Регион
Пуховски: „Веќе денеска во некоја кафеана може да се степаат луѓето што гласаа за Милановиќ“
Ден по убедливата победа на Зоран Милановиќ на изборите за претседател на Хрватска, раководството на ХДЗ донесе одлука премиерот и претседателот на Собранието да не одат на заклетвата на Милановиќ, односно на инаугурација.
„Зазедовме став, нема да честитаме, ниту ќе се изложиме, поради флагрантно кршење на Уставот, на апсурдна ситуација да ја слушаме заклетвата на Милановиќ кон Уставот откако тој ја прекрши во безброј наврати. Нема да одиме ниту јас ниту претседателот на Собранието“, изјави Андреј Пленковиќ во понеделникот по седницата на претседателството и Националниот комитет на ХДЗ.
Дали е политички мудра и рационална одлуката на премиерот Пленковиќ и претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ, да не одат на инаугурацијата на реизбраниот претседател Зоран Милановиќ? Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски вели дека во овој случај не се работи само за личниот конфликт меѓу ‘Зоки и Пленки’, туку за односот меѓу институциите.
„Какви и да се нивните меѓусебни односи и мотиви, за сите нас однадвор, тука се работи за односите на институциите. Па, така, владејачката партија, која го има парламентарното мнозинство, одлучи премиерот и претседателот на Собранието да не одат на таа инаугурација. Тоа се протоколарни работи за кои одлучува самиот претседател на Собранието. Но, се работи за тоа дека навистина е грд, непотребен и, пред сѐ, опасен потег“, рече Пуховски.
Тоа е, вели, продолжување на практиката што ја почна Милановиќ кога на првата инаугурација не му подаде рака на претседателот на Уставниот суд, а продолжи со неприсуството на конститутивната седница на Собранието по последната парламентарна избори.
„Тоа повеќе им одговара на малите момчиња од шесто и седмо одделение од основно училиште кога се караат во училишниот двор“, додава тој.
Дрско го нарече и одбивањето на собраниските служби да ја објават честитката што Арсен Баук како претседател на собраниската комисија за одбрана ја упати до Милановиќ.
Пуховски вели дека ја разбира фрустрацијата на луѓето во ХДЗ по тешкиот пораз, особено по неуставното однесување на Милановиќ со години, но тоа не го гледа како оправдување да играат слична игра. Тој смета дека овој потег ќе доведе до дополнителна ескалација.
Според Пуховски, Милановиќ со својот помирувачки говор во изборната ноќ ја префрлил топката на ХДЗ, каде што не се подготвени да го признаат изборниот пораз. И сето тоа го кочи функционирањето на институциите и државата.
„Не гледам што би можело да се направи понатаму бидејќи, се сомневам, Милановиќ ќе го искористи ова и ќе каже дека нема да разговара со нив во следната пригода. Се доведовме до симболичен колапс, а бидејќи тоа се живи институции кои функционираат секојдневно, тоа доведува до колапс на некои елементи од секојдневниот живот, кои се суштински за одржување на заедницата. Затоа сметам дека одлуката што ја донесе ХДЗ е целосно погрешна“.
Сето тоа создава ситуација, во која, според Пуховски, ќе се негува хулиганското однесување на Милановиќ.
„Немаме две еднакви сили во оваа битка бидејќи едната страна (извршната и законодавната власт) е објективно многу посилна, што во својот говор го призна и Милановиќ. Ние, всушност, имаме лош систем, кој инаугурира поделба на извршната власт во рамките на поделбата на власта. Тоа значи дека целиот систем зависи од пристојноста и добрата волја на двајцата актери. А систем што зависи од добра волја не може предолго да функционира ниту во локалното ловечко друштво“, забележува Пуховски.
Пуховски вели дека не гледа како ќе продолжат работите.
„Партијата, која во моментот е формално послаба (извршна и законодавна власт) би морала да се сврти кон фактот дека е реално многу посилна и да почне да се однесува како надмоќна партија. Парадоксално, тој аргумент токму во својот говор го изнесе самиот Милановиќ велејќи дека 75 проценти што ги добил на изборите ги имало само во неделата. Тоа беше еднократна ситуација, тоа се случи дури тогаш. Веќе денеска можно е луѓето, кои во неделата гласале за Милановиќ, да се степаат некаде во кафeана. Ги собра незадоволните од сите страни: и оние што имаат премногу ХДЗ и оние што имаат премалку ХДЗ. И се чини дека ХДЗ не е во состојба да прифати дека сè уште е водечка сила во државата, дека треба да го диктира темпото и да го прифати повикот на Милановиќ за соработка и да види до каде може да оди“, тврди Пуховски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

