Европа
Украинците му одговорија на Вулин: Да не ѝ помагавме на Србија, можеби ќе бевме во НАТО

Амбасадата на Украина во Белград ги повика српските власти да го тргнат симболот З од јавните површини, што го изразува непријателскиот однос кон Украинците и јавно да застанат во одбрана на украинскиот народ.
„Сега уште еднаш им го свртуваме вниманието на сите претставници на српската влада на буквата З, која изобилува на ѕидови, на автомобили, па дури и на тенк на стадионот, а која за Украинците значи извикот ‘убиј Украинец’“, се вели во соопштението на Амбасадата по повод реакцијата на Александар Вулин, пишуваат српските медиуми.
Украинската амбасада додаде во соопштението дека „очекува српската влада да преземе иницијатива за отстранување на овие геноцидни слогани против Украинците“ и ќе излезе „барем со истата јавна изјава во одбрана на братскиот украински народ“ како што тоа го направи украинската дипломатска мисија во Белград 2019 година.
Тие исто така изјавија дека Амбасадата во октомври 2019 година изразила длабока огорченост поради провокативните изјави против братскиот српски народ слушнати за време на фудбалскиот натпревар меѓу Динамо Киев и Копенхаген, Данска.
Вулин вчера изјави дека не знае каде Амбасадата на Украина нашла причина да реагира на неговата претходна изјава, но оти знае дека не нашла за соодветно да ги осуди скандирањата на навивачите во Киев „убиј Србин и извини му се на српскиот народ“.
Во врска со изјавата на Вулин дека „не се сеќава дека Украина побарала од НАТО да ја запре агресијата врз Србија“ и дека „не може да го најде потписот на Украина со кој се осудува НАТО за агресијата и кршењето на меѓународното право“, Амбасадата денеска повтори дека Киев во 1999 година побарал крај на бомбардирањето на Југославија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
И по неколкучасовните разговори на делегациите, Турција продолжува да се противи на членството на Шведска и Финска во НАТО

Шведски и фински дипломати вчера имаа повеќечасовни разговори со турските колеги, меѓутоа, како што јавуваат агенциите, не е постигнат договор и Турција се уште се противи на приемот на двете скандинавски земји во НАТО.
Според турскиот портпарол, претседателот Ибрахим Калин, процесот на проширување на НАТО со скандинавските земји не е можен додека не се решат безбедносните грижи на Турција.
На состанокот беше истакнато и дека Турција забележала позитивен став кон укинување на ембаргото за оружје.
– На оваа средба видовме позитивен став кон укинувањето на ембаргото за производите од одбранбената индустрија, што е пријатен развој – рече Ибрахим Калин.
Да потсетиме, Шведска и Финска го забранија извозот на оружје во Турција по нејзиниот упад во Сирија против сириската курдска милиција ЈПГ. Анкара смета дека групата е идентична со ПКК, пренесуваат агенциите.
Европа
Првите мерки на Унгарија по воведувањето на вонредната состојба

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на Фејсбук објави какви мерки ќе преземе земјата за да ја заштити својата економија поради војната во соседна Украина.
Унгарија ќе ги обврзе банките, телекомуникациските и енергетските компании, големите трговски синџири, осигурителните компании и авиокомпаниите да уплатат голем дел од нивниот дополнителен профит во државниот буџет, рече Орбан.
Оваа мерка ќе се однесува за 2022 и 2023 година, а екстра профитот на овие компании ќе се користи за зајакнување на унгарската армија, но и за сметки за енергија.
Преземањето на овие мерки беше овозможено со вонредната состојба воведена вчера како одговор на руската инвазија на Украина, која и овозможува на владата да преземе посебни мерки без вклучување на законодавниот дом, пренесуваат медиумите.
Европа
Путин првпат ги посети ранетите руски војници во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин вчера за првпат ги посети војниците ранети во Украина, три месеци по почетокот на офанзивата на соседната земја.
На снимката на руската телевизија се гледа како Путин во бела престилка разговара со неколку војници и ги прашува од каде се и каква е нивната семејна состојба.
Војниците стоеја покрај нивните кревети.
Обраќајќи му се на војник во пижами со сино-бели пруги, претседателот му рекол дека неговиот деветмесечен син „ќе биде горд на својот татко“. Со него беше и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Русија многу ретко ги открива своите човечки загуби во Украина. Последните податоци објавени на 25 март покажуваат дека руската војска признала 1.351 загинат војник и 3.825 ранети.
Портпаролот на претседателот претходно изјави дека посетата не претставува нова фаза бидејќи офанзивата во Украина влезе во четвртиот месец.
– Едноставно, временскиот распоред му овозможи лично да оди таму – изјави Дмитриј Песков.
Русија тврди дека офанзивата во Украина, која започна на 24 февруари, сака да ги заштити жителите што зборуваат руски од геноцид и да ја „исчисти земјата од нацистите“.
Властите исто така истакнуваат дека офанзивата се одвива според планот, иако Москва се откажа од нападот врз Киев на крајот на март, по жестокиот украински отпор, и се фокусираше на операциите на истокот на земјата.
И покрај жестоките борби во последните три месеци, руската војска бавно напредува, сигнализирајќи долга и исцрпувачка војна.
Рускиот министер за одбрана и секретарот на моќниот руски Совет за безбедност во вторникот изјавија дека Русија ќе мора долго да остане во Украина за да ги постигне целите на нејзината интервенција, пренесуваат светските агенции.