Регион
Радев: Францускиот предлог е чекор во вистинската насока, но уште голем број прашања треба да се разјаснат пред да се укине ветото

Предлогот на француското претседателство е чекор во вистинската насока, но остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев.
„Барањето за вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ мора да се направи пред почетокот на преговорите. Но, не помалку важни се јасните механизми и мерливите критериуми за искоренување на десетгодишната политика на дебугаризација, кражбата и фалсификувањето на бугарската историја, како и за обновување на уништените споменици и за зачувување на бугарското културно наследство, искоренување на говорот на омраза, рехабилитација на жртвите само затоа што се нарекувале Бугари“, додаде Радев, пренесе БГНЕС.бг.
Тој рече дека Владата на Петков не успеала да подготви бугарски предлог, па сега поднесува француски, насочувајќи го кон бугарското собрание без да каже свој став.
„Премиерот не може да поднесе странски предлог без свое мислење. Тој не е курир, туку премиер“, додаде Радев.
Тој очекува бугарската влада да ги разјасни овие прашања, да побара јасни механизми и гаранции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ердоган предлага смртна казна за оние што подметнуваат пожари

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи воведување смртна казна за одговорните за подметнување шумски пожари.
„ Каква казна треба да биде тоа? Смртна казна? Мислам дека тоа треба да се казнува со смрт“ изјави Ердоган пред новинарите собрани во одморалиштето Мармарис, погодено од пожар, во југозападната провинција Мугла.
Пожарот во Мармарис, кој беснее од вторникот, изгоре 4.000 хектари, а 435 луѓе се евакуирани.
Денеска судот во Мармарис испрати во затвор маж кој „признал“ дека го подметнал пожарот по семејна расправија, јави Анадолија.
Туркије ја укина смртната казна во 2002 година, па пред Ердоган да донесе конечна одлука, таа прво треба да биде изгласана во Парламентот.
Регион
Петков го повика Ковачевски да се охрабри и да го прифати компромисот

Бугарскиот премиер Кирил Петков го повика својот македонски колега Димитар Ковачевски да биде храбар и да го прифати компромисот предводен од Франција, кој ќе ја отвори вратата за Скопје да започне формални преговори за членство во ЕУ.
Но, Петков призна дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, исто како што самиот Петков се соочи – и изгуби – со гласање за доверба на неговата влада во средата.
„ На крајот на денот, знам дека е многу политички тешко“, рече Петков во интервју за „Политико“ во Брисел.
„ И знам дека ризикот од соборување на владата е голем ризик“, продолжи тој.
„ Како политичар треба да се одлучи, која е мојата цел на ова место? Дали мојата цел е да бидам стабилен? Или мојата цел е да ја водам нацијата – да направам чекор напред. И мислам дека ова е одлуката, што сега треба да ја донесе Димитар Ковачевски. Да бев јас на негово место, немаше да мислам два пати. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро … достигнување за еден премиер. Но, потребна е храброст“ порача Петков.
Бугарскиот премиер е во Брисел за да присуствува на самитот на Европскиот совет, каде Бугарија е под остри критики за попречување на пристапните преговори на Северна Македонија, не само од Ковачевски и од другите лидери од Западен Балкан, туку и од некои од највлијателните шефови на држави и влади на ЕУ.
„Дали е фер во однос на Северна Македонија? Ќе кажам многу искрено: не“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон за печатот на самитот на лидерите на ЕУ. „ Ова е и причината зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија овие последни месеци“ додаде тој.
Макрон го пофали Петков, за кого рече дека „направил сè“, но тој истакна дека Северна Македонија е жртва на внатрешната политика на Бугарија.
Петков инсистираше на тоа дека ја покажал потребната политичка храброст за да се бори против вкоренетите интереси, да ја запре корупцијата и да се заложи за договор со Скопје.
Регион
Петков: Бугарскиот парламент донесе историска одлука

Бугарскиот парламент донесе историска одлука, објави бугарскиот премиер Кирил Петков на Твитер.
„ Денеска, бугарскиот парламент донесе историска одлука со која се дава зелено светло на францускиот предлог за пристапување на Северна Македонија во ЕУ“, напиша тој, нагласувајќи дека „интеграцијата на Западен Балкан е од стратешки интерес за Европската унија.
Народното собрание претходно денеска гласаше за предлог-резолуцијата со цел да се реши спорот меѓу Софија и Скопје и да се отвори патот за европска интеграција на Македонија. Тој беше усвоен со 170 гласа „за“.
Предлог-одлуката, поднесена од Христо Иванов и „Демократска Бугарија“, се заснова на предлогот на француското претседателство и се надоврзува на него за што повеќе да се заштитат бугарските интереси. Овој документ е многу близок до другата предлог-одлука предложена од ГЕРБ и поддржана од партијата на Бојко Борисов, пренесува БГНЕС.