Регион
Радев: Бугарија безусловно го поддржува почетокот на преговорите со Албанија

Бугарија кажува недвосмислено „да“ за Албанија за почеток на разговорите, изјави претседателот Румен Радев на заедничката прес-конференција со албанскиот колега Илир Мета, кој е во официјална посета на Софија, јави репортерот на БГНЕС.
„Бугарија и Албанија не се само сојузници, ние сме пријатели и значаен придонес за тоа е значајното бугарско национално малцинство во Република Албанија“, рече Радев на почетокот на прес-конференцијата и истакна дека Бугарија и Албанија имаат заедничка визија за иднината на регионот како сојузници и партнери.
„Конечно најдовме директна воздушна врска меѓу Тирана и Софија“, истакна Радев.
Претседателот истакна дека главна тема на разговорот меѓу двајцата е проширувањето на ЕУ и интеграцијата на Западен Балкан.
„Бугарија безусловно го поддржува почетокот на преговорите со Република Албанија“, рече Радев.
Тој рече дека двајцата, исто така, ја осудуваат војната во Украина и повикаа на меѓународна истрага за злосторствата во Буча.
Има долго одложување на Коридорот бр. 8, додаде Радев, потсетувајќи на меморандумот меѓу Бугарија, Северна Македонија и Албанија. Овој проект е од клучно значење за економскиот развој на нашиот регион, рече бугарскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватскиот суд донесе историска пресуда – геј-паровите од сега ќе може да посвојуваат деца

Вишиот управен суд на Хрватска ја отфрли жалбата на надлежното Министерство и им овозможи на истополовите парови да може да пристапат до процената за посвојување деца, а како што се наведува, тие не може да бидат дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација.
Според организацијата Rainbow Color, судот го отфрлил аргументот на Министерството дека истополовите двојки не треба да пристапуваат кон процената за посвојување деца поради целта „заштита на интересите на детето“.
Оваа одлука судот ја донел во случајот со партнерите Младен Кожиќ и Иво Шегота, на кои сега им е дозволено да присуствуваат на постапката за посвојување дете, е соопштено на прес-конференцијата во Загреб, пренесоа хрватските медиуми.
Кожиќ и Шегота пред шест години се пријавиле во центарот за социјална заштита во желба да станат посвоители, но во два наврата биле одбиени бидејќи се во животно партнерство. По долга правна битка во 2020 година, тие успешно станаа згрижувачки родители на две деца.
Минатата година првостепениот управен суд донесе одлука дека тие може да станат и посвоители, а по жалбата на Министерството, одлуката на Вишиот управен суд, конечно, ги отстрани сите дилеми.
Шегота и Кожиќ на новинарите, меѓу другото, им рекоа дека се изгубени шест години и дека, како што велат, тоа е во духот на политиката.
„Шестте изгубени години на тие деца одат во духот на политиката, која е во име на одбрана на т.н. традиционални вредности, таа беше подготвена да го погази правото на семејство на деца што општеството го заборави“, изјавија Шегота и Кожиќ.
Организацијата Rainbow Colors објави дека оваа пресуда има далекосежни последици за правата на ЛГБТИК-лицата и истополовите парови во Хрватска.
Регион
Словенечкиот парламент го потврди Роберт Голоб за премиер

Словенечкиот парламент го потврди назначувањето на лидерот на Движењето за слобода, менаџерот Роберт Голоб, за премиер, кој парламентарците треба да го изберат следната недела.
Во средата за Голоб гласаа 54 пратеници, 30 беа против, а еден глас беше неважечки.
Пред гласањето Голоб изјави дека врз основа на големата доверба што му ја дале на изборите на 24 април, сака да им даде на Словенците надеж за подобра иднина и да им ја врати животната радост, пренесе „Хина“.
Регион
Словенечкиот парламент денеска ќе гласа за мандатарот на идната влада, Роберт Голоб

Словенечкиот парламент денеска ќе гласа по предлогот за назначување на Роберт Голоб за мандатар на новата влада, што е прв чекор кон формирањето на извршната власт во земјата по изборите одржани на 24 април.
Голоб вчера го потпиша однапред усогласениот коалициски договор меѓу неговата партија Движење слобода со социјалдемократите на Тања Фајон и Левицата на Лука Месец изјавувајќи дека предвидените процедури за формирање и почетокот на работата на новата влада ќе бидат завршени веќе наредната седмица.
По потпишувањето на коалицискиот договор, Голоб рече дека бргу биле усогласени целите на работењето на новиот кабинет, но посочи дека со оглед на брзите промени на околностите, во иднина ќе биде неопходно постојано приспособување.
„Знаеме каде сме и каде сакаме да одиме, ќе реагираме на околностите“, рече идниот премиер наведувајќи ги притоа мерките поврзани со поскапувањето на енергијата и на храната и здравствените мерки со оглед на можен нов бран на Ковид-19 наесен.
Се очекува Голоб на собраниската седница да каже повеќе за акцискиот план на идната влада.