Регион
Руските власти проверуваат информации за учество на тинејџери на протестите за пари
Институциите за спроведување на законот поседуваат информации дека некои лица им нуделе паричен надомест на малолетници и тинејџери за учество во неделните московски протести по кој опозициски челник Алексеј Навални беше осуден на 15-дневен притвор, изјави во понеделникот за новинарите портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Постојат информации дека на малолетните учесници на протистите во Москва, доколку бидат приведен од страна на органите за одржување на редот, им биле ветувани парични награди“, изјавил портпаролот на Кремљ, кого го цитира агенцијата ТАСС и додал дека „Постојат одредени докази за тоа“.
„Доколку органите на редот и законот сметаат дека е потребно, тогаш, можеби, некои од овие потврди на ваквите наводи ќе ѝ бидат претставени на јавноста“, рекол Дмитриј Песков.
Портпаролката на рускиот Истражен комитет, исто така, изјавила дека истрагата располага со оперативни сознанија за понуда за парични награди за оние коишто ќе бидат притворени на непријавениот масовен собир во неделата на 26-ти март во Москва, и тоа не само за тинејџери, туку и за други учесници на протестот.
„Во моментов иследниците од Главната управа за истраги особено го истражуваат наводите по ваквите информации“, рекла портпаролката Светлана Петренко.
Според Песков, Кремљ не е загрижен од можноста за повторување на протестите, туку поголема грижа предизвикува веројатноста дека одредени сили ќе се обидат да манипулираат со граѓанските активисти за свои лични цели.
„Тоа не е она што предизвикува стравување. Ние стравуваме дека некој ќе продолжи да ги користи граѓанските активисти, луѓето коишто се занимаваат со граѓански активитет, за свои лични цели, повикувајќи ги граѓаните на нелегални и неодобрени собири. Тоа е она што предизвикува загриженост, а манифестирањето на граѓанската активност и одржувањето на различните активности кои се во согласност со законот не предизвикуваат стравувања“, изјавил портпаролот на Кремљ.
Песков потсетил дека власите со граѓанското општество во Русија водат доста активен дијалог низ најразлични канали и на различни нивоа. Истакнал дека и самиот претседател (Владимир Путин) многу активно комуницира со лица од различни професии, коишто се ангажирани во различни области од општеството.
„Во рамките на тој дијалог постојано се остварува размена на информации и се овозможува да се дознаат кои се проблемите на граѓаните, од што тие се незадоволни, и како тие ги оценуваат позитивните остварувања на властите“, заклучил претставникот на Кремљ.
Песков во продолжение на новинарите им посочил дека властите го почитуваат правото на граѓаните на протесни митинзи, но во форматот кој не е во спротивност со постојното законодавство.
„Кремљ ја почитува граѓанската позиција на луѓето и нивното право да ја изразуваат својата граѓанска позиција. Со почитување се однесува кон оние случаи кога граѓанската позиција се изразува во онаа форма којашто е одредена со законот, на оние места кои се пријавени и во согласност со нашите закони“, рекол Песков.
„И во иднина тоа ќе биде овозможено за оние кои тоа го сакаат, кои сакаат да дејствуваат целосно во согласност со нашето законодавство. И никогаш немало пречки за ова прашање“, додал портпаролот на рускиот претседател
Истовремено, Песков ги нарекол „намерни лаги и провокации“ наводите на организаторите на наводниот протест против корупцијата од неделата бил навремено пријавен и имале дозвола од московските власти.
„Всушност, она што го видовме вчера на некои места, особено во Москва, претставуваат провокација и лаги. Оние коишто во пресрет на настанот на многу софистициран и псевдоакадемски јазик говореа дека собирот е легален и во никој случај не противречи на законите, зборува чисти лаги“, додал Песков.
Потсетил дека протестот во руската престолнина не бил договорен, градските власти навремено им предложиле две алтернативни локации на организаторите, за одржување и на собирот и на поворката. Двете локации биле одбиени од организаторите на настанот „фактички намерно ги навеле луѓето на неодобрено место“, додал Песков.
Посочил дека во протестот во Москва се одржал на локација која не била договорена, ниту во посочениот временски период, со што се предизвикал сообраќаен метеж и била загрозена безбедноста на граѓаните, покрај тоа што собирот не може да се смета за легален.
„Жалиме што активистите не сакале, најверојатно, во голема мера поради неинформираност, да ги користат алтернативните локации. Во иднина, секогаш за оние коишто тоа ќе го сакаат ќе биде можно да се изразат во потполна согласност со нашето законодавство. Никогаш немало пречки за такво нешто“, рекол.
Песков истакнал дена нема да бидат игнорирани барањата на граѓаните коишто ќе бидат истакнати за време на легално организираните протести.
„Во некои градови, собирите беа одобрени, тие имаа дозволи и се одржаа според одредбите од законот (за масовни собири) без никакви испади. Во овие случаи, се разбира, слоганите, барањата коишто беа истакнати, критиката којашто беше изразена, ќе бидат земени предвид“, истакнал Песков.
Притоа не сакал да дава оцена за масовноста на неделните протести. „Правиме споредби и процени од што произлегуваат. Во Кремљ многу трезвено се анализира учеството на вчерашната акција и не се наклонети ниту да ја минимизираат, ниту да ја преувеличуваат нејзината масовност“, рекол Песков.
Истакнал и дека претседателот Путин е исцрпно информиран за активностите на протесните собири, одговарајќи на новинарско прашања дали шефот на државата е во тек со митинзите одржани изминатиот викенд.
„Се разбира, претседателот се информира на дневна основа. Не можете да го одвлекувате вниманието од тоа што вчера во престолнината се случи обид за одржување нелегален собир. Да ги нарекуваме нештата со нивните вистински имиња. Сигурно дека за тоа е известен претседателот“, одговорил Песков.
Кремљ, исто така, смета дека е погрешна претпоставката за тоа дека властите можат да ја ограничат информираноста на граѓаните преку телевизиските канали за настаните од изминатиот викенд во неколку градови во кои се одржаа протесни собири.
„Апсолутно е неточно да се зборува дека наводно информацијата за протестите била ограничена или искривоколчена“, одговорил Песков.
На прашањето како телевизиите ги покривале овие протести, портпаролот одговорил дека Кремљ „не ја прави уредувачката политика на телевизиските канали. Телевизиите прикажуваат она што тие го сметаат за важно и значајно“, рекол. Песков притоа истакнал и дека граѓаните „добиваат информации за настаните благодарејќи и на други извори, чијшто спектар е многу широк“.
„Информации има во изобилство, тие се апсолутно слободни и во нивното распространување, па оттаму не постојат никакви причини за стравувања или загриженост во овој поглед“, заклучил Песков./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ердоган ги спореди израелските напади во Газа со геноцидот во Сребреница
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска по разговорот со претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ изјави дека Израел ќе одговара за злосторствата во Газа, споредувајќи ги со геноцидот во Сребреница.
„За жал, денес во Газа и на окупираните палестински територии сме сведоци на сличен масакр што беше извршен пред очите на целиот свет во Босна и Херцеговина во 1990-тите“, рече Ердоган, кој денеска го прими Беќировиќ во Истанбул.
Тој додаде дека Израел ќе биде кривично гонет за убиствата на повеќе од 41.000 Палестинци во Газа, вклучително и турскиот активист Ајсенур Езги Ејги, кој беше убиен на Западниот Брег минатата недела.
„Сторителите на геноцидот во Газа, како оние во Сребреница во 1995 година, ќе одговараат пред меѓународните судови“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Турција ја спонзорирала Резолуцијата на ОН за осуда на геноцидот во Сребреница и дека таа земја се залага за стабилноста на Босна и Херцеговина. Тој ги повика властите во БиХ да се приклучат во борбата против движењето ФЕТО, сметајќи дека таа организација е терористичка.
Фето е движење на Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник, а сега противник на претседателот Ердоган, кого го смета за виновен за обидот за воен удар во јули 2016 година. Беќировиќ рече дека пријателството меѓу Босна и Херцеговина и Турција е нераскинливо.
„Република Турција е докажан пријател на Босна и Херцеговина и една од најсилните членки на НАТО алијансата и затоа, меѓу другото, нејзината поддршка за Босна и Херцеговина е исклучително важна“, нагласи Беќировиќ.
Регион
Двe лица се удавија во Будва и Бар, холандски турист спаси жена и дете од разбрануваното море
Две лица се удавија во петокот вечерта во Будва и Бар, јавија денеска црногорските медиуми, повикувајќи се на полициски извори.
Едно лице се удавило во градот Дробни Пијесак кај Будва, соопшти Управата за поморска безбедност и управување со пристаништа (УПСУЛ), пренесува порталот ЦДМ. Удавеникот, како што се наведува во соопштението, бил извлечен од спасувачкиот чамец САР-5 заедно со екипажот на УПСУЛ и членови на Секторот за гранична полиција.
Претходно синоќа се удави и украинскиот државјанин О.Ј. (36) во морето кај Бар, пренесува порталот Бар инфо. Спасени биле сопругата и детето.
„Семејството на давеникот е спасено, благодарение на холандски државјанин кој скокнал во брановите за да им помогне, а потоа биле испратени во Општата болница во Бар за медицинска помош“, изјавија од полицијата за Радио Бар и Бар Инфо.
УПСУЛ предупреди дека е на сила црвен метеоролошки аларм и предупредување за многу силни ветрови кои создаваат големи бранови и силни струи.
И покрај ова предупредување, на плажите беа забележани капачи кои влегуваат во морето и на тој начин ги ризикуваат своите животи, но и животите на припадниците на службите кои ги спасуваат на многу турбулентен, карпест и непристапен терен.
Вакви и слични ситуации се повторуваат со години и, за жал, резултираат со непотребна загуба на човечки животи, а УПСУЛ ги повикува капачите да бидат многу внимателни во наредните денови за да се избегнат непотребни несреќи и давење, се заклучува во соопштението.
Од УПСУЛ потсетуваат дека граѓаните и туристите можат да се јават и да пријават каква било ризична ситуација на море директно на бесплатниот број 129 или преку мобилната апликација safesea.me.
Регион
(Видео) Во БиХ падна првиот снег
Во Босна и Херцеговина падна првиот снег на планините Бјелашница, Јахорина и Влашиќ. До утрово остана само на Јахорина, покажуваат веб-камерите.
Според прогнозите на Федералниот хидрометеоролошки завод денеска во БиХ ќе биде претежно облачно.
Претпладне се очекуваат врнежи од дожд низ земјата, а на планините можен е и слаб снег.
Вака изгледаше Бјелашница синоќа.