Регион
„Фрлени бомби врз три куќи на српски политичари во Косово“ – српските власти обвинуваат дека целта е етничко чистење на Србите

Директорот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, изјави дека во текот на ноќта во Поморавље биле фрлени три бомби врз куќи на претставниците и лидерите на Српската листа со цел да ги заплашат и принудат да ги напуштат своите домови.
Петковиќ обвини дека целта е етничко чистење на Србите, кое Курти, како што вели, континуирано го спроведува.
„Најпрвин околу 2.30 часот била фрлена бомба во дворот на Срѓан Ристиќ, директорот на УО ‘Пчелица Маја’, при што е причинета голема материјална штета, но, за среќа, членовите на семејството се добро. Истовремено, бомба била фрлена и врз семејната куќа и гаражата на Владица Аритоновиќ во селото Глоговце, кој е заменик-градоначалник на општина Ранилуг. И тука е причинета голема материјална штета, а во нападот нема повредени.
Во текот на ноќта била фрлена експлозивна направа кон куќата на Зоран Ристиќ од Ранилуг, директор на Центарот за социјална работа, но експлозија немало.
Според Петковиќ, станува збор за брутално заплашување на претставниците на Српската листа, кои, како што посочи, доаѓаат само неколку дена по заканите на Аљбин Курти дека Србите и Српската листа ќе трпат и ќе платат.
„Курти почна да го реализира својот план првин со апсење тројца Срби, а сега гледаме дека се фрлени бомби врз три српски куќи. Очекуваме сериозно да се сфатат и истражат овие заканувачки напади врз претставниците на Српската листа бидејќи тие испраќаат јасна порака и закана до Србите да ги напуштат своите вековни огништа“, рече Петковиќ.
„Канцеларијата ќе ги информира и меѓународните претставници за овие синхронизирани и планирани напади бидејќи таквите дела со карактеристики на тероризам не смее да се сфатат лесно“, додаде директорот на Канцеларијата.
Српската влада објави фотографии од куќите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шпанците запленија еден тон кокаин што дошол од Балканот: „Овој картел е најактивен во Европа“

Шпанската национална полиција во заедничка акција со царинските службеници во јужното пристаниште Алгесирас заплени речиси еден тон кокаин скриен во контејнери доставени од Јужна Америка, а дрогата припаѓала на балканскиот картел, објави полицијата на својата веб-страница.
„Балканскиот картел во моментов е најактивен на европско ниво“, се наведува во соопштението.
Полицијата тврди дека групи од Латинска Америка испраќаат кокаин скриен меѓу легални стоки во контејнери кои пристигнуваат со брод во шпанските пристаништа. Акцијата почна по дојава за пристигнување на контејнер со „значително количество кокаин“ во Алгесирас, едно од најголемите пристаништа во Шпанија, во провинцијата Андалузија.
Агентите кои подолго време ги истражуваат активностите на балканскиот картел имале и информации дека и оваа група составена од граѓани од територијата на поранешна Југославија барала начин да го преработи тој кокаин. Истовремено, од Колумбија добиле предупредување дека брод од Еквадор, кој се закотвува во Колумбија, има намера да транспортира кокаин до пристаниште во Шпанија.
Агентите го идентификувале бројот на бродот, а кога тој запловил во Алгесирас, истражителите ги отвориле контејнерите и пронашле 415 килограми од дрогата. Врз основа на новите информации дознале дека во Алгесирас пристигнува уште еден контејнер со дрога, па во него пронашле дополнителни 500 килограми кокаин, се наведува во соопштението.
„Тешкотијата во истрагата за членовите на овие организации лежи во нивната мобилност. Тие се способни да патуваат илјадници километри за да одржат состанок“, извести шпанската полиција.
„Истрагата продолжува со цел да се идентификуваат сите членови на мрежата и да се уапсат“, се додава.
Засега не се знае дали некој е уапсен при откривањето на контејнерот со кокаин. Портпаролката на полицијата не се јавила на телефон во неделата наутро.
Регион
Нов земјотрес во Србија: „Мајка ми го држеше телевизорот да не падне“

Републичкиот сеизмолошки завод објави дека денеска во 9 часот и 47 минути е регистриран земјотрес во околината на Крагуевац.
Земјотресот бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала.
Според очевидци, земјотресот го почувствувале жителите на Јагодина, Пожаревац, Крагуевац, Свилајнaц, па дури и во Белград, пишува „Блиц“.
„Се почувствуваа два кратки удари по ред“, вели жител на Петровац на Млави.
„Креветот се нишаше само малку, неколку секунди“, „Слабо тресење на кратко траење!“
„Овој земјотрес ме разбуди, мама го држеше телевизорот да не падне“, вели друг жител на Петровац на Млави.
„Се нишаше лустерот“ – вели белграѓанка.
И вчера имаше земјотрес во Србија, со јачина од 3,2 степени.
Регион
Пронајдени тинејџерките кои со денови беа исчезнати во Грција

Среќно заврши потрагата по 13-годишната Елефтерија и 14-годишната Катерини во Калитеа, Грција, кои беа исчезнати од четвртокот на 30 ноември, јавуваат грчките медиуми.
Според соопштението на грчката невладина организација „Насмевката на детето“, двете девојчиња биле пронајдени утрово и се во добра здравствена состојба. Воедно, како што нагласуваат од организацијата, ќе им биде дадена психолошка поддршка и се’ друго што е потребно во такви ситуации.
Девојчињата биле затекнати на подрачјето на општина Агиос Димитриос, но засега грчките медиуми не објавија како и зошто исчезнале. Според претходно објавените информации, двете тинејџерки влегле во такси по што им се изгубила секаква трага.