Регион
Сведочеа повредената наставничка по историја и дадилката на малолетниот убиец од Рибникар: продолжи судскиот процес против родителите на Кецмановиќ
Со распит на сведоци продолжи судскиот процес во кривичната постапка против родителите на момчето кое лани го изврши масовното убиство во ОУ „Владислав Рибникар“.
Сведоци беа наставничката по историја која беше ранета во масовното убиство и дадилката на малолетното момче кое го изврши масовното убиство, пишува Н1.
Деталите од нивното сведочење не се познати, бидејќи оваа постапка е затворена за јавноста.
По кратката пауза која беше одредена, треба да сведочи судскиот вештак кој ја вештачи ДНК-трагата пронајдена на чаурата во училиштето по масакрот.
Во оваа постапка обвинет е и Ратко Ивановиќ, претседател на стрелачкиот клуб „Партизан“,каде како што тврди обвинителството, Владимир Кечмановиќ го однел својот син на вежбање стрелање.
Тој беше обвинет за лажно сведочење во текот на истрагата.
Иако Ивановиќ во текот на постапката пред судот во јуни 2024 година ја негираше вината, само две недели подоцна склучи договор со обвинителството, сепак ја призна вината и беше осуден на пет месеци домашен притвор.
Медиумите потсетуваат дека Обвинителството првично предложи затворска казна од три години.
Покрај него, според написите, обвинет е и Немања Маринковиќ, инструктор во клубот „Партизан“. Како и во случајот со претседателот и сопственик на стрелачкиот клуб, тој исто така ја негираше вината пред судот, а беше обвинет и за давање лажен исказ.
Во оваа постапка претходно биле вклучени Владимир Кецмановиќ, таткото и Миљана Кечмановиќ, мајката на малолетниот Коста кој извршил масовно убиство, ја негирал вината и изнел одбрана. Тие одговараа на прашањата на обвинителството, адвокатите на одбраната, како и членовите на повредените семејства, но не одговорија на прашањата на нивните бранители.
Обвинителството го товари таткото на момчето за тешко дело против општата безбедност и за него бара затворска казна од 12 години.
Мајката на момчето се товари за недозволено поседување оружје и муниција, а Обвинителството за неа бара две и пол години затвор.
За случајот „Рибникар“ во тек е една кривична и пет граѓански постапки. Кривичниот предмет го покрена Вишото јавно обвинителство во Белград, а граѓанската постапка ја покренаа семејствата на жртвите во масовното убиство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Запалени фигури на политичари: албанските пратеници од опозицијата протестираа во Собранието
Пратениците на албанската опозиција денеска протестираа во Собранието, палејќи фигури на политичари, а потоа се судрија со обезбедувањето, откако нивниот колега Ервин Салијањи беше осуден на затворска казна за клевета.
Пратениците на конзервативните демократи кои повикаа на бојкот на денешната седница се обидоа да им го блокираат влезот во салата на своите колеги од владејачката Социјалистичка партија, пренесува АП.
Chaos has continued in the #Parliament in #Albania. Prime Minister #EdiRama's party on Wednesday expelled 23 opposition MPs, who will no longer be able to participate in parliament for 60 days. this has fueled clashes between the majority and opposition groups in parliament. pic.twitter.com/GotXgfHyd1
— Isa Myzyraj (@IsamyzyrajAlb) October 3, 2024
Салијањи во 2018 година побара оставка од тогашниот министер за внатрешни работи поради обвинувања дека братот на министерот извршил незаконски активности, кои подоцна се покажаа како лажни, анализира медиумот.
Демократите ја прекинаа парламентарната седница во понеделникот, велејќи дека осудата на Салијањи е политички мотивирана и повикаа на протести во Тирана.
Пратениците денеска се скараа со обезбедувањето и ги запалија фигурите на премиерот Еди Рама и министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај.
Откако не влегоа во салата, пратениците од опозицијата го прекинаа протестот, а социјалистите ја затворија седницата и си заминаа.
Демократите долго време го обвинуваат Рама за злоупотреба на власта.
Рама ги предводеше социјалистите од 2005 година и моментално е во третиот премиерски мандат.
Следната година во Албанија треба да се одржат парламентарни избори, пренесува Танјуг.
Регион
Вучиќ: На 24 ноември ќе ја отвориме брзата пруга Нови Сад – Суботица; За две години Белград-Будимпешта за 2 часа и 40 минути
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави дека на 24 ноември ќе биде отворена новоизградената делница на брзата пруга од Нови Сад до Суботица.
Вучиќ, за време на тестирањето на пругата со специјален воз на германските железници, рече дека кога ќе се отвори пругата, од Белград до Суботица ќе бидат потребни само еден час и 10 минути.
Тој додаде дека при денешното тестирање на брзата пруга, возот ќе достигне брзина од 200 километри на час, пренесуваат медиумите во регионот.
„Денес имавме тешка дискусија со мисијата на ММФ, но на добар пат сме. А утре или задутре ќе имаме одлични вести за Србија. На тоа се надеваме со децении“, рече Вучиќ. пренесува Танјуг.
Вучиќ изјави дека изградбата на брзата пруга од Нови Сад до Суботица е голема работа за цела Србија и дека очекува Унгарија да го заврши својот дел од пругата за две години, кога ќе биде потребно два часа и 40 минути за патување од Белград до Будимпешта.
За време на тест возењето од Белград до Суботица, Вучиќ рече дека по поврзувањето со Будимпешта, Србија очекува понатамошни врски преку Ниш до Солун, како и со Истанбул, но дека за тоа е потребно да се обезбедат пари.
„Со изградбата на оваа пруга се се менува. Со поврзувањето со Будимпешта очекуваме зголемување на бројот на туристи“, изјави Вучиќ.
Зборувајќи за изградбата на пругата, Вучиќ рече дека се е направено по највисоки стандарди, дека пругата е изградена за да нема бучава при возењето и дека станиците на трасата се многу добро уредени.
Регион
Пет училишта во Сараево добија дојава за бомба: во тек е евакуација и увид
Денеска, во пет училишта во Сараево пристигнале дојави за подметнати бомби, потврди портпаролката на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево, Мерсиха Новалиќ.
Како што пренесува сараевскиот портал „Кликс“, извештаите за поставени бомби стигнале до Високата музичка школа, Гимназијата „Обала“, Средното училиште за применета уметност и Електротехничкото училиште за енергетика.
Дополнително, пишува „Кликс“, читателите ги информирале дека дојава за бомба била поставена и во училишниот центар „Маариф“ во Мојмил.
Полицијата во моментот е на терен. Во некои училишта сè уште е во тек евакуацијата на персоналот и учениците.