Регион
Српските медиуми: Момчето убиец имало план да застрела повеќе лица, поминаа три месеци од масакрот што ја зацрни Србија

Ученикoт Коста К. (14) од седмо одделение на ОУ „Владислав Рибникар“, кој на денешен ден, пред точно три месеци, изврши грозоморен масакр во кој со пиштолот на татко му уби девет негови врсници и еден возрасен, планирал да убие уште многу деца.
Како што дознава српскиот весник „Информер“, тој им признал на инспекторите дека направил список со деца кои сакал да ги убие, но открил дека неговата прва листа имал над 25 имиња,
„Направив список за стрелање. На него имаше преку 25 имиња и сфатив дека е сепак премногу, па се откажав од него. Тој ден кога дојдов на училиште решив да пукам по ред“, раскажало детето, пишува „Информер“.
На 3 мај во 08:40 часот со ранец и два пиштола момчето убиец влегло во училиштето. Најпрвин пукало во обезбедувањето, а потоа во девојчињата кои ги затекнал во ходникот. Влегол во своето одделение. VII/2 кое било на час по историја и ги убил соучениците во училницата. Тоа утро К.К. уби девет врсници и еден чувар, а рани четворица.
Потоа отишол во училишниот двор, ги фрлил пиштолите и повикал полиција. Се претставил, кажал што направил и мирно чекал инспекторите да дојдат по него.
„Јас сум психопат“, наводно било првото нешто што момчето убиец, кое тогаш имало 13 години, поради што не било кривично одговорно според законот, и го кажало на полицијата.
Истиот ден бил сместен во психијатриска клиника каде и понатаму е под максимално обезбедување. Од станот во кој живеел со родителите, полицијата запленила компјутери, како и списоци и детални училишни планови што ги направил.
Истиот ден кога момчето убиец го изврши масакрот, неговиот татко беше уапсен и се уште е во притвор. Постои сомнеж дека не го обезбедил соодветно оружјето што го поседувал легално, и дека неговиот син го употребил кобниот ден, откога претходно го носел на стрелиште и го научил да пука прецизно .
Во истрагата што ја спроведе Вишото јавно обвинителство во Белград против таткото, момчето убиец беше сослушано и како сведок преку видео врска воспоставена меѓу клиниката и обвинителството.
На распитот, тој признал дека татко му го однел на стрелиште и, наводно, го ангажирал најдобриот инструктор на стрелиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Од 94 милиони евра за гасоводот Србија-Бугарија, 50 милиони се подарок од Европската Унија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека од 94 милиони евра колку што чинат изградбата на гасоводот Србија-Бугарија, односно интерконектор до бугарската граница, речиси 50 милиони евра се подарок од Европската Унија, а уште 25 отсто се најповолните кредити од Европската инвестициска банка.
Вучиќ изјави дека остатокот, околу 20 милиони евра, се финансирани од буџетот на републиката.
Како што истакна, поврзувањето преку интерконекторот со Бугарија ќе обезбеди дополнителен гас за Србија, а преку него ќе може да се закупи и дел од азербејџанскиот гас, како и гасот од Александрополис.
„Ќе има поголема можност за добивање гас од територијата на Бугарија, Грција и други земји. Ова ќе овозможи сигурност во снабдувањето и подобри цени“, рече Вучиќ.
Тој најави дека утре, по пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Србија-Бугарија, ќе има демонстрација на можностите на падобранот и специјалните единици, на која ќе присуствуваат и претставници од Бугарија и Азербејџан.
Регион
Силен земјотрес во Романија

Романија попладнево ја погоди земјотрес со јачина од четири степени според Рихтеровата скала, јавува Европскиот медитерански сеизмолошки институт.
Земјотресот се случил на 52 километри северозападно од градот Бузау, кој се наоѓа на истокот на Романија.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 136 километри.
Регион
Ужас во центарот на Белград: судир на трамвај и такси

Вечерва околу 17 часот дошло до судир на трамвај и такси на улицата Караѓорѓева, во близина на белградската автобуска станица.
Според извештаите, таксито удрило во трамвајот.
Не се знае моменталната состојба на учесниците, како и причината за несреќата.
На оваа делница од патот има голема гужва.
Истрагата е во тек.