Регион
Фон дер Лајен: ЕУ веднаш испраќа 20 милиони евра за подрачјата во БиХ погодени од поплави
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Сараево изјави дека Европската Унија веднаш ќе испрати 20 милиони евра во областите во Босна и Херцеговина кои се погодени од поплавите.
Во рамките на посетата на Босна и Херцеговина, Фон дер Лајен оствари средба со претседавачот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, претходно се сретна и со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, а во четвртокот попладне ја посети Долна Јабланица, која најмногу настрада во неодамнешните поплави и свлечишта, јавува „Анадолија“.
Таа ги посети БиХ и Сараево како дел од својата турнеја во Западен Балкан, од каде што подоцна в петок ќе замине за Белград.
Претседателката на Европската комисија уште еднаш им изрази сочувство на членовите на семејствата на настраданите во неодамнешните поплави во Босна и Херцеговина.
„Беше болно да се видат размерите на катастрофата во областа Јабланица. Сакам да испратам порака до сите дека ЕУ беше со вас и дека ќе продолжиме да даваме поддршка. Го активиравте и механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и во рамките на тој механизам веднаш реагираа многу земји, што покажува колку пријатели има БиХ“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата.
Таа исто така посочи дека ЕУ ќе ја разгледа можноста за обезбедување помош на БиХ од Фондот за солидарност, кој е достапен за земјите членки во случај на природни катастрофи.
„Фондот за солидарност е фонд што редовно го користат земјите членки во време на катастрофи и несреќи, но тој е отворен и за земји штоимаат кандидатски статус. Тоа секако ќе го разгледаме, но дополнително почувствувавме дека ви треба помош и затоа донесовме одлука да го сториме тоа веднаш, без одлагање да се мобилизираат средства во висина од 20 милиони евра, а потоа ќе следува фаза на закрепнување и рехабилитација, која ќе биде поддржана преку Фондот за солидарност“, изјави Фон дер Лајен.
Таа изрази благодарност за посветеноста на БиХ на европскиот пат.
„Оваа земја измина долг пат со напорна работа и, конечно, стигнавте до кандидатски статус. Донесена е и одлука за отворање на пристапните преговори. Има уште многу да се направи, но знам дека напорно работите за да го донесете законот. Затоа најискрено сакам оваа земја да направи чекори на европскиот пат“, рече таа.
Таа нагласи дека е многу важно Босна и Херцеговина да дејствува обединето за поефикасно спроведување на реформите и постигнување резултати на европскиот пат.
„Босна и Херцеговина многупати во минатото покажа дека може да постигне резултати кога се однесувате и настапувате на уникатен начин и се надевам дека во иднина ќе видиме уште повеќе таков уникатен пристап“, рече Фон дер Лејен.
Таа рече дека прашањето за проширувањето на ЕУ ќе биде апсолутен приоритет за време на нејзиниот втор мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас кај Ниш: бебе најдено во контејнер
Бебе е пронајдено во контејнер во селото Малошиште кај Дољевац.
Плачот на новороденчето го чул минувач којшто ја алармирал Итната помош, јавува Република. рс.
Педијатарот во Домот за здравје, Милош Богословиќ вели дека 16 години е лекар и ова е една од најпотресните ситуации со кои се соочил бидејќи е татко на две деца.
Од полициската управа во Ниш за „Танјуг“ потврдија дека бебето е во стабилна состојба.
Педијатарот рече дека бебето е здраво, тешко 2.950 грама, а станува збор за девојче.
Неофицијално, според пишувањата на дел од српските медиуми, мајката го фрлила новороденчето во контејнерот, и е пронајдена.
Се истражуваат сите околности на овој настан, а известено е и Основното јавно обвинителство Ниш, јавуваат српските медиуми.
Регион
(Видео) „Мамо, успеав“: Токиќ се расплака по кандидатурата за претседател на Хрватска
Државната изборна комисија на Република Хрватска (ДИП) донесе одлуки за валидно предложени кандидатури за претседател на Република Хрватска.
На списокот на оние што ги собраа потребните 10.000 потписи и кои ќе се појават на гласачките ливчиња в недела на 29 декември се: Миро Буљ, Томислав Јоњиќ, Ивана Кекин, Бранка Лозо, Зоран Милановиќ, Драган Приморац, Марија Селак Распудиќ и Нико Токиќ-Картело.
ДИК ги објави имињата на кандидатите вчера во 16 часот, а од моментот на објавување на листата на кандидати, рокот за приговори, кој може да се достави до Државната изборна комисија најдоцна до петок, 13 декември, до 24 часот, почна да тече.
Токиќ-Картело се расплака пред камерите на „Нова ТВ“ по објавувањето на кандидатурата.
„Не можам да ви опишам колку сум среќен! Мамо, успеав, ќе бидам кандидат, ќе бидам претседател на Хрватска“, низ солзи вели Токиќ-Картело.
Тој рече дека деловните обврски ќе ги стави во втор план и дека сака да докаже дека претседателската функција не е само протоколарна и со малку ингеренции.
„Претседателот може да прави што сака, да ги обединува луѓето, да ја развива економијата, може да биде поддршка за луѓето што се во неволја. Подготвен сум за таков предизвик и Хрватска ќе добие претседател од чија функција ќе почнат промените“, рече тој.
Регион
Двајцата повредени во несреќата во Нови Сад сè уште се во тешка состојба
Повредените при падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, пациентот Ц. В. (18) и пациентката М. Т. (24), сè уште се на интензивна нега во Клиничкиот центар во Војводина и се во тешка, но стабилна здравствена состојба, соопштија денеска од КЦВ.
„Тие се свесни и дишат спонтано. Мултидисциплинарен консултативен тим од лекари, медицински сестри и здравствени техничари обезбедува комплексен интензивен третман со континуирано следење на виталните функции и психолошка поддршка, која е постојано присутна“, се вели во соопштението.
Во несреќа на 1 ноември загинаа 15 лица кога врз нив се урна армирано-бетонски натстрешник од неодамна реновираната зграда на железничката станица во Нови Сад, објави „Нова.рс“.