Регион
Шолц за Берлинскиот процес: Соработката во Западен Балкан е важна затоа што тие можат само заедно да влезат во ЕУ

По денешниот самит за Берлинскиот процес, германскиот канцелар Олаф Шолц ја истакна важноста на соработката во регионот на Западен Балкан, кој, како што рече, се уште е оптоварен со проблеми од минатото, пишуваат медиумите во регионот.
„Берлинскиот процес помага да се надминат границите меѓу земјите. Ова е важно бидејќи конфликтите од минатото и денес влијаат на соработката, за жал, и разговаравме за тоа. Дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово не оди во задоволителна насока“, изјави тој за новинарите.
Тој ги повика властите на Србија и на Косово да ги исполнат своите обврски, бидејќи тоа е важно за граѓаните и нивната иднина во ЕУ.
Шолц истакна дека сè уште постои националистичка реторика која предизвикува поделеност и претставува опасност за растот и заедничкиот живот во мир и просперитет.
Тој додаде дека е јасно оти земјите од Западен Балкан само заедно ќе можат да влезат во Европската унија, што ја прави регионалната иницијатива за добрососедски односи уште поважна.
Тој, според написите, го пофали Косово бидејќи административните премини се отворени за стока од Србија.
Шолц посочи дека билатералните проблеми на земјите-кандидатки треба да останат билатерални и да не влијаат на европската интеграција која се заснова на заслуги.
Тој рече и дека е договорен акциски план за борба против пластичниот отпад, побрзо спроведување на зелената агенда за Западен Балкан до 2030 година, кој Германија го поддржува и во оваа смисла планираните 1,5 милијарди евра ќе бидат исплатени до крајот на годината.
Лидерите од Западен Балкан денеска на самитот на Берлинскиот процес ја потпишаа новата фаза од Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар од 2025 до 2028 година.
На самитот беше одбележана 10-годишнината од Берлинскиот процес.
Лидерите го потпишаа и Договорот за пристап до високото образование и прием на студии во Западен Балкан и ја усвоија Декларацијата за пристап и соработка во инфраструктурата за истражување и иновации и Декларацијата за регионални стандарди за проверка на директните странски инвестиции.
Лидерите на Берлинскиот процес ги истакнаа резултатите постигнати во рамките на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024 година, вклучувајќи слобода на движење со лична карта, меѓусебно признавање на високото образование и професионални квалификации во регионот, целосно функционален режим на роаминг како во Западен Балкан, намалување на трошоците за роаминг на податоци помеѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан, напредок кон членство во Единствениот европлатен простор (SEPA), воспоставување зелени коридори и намалување на времето на чекање и ги поздрави напорите направени за зајакнување регионална соработка, пишуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Меџити со честитка: Косово наше, ти ја честитам од срце оваа значајна годишнина

Вицепремиерот Изет Меџити, упати честитка по повод 17 Февруари, Денот на независноста на Косово, изразувајќи длабока почит кон истрајноста и жртвата на косовскиот народ во нивната борба за слобода и сувереност.
„Косово наше, ти ја честитам од срце оваа значајна годишнина! Во овој историски ден за Косово, се сеќаваме на жртвите, отпорот и гордоста на народот кој никогаш не застана на својот пат кон слободата и независноста. Среќен нека ни биде овој голем ден за нашиот народ, со љубов и почит кон нашите браќа и сестри каде и да се!“ – истакна Меџити во својата порака.
Тој додаде дека Косово претставува симбол на непокорноста и стремежот кон достоинствена иднина, додека посака единство и напредок за сите Албанци во регионот.
Регион
Лавров до Западот: Престанете да се мешате во внатрешните работи на Србија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека Русија го осудува мешањето на други, пред се западни земји во внатрешните политички процеси на Србија.
На прес-конференцијата по средбата со шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ и Москва, Лавров истакна дека српското раководство и претседателот Александар Вучиќ имаат поддршка од Русија во нивните напори да спречат дестабилизација на ситуацијата во земјата.
Тој, исто така, рече дека инсистира да се запре со ваквите практики.
„Претседателот Вучиќ презентираше конкретни факти за грубото мешање на странски држави во внатрешно-политичките процеси во Србија. Ја осудуваме оваа практика и инсистираме принципот на немешање во внатрешните работи цврсто да се почитува од сите, а пред сè од нашите западни колеги кои долго време ги градат своите активности користејќи ги таканаречените невладини фондови, на сметка на американските нарачки, па се до државните наредби, со цел да се добие поголемо влијание во нивна корист, игнорирајќи ги фундаменталните интереси на луѓето од тие земји“, рече Лавров.
Тој додаде дека е задоволен од разговорот со министерот Ѓуриќ.
Регион
Србија: Подготвени сме да бидеме домаќини на преговорите за Украина

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ денеска во Москва изјави дека Србија сака да придонесе за решавање на конфликтот во Украина и е подготвена да биде домаќин на преговорите, пренесува „Анадолија“.
„Кога станува збор за нашата желба да придонесеме за решавање на актуелната ситуација во Украина, Србија е земја со релативно скромни геополитички капацитети ако го гледаме бројот на жители, но имаме голема желба да придонесеме за решавање на овој проблем, секогаш сме подготвени да бидеме домаќини на секаков вид формални или неформални разговори“, рече Ѓуриќ.
Инаку, Ѓуриќ зборуваше на заедничка прес-конференција по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Новинарите се интересираа дали Ѓуриќ разговарал со Лавров за можноста Белград да биде вклучен во разговорите за прекин на непријателствата во Украина, бидејќи Србија е една од ретките земји што во моментов има добри односи со Вашингтон, Москва и Киев.