Регион
Тројца Украинци намерно запалиле 35 глисери во Хрватска, полицијата трага по нив

По три месеци откриена е причината за страотниот пожар на пристаништето Медулин, како и виновниците – тројца украински државјани.
Поради загрозување на животот и имотот, кривично се гонат тројца државјани на Украина, од кои двајца се на возраст од 25 години, а најстариот меѓу нив има 28 години.
Криминалистите со реконструкција на она што му претходело на пожарот утврдиле дека младите Украинци дошле од Полска во Хрватска на 14 мај. Тие го паркирале возилото во месноста Медулин и се упатиле во правец на градското пристаниште.
Околу 3 часот и 40 минути, додека другите двајца сторители биле на стража, еден од 25-годишниците влегол низ оградениот дел од пристаништето и се упатил во правец на пристаништето каде што пловилото, означено со Пула, сопственост на 65-годишник било закотвено.
Осомничениот фрлил шише со запалива течност кон него и предизвикал пожар кој се проширил на блиските 34 врзани глисери, од кои 22 биле целосно изгорени, додека други делумно се оштетени од пожарот. Со тоа на сопствениците е причинета материјална штета од околу два милиони евра.
Она што е интересно е дека осомничените државјани на Украина не биле уапсени бидејќи полицијата во текот на интензивната истрага доцна дошла до споменатите информации. Поради тоа, интензивно се трага по нив, а според познатите информации тие не се на хрватска територија.
Следен чекор е Државното обвинителство кое го добило полицискиот извештај, а потоа и меѓународната потерница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Муслиманите во Албанија паднаа под 50 проценти првпат по два века

Пописот од 2023 година покажа дека муслиманите повеќе не го сочинуваат мнозинството од албанските граѓани, првпат по повеќе од два века, објави „Индекс.хр“.
Според најновиот попис, муслиманите сега сочинуваат 45,7 проценти. Бројот на муслимани се намалил за повеќе од 30 проценти од пописот во 2011 година.
Треба да се напомене и дека пописот од 2023 година покажа дека муслиманите бекташи сочинуваат 4,8 проценти од населението, но тие се наведени како посебна религиозна група. Бекташите се членови на хетеродоксен исламски ред од суфиско потекло, кој датира од 13 век, и се сметаат за посебна религиозна група во Албанија иако историски се засноваат на шиитско-исламската традиција.
Христијаните сочинуваат 15,6 проценти од населението, од кои 8,4 проценти се католици, а 7,2 проценти се некатолици. Во групата религиска деноминација спаѓаат 13,8 проценти, а атеистите сочинуваат 3,6 проценти.
Оваа значајна демографска промена означува историски момент за религиозната структура на земјата, која е нестабилна со децении.
Според извештајот на „Турција тудеј“, Албанија изгубила речиси 15 проценти од своето население во последните десет години главно поради масовната емиграција и падот на стапката на наталитет. Аналитичарите ова го припишуваат на недостигот на перспективи за младите луѓе, кои сè повеќе бараат работа во странство.
Историски гледано, Албанија била католичка земја во своите почетоци, по римските освојувања. Статусот на муслиманска земја го добила дури во 15 век, со доаѓањето на Отоманската Империја. Сепак, поради географската близина и силните врски со Грција, каде што многу Албанци работат и зборуваат грчки, православното христијанство повторно е во пораст во последните децении.
Историјата на 20 век исто така игра голема улога во сегашната религиозна структура. По Втората светска војна, Албанија стана комунистичка држава, каде што религиозната практика беше забранета речиси 50 години сè додека демократијата не се врати по изборите во 1992 година.
По бомбардирањето на НАТО на Југославија во 1999 година, речиси половина милион етнички Албанци избегаа од Косово, дополнително оптоварувајќи ја веќе кревката економија на Албанија. Иако земјата доживеа економски раст во следната деценија, таа останува една од најсиромашните во Европа со висока невработеност и корупција во инфраструктурата, што ги одвраќа странските инвестиции.
И покрај предизвиците, Албанија стана сè попривлечна туристичка дестинација во последните години благодарение на ниските цени и природната убавина. Видеата на „Тик-ток“ од национални паркови и водопади добија милиони прегледи, а земјата е наречена европски Малдиви.
Регион
Вајц: Мора да се бориме против српското влијание во Северна Македонија

Во Северна Македонија гледаме многу странско влијание. Мора да се бориме против него, без разлика дали е српско, кинеско или руско.
Ова го изјави известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, во Стразбур, објави „Бгнес“. За неговиот извештај ќе се гласа на 9 јули.
Тој нагласи дека извештајот го содржи условот за промена на Уставот и конкретно – вклучување на Бугарите во него, според написите на медиумот.
„Извештајот посочува говор на омраза, потреба од владеење на правото и борба против корупцијата“, вели Вајц повикувајќи на слобода на медиумите и јасна одговорност за нивната сопственост.
Комесарката на ЕУ за проширување, Марта Кос, од своја страна, рече дека „единствениот пат напред, пред сè, е промена на Уставот“. Таа го повика Скопјe да ги почитува основните права, слободата на изразување и слободата на медиумите.
Ивајло Валчев (ИТН-ЕКР) ги праша своите колеги: „Во која земја може да се осуди лице за цитирање историски личности? Во која земја се напаѓаат луѓе поради нивното потекло? И која земја си дозволува да ги погази меѓународните договори?“
„Денес, Љубчо Георгиевски е со нас во салата и може да одговори на овие прашања затоа што е достоен Бугарин кому му се заканува казна само затоа што има храброст да се нарече Бугарин од Македонија. Искрено верувам дека патот на РСМ е да биде дел од Европа, но властите таму мора да ги напуштат своите господари од Белград и Будимпешта и да ги заштитат човековите права, да ги почитуваат обврските што ги презеле“, додаде Валчев. Тој се обрати и до граѓаните во Северна Македонија: „Мицкоски ве лаже“, објави медиумот.
Андреј Ковачев од ГЕРБ/ЕПП рече дека политичарите во Скопјe го саботираат процесот на европска интеграција и Европската Унија не треба да затвора очи пред ова.
„Наместо реформи и вистински напредок, гледаме популизам, националистичка реторика и погодно претставување на Бугарија како непријател поради што европската интеграција на земјата не оди добро. Оваа политика води кон директни репресии врз луѓето што го зачувале својот бугарски идентитет – наследниците на мнозинството македонски Бугари. Тие се подложени на притисок, дискриминација и отворени закани како во случајот со г. Георгиевски – еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница“, забележа тој. „Не губете им го времето на вашите сопствени граѓани“, им се обрати Ковачев на политичарите во Северна Македонија. „Се надевам дека зората на слободата ќе изгрее што побргу“, додаде тој, пренесува бугарскиот медиум.
Регион
(Видео) Силно невреме во Србија: ветерот корнеше дрвја, дел од зградите останаа без покриви

Силна бура го погоди Белград и некои делови од Србија во раните попладневни часови. Пет лица се повредени, а предизвикана е голема материјална штета, пренесуваат тамошните медиуми.
Бурни налети на ветер соборија кран на градилиштето во Нов Белград, превртеа приколка за влечно возило, а осамна и видео од Ледино кај Сурчин, каде што бројни станбени згради останаа без покриви. Луѓето во областа според написите, избегаа без никакви последици, а најмалку две згради останаа без покриви.
Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, објавува Спутник.
МУП издаде и тревога за ризик од силна бура со дожд, грмежи, голем град и силни налети на ветер.