Регион
САД бараат кривично гонење на одговорните за прославата на неуставниот ден на Република Српска
САД очекуваат истрага и казнување на сите оние што ги прекршуваат законите на Босна и Херцеговина, вклучително и пресудите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој прославувањето на 9 јануари за ден на Република Српска го прогласи за неуставно, соопшти американската амбасада во Сараево.
„Уставниот суд на Босна и Херцеговина во повеќекратните пресуди јасно укажа дека одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари е противуставно. Не станува збор за славење празник, туку за одлука тоа да се направи на 9 јануари. Поврзувањето на прославата со православен верски празник прекршува неколку одредби од Уставот на БиХ, кои забрануваат дискриминација. Ова е прашање на право, а не на мислење“, се вели во реакцијата на Амбасадата на социјалната мрежа „Икс“.
Американската амбасада потсети дека почитувањето на одлуките на властите на ниво на БиХ, вклучително и на Уставниот суд, е обврска на двата ентитета, што произлегува од Дејтонскиот договор. Испрати покана до судските власти во БиХ да постапат врз основа на одредбите од Кривичниот законик, кој непослушноста на одлуките на Уставниот суд ја дефинира како кривично дело за што е пропишана затворска казна и предупреди дека САД ќе реагираат кога ќе сметаат дека е потребно.
„САД дејствуваа за да се справат со ваквите антидејтонски акции во минатото и нема да се двоумат да го сторат тоа повторно“, се вели во соопштението објавено еден ден откако американските борбени авиони „Ф16“ извршија воена вежба над воздушниот простор на БиХ и ja прелетаа Бања Лука додека таму траеше академијата на Додик.
Во декември и високиот претставник за Би, Кристијан Шмит, го повика Обвинителството на БиХ да реагира и да ги гони сите функционери што покажуваат дека не ги почитуваат пресудите на Уставниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Момчето од „Рибникар“: „Да го немав пиштолот на татко ми, немаше да го направам масакрот“
„Да го немав пиштолот на татко ми, немаше да го направам масакрот. Оружјето ми беше на дофат“, ова, како што пренесува „Телеграф“, повикувајќи се на неофицијални информации во Специјалниот суд, го изјавил К. К. (14) додека сведочел во постапката против родителите Милјана и Владимир Кецмановиќ.
На овој начин, како што анализира медиумот, момчето ја префрлило одговорноста за масовното убиство во училиштето на својот татко.
Негативно зборувал и за мајката Милјана Кецмановиќ велејќи дека таа „постојано барала тој да биде најдобар во сè“. Како што наводно рекол, Милјана Кецмановиќ „се лутела кога не бил најдобар во нешто и го карала“ и истакнал дека токму однесувањето на мајка му го поттикнало масовното убиство.
Момчето на 3 мај минатата година во масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет ученици и училишниот чувар, а денеска првпат се појави пред семејствата на убиените деца.
Следното рочиште е закажано за 17 октомври во зградата на Специјалниот суд во Белград.
Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжи судењето на неговите родители Милјана и Владимир Кецмановиќ со распит на К. К., момчето што го изврши масовното убиство на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“. Нему му поставуваа прашања судијата, обвинителот, адвокатите на оштетените и прашања на еден член од семејствата на убиените, пренесува медиумот.
К. К. е изнесен денеска првпат од установата во која е задржан по кривичното дело.
Судењето продолжува на 17 октомври кога треба да продолжи распитот на К. К.
Регион
На хрватска граница запрена пратка со краставици од Србија: содржела зголемено ниво пестициди
Поради поголемо количество на пестицидот хлорпирифос од дозволеното, на хрватската граница е запрена пратка со зеленчук од Србија и е испратена на уништување, објави RASFF, европскиот систем за брзо предупредување и информации за храна.
Примерок од пратката со краставици од Србија е земен на 30 септември на хрватската граница и, како што е наведено на веб-страницата на РАСФФ, во него се откриени остатоци од пестициди поголеми од дозволената количина – 0,060 милиграми хлорпирифос на килограм (ppm), а дозволената количина е 0,01 милиграм на килограм (ppm).
Како што е наведено, на производот му е дозволено да патува до својата дестинација под царински пломби, а преземената мерка е уништување.
Пестицидот хлорпирифос (Хлорпирифос) е, инаку, забранет за употреба, а ова не е првпат да биде откриен во пратките со храна, пренесуваат медиумите во регионот.
Потсетуваат дека во август минатата година на хрватската граница во пратка со праски пристигната од Србија беше пронајдено високо ниво на пестицидот хлорпирифос, па стоката му беше вратена на испраќачот. Исто така, Германија во мај годинава од пазарот повлече и сув вргањ по потекло од Србија. Како што тогаш објави RASFF, во овие печурки биле пронајдени остатоци од пестицидот хлорпирифос. Остатоци од пестицидот хлорпирифос во суви печурки од Србија се пронајдени во количина од 0,18 ± 0,09 милиграми на килограм.
Регион
Aдвокатите по сведочењето на малолетниот убиец: од „Рибникар“: едно од најстресните рочишта во кариерата
Во Специјалниот суд заврши денешното рочиште од кривичната постапка против Милјана и Владимир Кецмановиќ, мајката и таткото на момчето, кое на 3 мај минатата година го изврши стравотниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“. Продолжението на сведочењето на малолетниот убиец е закажано за 17 октомври, пренесуваат медиумите во соседството.
Дека денеска сведочеше малолетниот убиец, потврдија адвокатите, кои ја напуштија зградата на Специјалниот суд. Сепак, тие не сакаа да ги откријат деталите од неговата изјава.
„Преку прашањата што му беа поставени денеска не го дознавме мотивот и зошто тоа се случило, но мислам дека неговата денешна изјава оди во насока оти ќе се дознае. Неговото рочиште не е завршено и ќе продолжи на 17 октомври во истата зграда“, рече Огњен Божовиќ и додаде дека не смее да каже ништо повеќе со оглед на тоа што постапката е затворена за јавноста.
Адвокатката Зора Добричанин-Никодијевиќ по судењето изјави дека е задоволна од денешното рочиште и од сето она што денеска го дознале при сведочењето на момчето убиец.
„За време на сведочењето дознавме многу нови детали, но за тоа не можам и не сакам да зборувам“, изјави Зора Добричанин Никодијевиќ.
Ирина Боровиќ, која заедно со својот татко Боривој Боровиќ ги застапуваа Милјана и Владимир Кецмановиќ, по рочиштето изјави дека јавноста најмногу ја интересираат причините поради кои се случил овој трагично неразбирлив настан.
„Во оваа кривична постапка, ниту во која било друга постапка што се води во овој момент, ниту во оваа судница, ниту на кое било друго место, ние нема да ја дознаеме причината за овој трагичен настан. Сите причини се длабоко некаде во душата на тоа момче, кое, за жал, извршило злосторство, а пред тоа живеело сосема нормален и обичен живот од гледна точка на сите што го познаваат“, изјави Ирина Боровиќ.
Судењето беше затворено за јавноста, а ова беше првпат малолетниот убиец да ја напушта специјализираната детска установа во која се наоѓа од 3 мај минатата година. Тој денеска околу 9 часот со болничко возило на брзата помош во придружба на полиција бил донесен во судот.
Тој не одговара кривично за делото што го сторил на 3 мај минатата година бидејќи во моментот на делото имал 13 години.
Медиумите потстеуваат дека татко му Владимир Кецмановиќ е обвинет дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност, со оглед на тоа што детето 13 години го носел на стрелиште и го учел да пука, оружјето не го чувал соодветно, а го имал во својот дом.
Мајката на момчето се товари за кривично дело недозволено држење, носење и тргување со оружје имајќи предвид дека нејзината ДНК-трага е пронајдена на еден од патроните во училишната училница, како и на лентата за коса со која било врзано шишето во кое нејзиниот син го правел „молотовиот коктел“, се наведува во написите.