Регион
Претседателката и премиерот на Косово ги отфрлија барањата на Вучиќ
Барањата на српскиот претседател Александар Вучиќ во однос на Србите на Косово не треба да се сфаќаат сериозно, изјави денеска (17 септември) косовската претседателка Вјоса Османи. Премиерот Албин Курти, пак, оцени дека овие барања се „неприфатливи“ и се дел од „агресивна кампања за нови конфликти“, пренесе РСЕ.
Османи рече дека Вучиќ навистина не сака враќање на Србите во косовските институции, туку дека само се обидува да го привлече вниманието на западните земји.
„Кога Вучиќ зборува за нивното (српското) враќање во институциите, тоа го прикажува само преку зборови и реторика со цел да го оттргне вниманието на демократскиот свет од она што всушност се случува – а, тоа се неговите напори, напорите на неговата влада и армијата, во постојана обука на паравоени сили чија единствена цел е насилство“, рече Османи.
Вучиќ во петокот презентираше неколку мерки и барања, меѓу кои и припадниците на српската заедница да се вратат во институциите што ги напуштија во ноември 2022 година. Тој побара и распишување нови избори во општините на северот на Косово, каде што моментално на власт се градоначалници Албанци бидејќи Србите ги бојкотираа последните избори.
Курти рече дека барањата и најавените мерки на Вучиќ се резултат на очај и дека „не се ниту рационални ниту мирољубиви“.
„Напротив, тие се дел од агресивна кампања за нови конфликти за кои, без сомнение, нема место во Косово“, рече Курти во првиот коментар по повикот на Вучиќ за враќање на Србите во косовските институции, што Европската унија го карактеризираше како позитивен чекор.
Во своето обраќање до медиумите, Османи изрази сомнеж дека барањата на Вучиќ се искрени и додаде дека косовските институции сепак мора да работат на тоа „сите граѓани, без разлика на етничката припадност, да бидат еднакви“.
„Тоа (недовербата во изјавите на Вучиќ) не значи дека ние како косовски институции не треба да работиме во тесна соработка со сите наши граѓани од српска националност, за тие, согласно законските процедури, да бидат присутни во сите косовски институции“ додаде Османи.
Излегувањето на стотици Срби од институциите на северот на Косово беше иницирано од Српската листа поради напорите на косовската Влада да ги укине регистарските таблички издадени од Србија за градовите во Косово. Српската листа е најголемата партија на Србите на Косово, која ја има поддршката од Белград.
Ова колективно напуштање на косовските институции, вклучително и на полицијата и на судските власти, беше поддржано од официјален Белград кој обезбеди месечен паричен надоместок за сите оние кои „останаа без работа“.
По ова, следеа бројни кризи на северот на Косово, а ситуацијата кулминираше на 24 септември 2023 година, кога вооружена група Срби ја нападна полицијата во Бањска кај Звечан, при што беше убиен еден полицаец.
Курти рече и дека барањата што претходно и ги поставил на Србија се „мирољубиви и рационални“ во споредба со барањата на српскиот претседател.
„Прво треба да разговараме за трите услови што ги поставив … предавањето на Милан Радоичиќ на косовските власти, потпишувањето на Договорот (за нормализација на односите) и повлекувањето на писмото од поранешната премиерка на Србија (Ана Брнабиќ), која рече дека не ја признава ниту независноста на Косово, ниту местото во ОН за Косово и дека не го почитува територијалниот интегритет на Косово“, рече Курти.
Минатата недела Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение за случајот Бањска против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ. Тој ја презеде одговорноста за овој напад и се верува дека е во Србија.
Во меѓувреме, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека Србија го повлекла писмото за таканаречените црвени линии испратени од Брнабиќ. Но, официјален Белград ниту ги потврди ниту ги демантираше овие наводи.
Минатата година Косово и Србија го прифатија Договорот за пат кон нормализација на односите, но неговата имплементација не е започната.
Косово инсистира овој договор да биде потпишан, иако ЕУ соопшти дека и без тоа, тој е правно обврзувачки за двете страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дрвја и кал во БиХ, местата зафатени од поплавите се непрепознатливи
По поплавите што вчера ја зафатија БиХ, најтешка е состојбата во општина Јабланица, каде што најголем број урнати згради и објекти се под вода, а истото е и во Трусина и Бутуровиќ Поље, јави телевизијата БХТ1.
Новинарка на телевизијата, која известува од терен, изјави дека овие места се непрепознатливи.
-Можеме да видиме само дрвја и вода, кал, се’ лебди на површината на водата, можеме да видиме загрижени жители, изјави таа и додаде дека веќе се започнати хуманитарни акции за помош на загрозените.
Според последните неофицијални податоци само на територијата на Јабланица како исчезнати се водат 48 лица, додека официјалните податоци велат дека по поројните поплави и свлечиштата кај Јабланица, Кониќ, Крешево и Кисељак, потврдена е смртта на 19 лица, а дека по многу други уште се трага.
Населението во погодените подрачја има потреба од итна помош, а најитни се конзервираната храна и вода во шишиња.
Патната комуникација е отежната, а на места и целосно прекината.
Во страшните поплави кои зафатија делови од Босна и Херцеговина, една од жртвите е и 29-годишна трудница од Јабланица. Брачна двојка е пронајдена гушната во одроните во Доња Јабланица, а според првичните информации почина и уште еден брачен пар од овој крај.
Регион
Страшни детали од поплавите во Босна и Херцеговина, загина трудница, а брачен пар се најдени гушнати
Во страшните поплави кои зафатија делови од Босна и Херцеговина, една од жртвите е и 29-годишна трудница од Јабланица. Брачна двојка е пронајдена гушната во одроните во Доња Јабланица, а според првичните информации почина и уште еден брачен пар од овој крај. Најмалку 21 лице го загуби животот во поплавите во БиХ, од кои 16 се сметаат за исчезнати.
„Најмалку 16 лица од областа на северна Херцеговина во моментов се водат како исчезнати, откако беше потврдено дека исто толку луѓе загинале само на подрачјето на Јабланица“, изјави премиерот на Федерацијата на БиХ, Нермин Никшиќ.
Затрупани се многу куќи, а утринава пристигна и дополнителна механизација.
Во тек е состанок на кризниот штаб за координација на спасувачките активности, а по него треба да се дознаат подетални информации за состојбата на теренот.
Најтешка е состојбата во Долна Јабланица каде се сомнева дека каменолом ја предизвикал трагедијата во населбата која е целосно затрупана со отпад од гранит.с
Регион
(Видео) 40 исчезнати во Јабланица, министер: Се плашам дека ќе се зголеми бројот на загинати
И покрај напорите на сите расположливи сили со тешка механизација, воспоставувањето на патот меѓу Мостар и Јабланица нема да биде можно до вечерва. Според последните информации, 40 лица се водат за исчезнати на подрачјето на Долна Јабланица, а на тоа место се потврдени 16 смртни случаи.
At least 14 people died, and others are missing in Bosnia and Herzegovina after heavy rain and landslides destroyed homes, roads, and bridges. The municipality of Jablanica, southwest of Sarajevo, was completely cut off.pic.twitter.com/8aBwt4cqRn
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) October 4, 2024
„Пред сè, сакам да изразам искрено сочувство до семејствата чии членови загинаа. Се плашам дека овие бројки, за жал, ќе растат. Ќе ги обновиме железницата и патиштата, но човечките животи не можат да бидат обновени“, рече министерот Тони Краљевиќ.
Краљевиќ, исто така, нагласи дека Владата на БиХ прогласи природна катастрофа и дека сите материјални и човечки ресурси се достапни за спасување.
Командантот на Штабот за цивилна заштита, Адил Шута, истакна дека приоритет е спасувањето човечки животи и дека се користат чамци за доставување помош, додека армијата и инженерските сили работат на воспоставување на коридорот.