Регион
Хрватска протера 18 руски дипломати

Хрватска протерува 18 руски дипломати и шестмина членови на административно-техничкиот персонал, соопшти денеска Министерството за надворешни и европски работи.
Хрватска денеска на рускиот амбасадор во Хрватска му врачи нота со која ја информира Русија за намалувањето на бројот на дипломатски и административно-технички персонал на руската амбасада во Загреб.
„Беше побарано 18 дипломати и шест члена на административно-техничкиот персонал (вкупно 24 вработени) на Амбасадата на Руската Федерација во Република Хрватска да ја напуштат Република Хрватска“, се вели во соопштението.
На тој начин Хрватска им се приклучи на голем број европски земји – Полска, Германија, Франција, Италија, Шпанија и други. Соседна Словенија протера 33 дипломати. МНР денеска уште еднаш најостро ја осуди бруталната агресија врз Украина и многуте извршени злосторства.
„Руската страна го повтори својот повик за итен прекин на воените активности и повлекување на руските трупи од целата територија на Украина, како и итно обезбедување патишта за евакуација на населението и испорака на хуманитарна помош“, се наведува во соопштението.
Хрватска исто така соопшти дека очекува Русија да ги изведе одговорните за злосторствата пред лицето на правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Таткото на Матеј Периш: Голема благодарност до Белград и до сите што од срце се молеа за мојот син

Tелото на Матеј Периш (27), денеска, од црквата „Свети Антониј“ во Белград беше испратено во Сплит, каде што ќе биде погребан.
Телото беше во црквата од 15 часот, а во 17 часот беше oдржано испраќање на чело со белградскиот надбискуп Станислав Хочевар.
За потсетување, вчера беше потврдено дека младиот човек чие тело беше пронајдено завчера во Дунав е Матеј Периш. Српски „Телеграф“ пренесе дека ДНК-анализата докажала оти се работи за исчезнатиот граѓанин на Сплит. Причината за смртта е давење, покажа обдукцијата. Ќе се прави и токсиколошка анализа, но овие резултати се очекуваат за неколку недели.
„Би сакал да се обратам до вас новинарите, би сакал да му се заблагодарам на градот Белград за големото срце што ми го даде. Без разлика што мојот син тука го заврши својот земен живот, срцето што ми го даде Белград, граѓаните на Белград и цела Србија ми помогна многу за овие 139 дена да почувствувам човечка љубов, грижа, сочувство и сѐ што му треба на човек во вакви моменти“, изјави таткото на Матеј, Ненад Периш.
„Би сакал да се заблагодарам и до МВР на Србија, тие завршија огромна и неверојатна работа, секој контакт со нив беше, пред сѐ, човечки, а потоа професионален и таков каков што ми требаше за да го поминам овој период, а сепак да ги дознаам деталите“, рече тој.
„Благодарам на секој полицаец, началник и на сите што учествуваа во тоа. Би сакал да му се заблагодарам и на хрватското МВР и тие завршија одлична работа, благодарам. Благодарам и на Министерството на БиХ и тие учествуваа на почетокот“, изјави Ненад Периш.
„Ви благодарам на сите вас новинарите, снимателите, вашите редакции, на сите посебно. Мислам дека покажавте оти сте луѓе и дека во вакви тешки ситуации ја знаете разликата помеѓу вест и болка. Им благодарам на католичките свештеници, но и на патријархот Порфириј, очекувам дека ќе дојде сега. Со неговите епископи, владици и сите православни верници, кои со отворено срце се молеа за Матеј“, рече татко му.
Регион
Србија со поддршка за санкциите кон Белорусија

Србија ги почитувала санкциите што ЕУ ги воведе кон Белорусија во април поради ситуацијата во таа земја и вмешаноста на Белорусија во руската инвазија, пишува порталот European Western Balkans.
Станува збор за одлуката 2022/579 на Советот на ЕУ донесена на 8 април. Две недели подоцна, на 22 април, на веб-страницата на Советот било објавено дека Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија ја почитувале одлуката.
Ова е втор пат Србија да почитува санкции на ЕУ во врска со војната во Украина. Одлуката на Советот на ЕУ од 8 април наметнува секторски санкции врз финансискиот и транспортниот систем на Белорусија поради вмешаноста на земјата во руската агресија.
Официјалниот став на Белград е дека Србија ги почитува основните принципи на меѓународното право и во таа смисла територијалниот интегритет на Украина, но земјата не се вклучи во санкциите кон Русија.
Српската премиерка Ана Брнабиќ неодамна изјави дека честите дојави за поставени бомби, кои се случуваат во земјата, претставуваат притисок од странство врз Србија бидејќи земјата не вовела санкции кон Русија по инвазијата на Украина, како што тоа го направија повеќето западни земји.
Регион
Последно испраќање на Матеј Периш во Белград. Таткото на Периш: „Најлошиот ден во животот“

Телото на Матеј Периш денеска од црквата Свети Антониј во Белград ќе биде испратено во Сплит, каде што ќе биде погребан, соопштија од белградската надбискупија, јавуваат српските медиуми.
Медиумите потсетуваат дека вчера беше потврдено дека младиот човек чие тело беше пронајдено завчера во Дунав е Матеј Периш. Според Телеграф, ДНК-анализата докажала дека се работи за исчезнатиот граѓанин на Сплит. Причината за смртта е давење, покажала обдукцијата. Ќе се прави и токсиколошка анализа, но овие резултати се очекуваат за неколку недели, пренесуваат медиумите.
Неговото тело го извлекле морнарите завчера наутро околу 9 часот и 30 минути. Телото е пронајдено на местото наречено Ада Хуја, кое се наоѓа низводно на сливот на Сава и Дунав, кое неколку пати било детално пребарувано.
Претходно вчера српската полиција го појасни целиот случај.
„Министерството официјално соопштува дека со ДНК анализа на телото, кое вчера околу 9 часот и 20 минути беше пронајдено во Дунав, на Ада Хуја, е утврдено дека се работи за хрватскиот државјанин Матеј Периш (26), чие исчезнување беше пријавено кај белградската полиција на 31 декември минатата година“, соопшти српската полиција, пренесува Телеграф.
„Според прелиминарниот обдукциски извештај, смртта била ненасилна. Припадниците на министерството интензивно трагаа по него од пријавата за исчезнувањето на хрватскиот државјанин и ги преземаа сите мерки и дејствија за негово пронаоѓање и расветлување на сите факти и околности“, било потенцирано од страна на надлежните.
Хрватската амбасада во Белград во соработка со семејството и српските институции ќе ги заврши сите формалности и процедури неопходни за семејството на Матеј Периш да го преземе и да го пренесе неговото тело во Хрватска што е можно поскоро, изјавиле од амбасадата за „Хина“.
Таткото на Матеј ја повикал „Слободна Далмација“ од Белград.
Човек кој ќе изгуби некого, како што јас го изгубив мојот Матеј, има само една надеж, а тоа е да биде што е можно поблиску до него. Тоа ќе се случи еднаш, не знам кога, но ќе се случи. Ние мора да продолжиме да живееме овде на земја до некоја нова средба“, изјавил Ненад Периш за „Слободна Далмација“.
„Ништо не може да го подготви човекот за вакви вести. Денеска беше најлошиот ден во мојот живот, а надежта остана некаде како меур во воздухот. Го враќам мојот син дома, во неговиот Сплит“, додал Периш.
„Барам јавноста да ја почитува нашата желба достојно да се простиме од нашиот Матеј во кругот на семејството. Ги молам луѓето и јавноста да го разберат ова и однапред им се заблагодарувам за разбирањето. Лично не одбивам никакво сочувство од никого , но едноставно сакам да бидам во мир и во мир да се збогувам со мојот син“, изјавил тој.
Матеј исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември. Истрчал од клубот каде последен пат бил виден, трчал низ белградските улици, се обидел да запре такси, а потоа, како што беше пренесено на одредени снимки, се спушта по скалите кон Сава. Но, не се гледа дека влегол во вода, пишуваат медиумите во соседството.
По ова како што анализираат истите, беше започната голема потрага, а српската полиција со недели вршеше увид во Сава и Дунав. Истрагата беше проследена со бројни шпекулации, но и теории на заговор.