Регион
(Фото) Познат идентитетот на напаѓачите убиени во Косово

Потврден е идентитетот на тројца убиени напаѓачи, кои учествуваа во нападот на косовската државна полиција пред два дена, при што беше убиен и еден полицаец.
Според косовските медиуми, станува збор за Игор Миленковиќ, Бојан Мијаиловиќ и Стефан Недељковиќ, сите тројца од Звечан, а идентитетот на четвртиот напаѓач засега не е познат.
Миленковиќ (50) е татко на две деца, а работел како возач на брзата помош во Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица, засега не се познати информациите за тоа што правеле Мијаиловиќ и Недељковиќ (31), пренесува „Кликс.ба“.
Претходно, беше соопштено дека при претресот по завршувањето на акцијата на косовската полиција, во манастирот окупиран од терористите се пронајдени документи на Милан Радоичиќ, познат криминалец од американската црна листа. Еден косовски полицаец загина, а двајца се ранети во напад на Србите врз косовската полиција, што се случи на северот на оваа земја.
Престрелката се случила во местото Бањска. Косовската полиција наведува дека нивни припадници биле нападнати кога забележале блокада на патот. Кога косовската полиција ја стави ситуацијата под контрола, премиерот Аљбин Курти објави дека кај уапсените е пронајдено огромно количество воено оружје, со кое планирале напади врз косовските институции.
Како што нагласи Курти, полицијата запленила стотина пушки, но и муниција.
„Во денешната операција против вооружените терористи, косовската полиција заплени стотици пушки и муниција, вклучително и тешка воена опрема, како што се митралези, гранати и друго. Нашата полиција останува во тесна соработка со КФОР и ЕУЛЕКС. Акцијата е во тек“, рече Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шпанците запленија еден тон кокаин што дошол од Балканот: „Овој картел е најактивен во Европа“

Шпанската национална полиција во заедничка акција со царинските службеници во јужното пристаниште Алгесирас заплени речиси еден тон кокаин скриен во контејнери доставени од Јужна Америка, а дрогата припаѓала на балканскиот картел, објави полицијата на својата веб-страница.
„Балканскиот картел во моментов е најактивен на европско ниво“, се наведува во соопштението.
Полицијата тврди дека групи од Латинска Америка испраќаат кокаин скриен меѓу легални стоки во контејнери кои пристигнуваат со брод во шпанските пристаништа. Акцијата почна по дојава за пристигнување на контејнер со „значително количество кокаин“ во Алгесирас, едно од најголемите пристаништа во Шпанија, во провинцијата Андалузија.
Агентите кои подолго време ги истражуваат активностите на балканскиот картел имале и информации дека и оваа група составена од граѓани од територијата на поранешна Југославија барала начин да го преработи тој кокаин. Истовремено, од Колумбија добиле предупредување дека брод од Еквадор, кој се закотвува во Колумбија, има намера да транспортира кокаин до пристаниште во Шпанија.
Агентите го идентификувале бројот на бродот, а кога тој запловил во Алгесирас, истражителите ги отвориле контејнерите и пронашле 415 килограми од дрогата. Врз основа на новите информации дознале дека во Алгесирас пристигнува уште еден контејнер со дрога, па во него пронашле дополнителни 500 килограми кокаин, се наведува во соопштението.
„Тешкотијата во истрагата за членовите на овие организации лежи во нивната мобилност. Тие се способни да патуваат илјадници километри за да одржат состанок“, извести шпанската полиција.
„Истрагата продолжува со цел да се идентификуваат сите членови на мрежата и да се уапсат“, се додава.
Засега не се знае дали некој е уапсен при откривањето на контејнерот со кокаин. Портпаролката на полицијата не се јавила на телефон во неделата наутро.
Регион
Нов земјотрес во Србија: „Мајка ми го држеше телевизорот да не падне“

Републичкиот сеизмолошки завод објави дека денеска во 9 часот и 47 минути е регистриран земјотрес во околината на Крагуевац.
Земјотресот бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала.
Според очевидци, земјотресот го почувствувале жителите на Јагодина, Пожаревац, Крагуевац, Свилајнaц, па дури и во Белград, пишува „Блиц“.
„Се почувствуваа два кратки удари по ред“, вели жител на Петровац на Млави.
„Креветот се нишаше само малку, неколку секунди“, „Слабо тресење на кратко траење!“
„Овој земјотрес ме разбуди, мама го држеше телевизорот да не падне“, вели друг жител на Петровац на Млави.
„Се нишаше лустерот“ – вели белграѓанка.
И вчера имаше земјотрес во Србија, со јачина од 3,2 степени.
Регион
Пронајдени тинејџерките кои со денови беа исчезнати во Грција

Среќно заврши потрагата по 13-годишната Елефтерија и 14-годишната Катерини во Калитеа, Грција, кои беа исчезнати од четвртокот на 30 ноември, јавуваат грчките медиуми.
Според соопштението на грчката невладина организација „Насмевката на детето“, двете девојчиња биле пронајдени утрово и се во добра здравствена состојба. Воедно, како што нагласуваат од организацијата, ќе им биде дадена психолошка поддршка и се’ друго што е потребно во такви ситуации.
Девојчињата биле затекнати на подрачјето на општина Агиос Димитриос, но засега грчките медиуми не објавија како и зошто исчезнале. Според претходно објавените информации, двете тинејџерки влегле во такси по што им се изгубила секаква трага.