Регион
„Таа беше уникатен цвет, честеше колачиња кога ќе добише 4-ка оти петките се монотони“ – Србија се збогува со последната жртва во училиштниот масакр

Попладнево беше погребано девојчето Ангелина кое беше рането во пукањето во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар, а по 12 дена борби им подлегна на повредите.
Семејството се прости од својата миленичка со трогателен некролог, кој „Блиц“ го пренесе во целост:
„Гинча, нашиот уникатен и неповторлив цвет, имавме огромна привилегија да живееме со тебе, за тебе и поради тебе. Како да ја надоместиме огромната празнина предизвикана од твоето заминување на поубаво, поправедно, поуредно и побезбедно место за живот.
Твојата мисија на овој свет, во кој е незамисливо да се живее без тебе, беше исполнета беспрекорно. Со неверојатна леснотија, можеше да внесеш насмевка на лицето на секој од нас, да правиш магични дела со своите раце, да решаваш задачи како да е шега, да танцуваш како пеперутка, одлучно да се бориш за правда насекаде и секогаш, со својот пример да бидеш пример за сите нас, да ги исполниш сите ветувања, па дури и да даваш колачиња кога ќе добиеш четворка затоа што било монотоно да се гледаат само петки на училиште.
Исполнети со твојата љубов и енергија, ти се поклонуваме и бараме прошка што не те спасивме на овој свет, туку ти дозволивме да ја продолжиш својата мисија таму горе. Сакај, моли го Бога да ни прости и знаејќи дека нè гледаш со ангелите, ќе се обидеме да станеме подобри луѓе.
Мама, тато, сестрите, браќата, братучетката, снаата, баба, дедо,вујна, тетка, вујко и сите добри луѓе во нашата Србија“, пишува во некрологот.
Невидена трагедија во Србија се случи на 3 мај во белградското основно училиште во Врачар, кога ученик од седмо одделение со пиштолот на својот татко влегол во училиштето „Владислав Рибникар“. Тој пукал во училишниот чувар Драган В. и дежурните ученици, а потоа влегол во просторијата за историја каде убил петмина негови врсници и го ранил наставникот по историја и уште шест ученици.
Девојчето А.А било рането во главата и веднаш по приемот на клиниката оперирано, но по 12 дена им подлегна на повредите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пронајдени тинејџерките кои со денови беа исчезнати во Грција

Среќно заврши потрагата по 13-годишната Елефтерија и 14-годишната Катерини во Калитеа, Грција, кои беа исчезнати од четвртокот на 30 ноември, јавуваат грчките медиуми.
Според соопштението на грчката невладина организација „Насмевката на детето“, двете девојчиња биле пронајдени утрово и се во добра здравствена состојба. Воедно, како што нагласуваат од организацијата, ќе им биде дадена психолошка поддршка и се’ друго што е потребно во такви ситуации.
Девојчињата биле затекнати на подрачјето на општина Агиос Димитриос, но засега грчките медиуми не објавија како и зошто исчезнале. Според претходно објавените информации, двете тинејџерки влегле во такси по што им се изгубила секаква трага.
Регион
Вучиќ: Лавров во Скопје ја кажа вистината кога е Србија во прашање

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје кажал сè вистинито кога е Србија во прашање.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека Лавров зборувал за многу поважни работи за Србија и за српскиот народ од оценката дека Србија нема да отвори ново поглавје во преговорите со Европската унија доколку не воведе санкции кон Русија.
„Во основа, Лавров кажа сè вистинито. Зборуваше и за многу поважни работи за Србија и како функционирала од 2013 година, како ја мамеле нашата земја по Бриселскиот договор за да постигнат нешто што требало да се исполни, а кога тоа не се исполнило, на Србите им кажувале – па ете десет години не е исполнето, па сега ќе добиете дупло помалку од што баравте. Тоа е вистина, тоа се случува“, изјави Вучиќ.
Посочи дека се поставува прашањето што може Србија да промени, за да немаме војни и државата да напредува економски.
„Вистината е дека нашите раце се прилично врзани и ги држиме своите многу подобро отколку што некој би очекувал во однос на зачувување на независноста, суверенитетот, зачувување на границите и донесување одлуки. Но, фактот дека ситуацијата е тешка, сигурно е дека ќе биде и уште потешка, го потврдуваат и одлуките во кои некои сметаат дека би било добро Европската комисија да го вклучи Охридскиот договор како дел од преговарачкото поглавје. “ изјави Вучиќ.
Регион
ЕУ бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија

Европската унија (ЕУ) формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел.
Во нацрт-заклучоците, на кои Радио Слободна Европа умаше увид се вели дека „Советот бара од Комисијата и високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“.
Овие заклучоци ќе ги усвојат министрите за европски прашања на состанокот на Советот за општи работи на 12 декември.
Истите заклучоци потоа ќе ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември.
Поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и Европската унија ги вклучува односите со Косово.
ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите.
Србија и Косово на 27 февруари постигнаа договор за патот кон нормализација на односите.
На 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.
Белград и Приштина не го потпишаа договорот, ниту анексот за спроведување затоа што тоа одби да го направи српскиот претседателАлександар Вучиќ.
Според изјавата на високиот претседател на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, договорот се смета за правно обврзувачки за двете страни.
ЕУ веќе најави дека и овој договор ќе биде вклучен во пристапниот процес на Србија, за да се потврди правно обврзувачкиот карактер на тој документ, пишива Радио Слободна Европа.