Економија
Од почетокот на годинава вложени речиси 70 милиони евра во туризмот во Црна Гора
Во Црна Гора во седум приоритетни проекти од областа на туризмот, од јануари до јуни, вложени се 69,4 милиони евра, наведе Министерството за одржлив развој и туризам во земјата.
Во извештајот што го разгледа владата во земјата се наведува дека поголем дел од проектите што се реализираат во крајбрежниот дел се одвиваат со голема динамика.
По застој од речиси три години, продолжува изградбата на хотелот „Кристал ривиера“ во Петровец, а покренати се и активности за изградба на хотелски комплекс на локација на некогашниот „Плави хоризонт“ во Тиват, се вели во извештајот.
„Кога станува збор за проектните активности финансирани од буџетот, кои се реализираат во северниот дел на Црна Гора, неопходно е да се забрза динамиката за реализација“, е еден од заклучоците во информацијата што ја усвои црногорската влада.
Ширењето на туристичката понуда во северниот дел на Црна Гора почна во 2010 година, а најзначајни инфраструктурни проекти во моментов се одвиваат на просторот на Бјеласица и Комови, за кои се наведува дека ќе бидат носители на развојот на зимскиот туризам во Црна Гора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Државата може да изгуби и до милијарда евра поради новите регулативи во индустријата на игри на среќа
Планираните законски решенија ги загрозуваат стекнатите права на легалните приредувачи, што ќе доведе до повеќемилионски загуби на државата по основ на исплата на отштети
Усвојувањето на новиот закон за игри на среќа може да доведе до сериозен удар на државната каса и загуби во буџетот за кои се проценува дека вкупно можат да достигнат и до милијарда евра! Стапувањето во сила на планираните измени би предизвикало затворање на 800 уплатни места во нашата земја, губење на 10.000 работни места и дестабилизација на пазарот, но и сериозни намалувања на приливите во државниот буџет преку надоместоци, даноци и придонеси кои ги уплаќаат легалните приредувачи на игри на среќа.
Предложените законски регулативи, преку воведување на нови правила за оддалеченост и GPS, наложуваат затворање на објекти на легалните приредувачи, со што директно се загрозуваат нивните стекнати права врз основа на важечките лиценци. Иако со законот е предвидено претходно издадените лиценци и дозволи да важат до истекот, новите правила можат да отворат прашање за нивна примена на постоечките локации. Усвојувањето на ова решение би можело дополнително да ја оптовари државата со повеќемилионски износи за плаќање отштета на легалните приредувачи.
Затворањето на легалните објекти, кои работат во согласност со законот и важечките лиценци, преку ноќ би оставило преку 10.000 директно вработени и десетици илјади работници во придружните дејности без приход и работа, отворајќи воедно врата за сивата економија и криминалот. Приходите кои се слеваат во државниот буџет од работењето на легалните приредувачи на игри на среќа директно би се пренасочиле на црниот пазар, поради затворањето на нивните објекти со важечки лиценци, а државата би останала без милионски приходи. Истовремено, пазарот на недвижности би претрпел сериозен крах бидејќи огромен број објекти кои се под закуп би останале празни.
Праксата на Уставниот суд на Република Северна Македонија застапува став дека државата не може да утврдува нови правила за односи кои се веќе воспоставени и завршени, бидејќи тоа создава правна несигурност и ја повредува довербата на правните субјекти во правниот поредок. Поради високите вложувања во закуп, опрема, вработени, информациски систем, банкарски гаранции и такси, постоењето на предвидлива и загарантирана правна рамка е од исклучително значење за легалните приредувачи.
Вообичаена пракса во законските регулативи на земјите во регионот е дека воведувањето на нови правила не може да ги загрози веќе стекнатите права според важечките лиценци и одобрените локации, сè до истекот на рокот за кој се издадени. Значи, законодавецот не може со нов закон да ги менува условите за веќе издадени лиценци на начин кој директно би ги ограничил веќе стекнати права.
Во европската правна традиција исто така е загарантирана заштитата на легитимните очекувања и забраната за ретроактивно влошување на положбата, а овој стандард се применува и во секторот на игри на среќа.
(ПР)
Економија
Божиновска: Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во енергетиката и инвестициите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Истанбул учествуваше на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција, значаен економски настан посветен на продлабочување на билатералната соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства меѓу компаниите и институциите од двете држави.
Форумот ги обедини претставниците на владите, институциите и бизнис-заедниците од Македонија и Турција, со цел унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување на нови инвестициски иницијативи. На форумот учествуваше висока македонска владина делегација, предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во чиј состав се и ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.
Во рамки на форумот, Божиновска говореше на панел-дискусијата „Билатерална соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување“, каде ги претстави можностите што ги нуди Македонија во секторите енергетика, рударство и минерални суровини, како и реформските процеси насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна инвестициска клима.
Божиновска, во рамки на Македонско-турскиот бизнис форум во Истанбул, оствари билатерална средба со министерот за трговија на Република Турција, проф. д-р Омер Болат.
На средбата беше потврдена заедничката заложба за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете пријателски земји, со посебен акцент на енергетиката, рударството, минералните суровини и привлекувањето нови инвестиции.
Средбата претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на македонско-турските односи и потврда на заедничката определба за продлабочување на економската соработка, привлекување инвестиции и создавање нови можности за одржлив развој и просперитет на двете земји.
Економија
Беким Сали на Бизнис форумот во Истанбул: Европската интеграција отвора нови можности за инвестиции, развој и економски партнерства
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција во Истанбул, каде ја истакна важноста од продлабочување на економската соработка и создавање нови партнерства меѓу двете земји.
Во своето обраќање, Сали нагласи дека Северна Македонија и Турција негуваат исклучително блиски и пријателски односи изградени врз доверба, заемна почит и долгорочно партнерство.
Тој истакна дека Турција е еден од најзначајните економски партнери на државата, со значајно присуство на турски компании во индустријата, инфраструктурата, банкарството, образованието и туризмот, кои придонесуваат за економскиот развој и отворањето работни места.

Осврнувајќи се на владините приоритети, министерот Сали потенцираше дека Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставуваат значајна можност за економски напредок и поголема конкурентност.
„За првпат европската интеграција е директно поврзана со конкретни инвестиции, економски раст и постепена интеграција во Единствениот европски пазар. Тоа создава нови можности за компаниите, инвеститорите и граѓаните“, истакна Сали.
Тој ги охрабри турските компании активно да ги искористат можностите што ги нудат ИПА фондовите, Планот за раст на ЕУ и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), посочувајќи дека Коридорите VIII и X остануваат стратешки инфраструктурни проекти од регионално значење.
Сали нагласи и дека постои голем потенцијал за соработка во обновливите извори на енергија, дигиталната трансформација, иновациите, современите технологии и производствениот сектор, оценувајќи дека европската интеграција претставува процес на модернизација, конкурентност и просперитет.
