што Путин ми кажа дека ќе има војна. Тој секогаш одвојуваше 45 минути да зборува за Украина. Тогаш не зборуваше ни три минути. Тоа ми беше доволно. Си реков – одлуката е донесена. Недвосмислено реков дека ќе има одредени промени. Само следев, слушав и ги склопив фактите“, рече Вучиќ.
„Американците создаваат блок во Европа, тие создаваат посебен блок кој не е мал, Полска, балтичките земји плус Украина. Тие пет земји се поголеми од Франција и се приближуваат кон Германија. Тогаш е јасно дека тој квинтет или секстет со Романија станува најсилен во Европа после Германија. Сакаме да се позиционираме како централноевропска земја и затоа имаме сè поблиски и поблиски односи со Унгарија. Ова ќе ја промени динамиката на нашиот однос со Европа. Сакам да веруваме дека тоа ќе биде во позитивна смисла, но за нас постојат ограничувачки фактори во однос на санкциите против Русија и Косово“, рече тој.
Регион
Денес почнува примената на Шенгенските правила на хрватските аеродроми

Аеродромите во Хрватска се подготвени да ги применат шенгенските правила, кои започнаа на полноќ. Не очекуваат гужва или застој на првиот ден, а бидејќи е и почеток на летниот ред на летови, повеќето најавуваат зголемување на сообраќајот, достигнување и надминување резултатите од рекордната 2019 година.
Како на патните гранични премини, така и на аеродромите, примената на шенгенскиот режим значи слободен проток на патници кои доаѓаат од тоа подрачје без гранични пасошки контроли. Ова ги прави многу меѓународни летови домашни, така што односот на повеќето аеродроми ќе биде приближно 70 до 30 проценти во корист на домашните летови.
Тоа значи и дека патниците кои летаат од Хрватска или за Хрватска од хрватските и европските аеродроми нема да поминат низ контрола на личните документи, туку само преку безбедносни проверки и потоа влегување во авионот.
За примена на Шенген, најголемиот аеродром во Хрватска, загрепскиот „Фрањо Туѓман“, инвестираше уште еден милион евра во работи за адаптација на просторот, очекувајќи дека преминот низ аеродромот ќе биде полесен и побрз за патниците кои патуваат или доаѓаат од земјите членки на Шенген.
Работите за адаптација кон Шенген опфатија промени на позициите на кабините за контрола на патните исправи, кои се поместуваат од третиот на вториот кат, како и нивно намалување за заминувањето на патниците бидејќи очекуваат помал патнички сообраќај на меѓународните летови во споредба со домашните. Ги проширија и коридорите за патници до мостовите за качување на домашните летови, како и приспособија различни аеродромски системи, сигнализација и друго.