Регион
Ѓукановиќ: Агресијата против Украина ги зголемува надежите за проширување на ЕУ

Европското единство разбудено од руската агресија против Украина ги зголемува надежите дека со дополнително внимание и поддршка Европската Унија ќе се сврти кон Западен Балкан и ќе продолжи со политиката на проширување, изјави денеска црногорскиот претседател, Мило Ѓукановиќ, по разговорите со кипарскиот претседател, Никос Анастасијадес, за време на неговата прва посета на Подгорица.
Ѓукановиќ рече дека тоа е пат кон стабилност и европска конкурентност на глобалната сцена.
Тој истакна и дека официјалните посети ја зајакнуваат позицијата на Црна Гора.
„Охрабрувачки е што по оваа непријатна ситуација што сите ние во Европа ја чувствуваме преку руската агресија врз Украина, се разбуди европското единство. Ова поттикнува надеж дека со дополнително внимание и повеликодушна поддршка ЕУ ќе се сврти кон Западен Балкан и ќе продолжи со својата политика на проширување. Мислам дека тоа е пат кон стабилност и европска конкурентност на глобалната сцена“, рече Ѓукановиќ.
Поради руската агресија врз Украина, Европската Унија ќе има нова политика во однос на Западен Балкан, смета и претседателот на Кипар, Никос Анастасијадес.
На заедничката прес-конференција со Ѓукановиќ тој оцени дека Европа покажала голема обединетост по руската агресија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватскиот суд донесе историска пресуда – геј-паровите од сега ќе може да посвојуваат деца

Вишиот управен суд на Хрватска ја отфрли жалбата на надлежното Министерство и им овозможи на истополовите парови да може да пристапат до процената за посвојување деца, а како што се наведува, тие не може да бидат дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација.
Според организацијата Rainbow Color, судот го отфрлил аргументот на Министерството дека истополовите двојки не треба да пристапуваат кон процената за посвојување деца поради целта „заштита на интересите на детето“.
Оваа одлука судот ја донел во случајот со партнерите Младен Кожиќ и Иво Шегота, на кои сега им е дозволено да присуствуваат на постапката за посвојување дете, е соопштено на прес-конференцијата во Загреб, пренесоа хрватските медиуми.
Кожиќ и Шегота пред шест години се пријавиле во центарот за социјална заштита во желба да станат посвоители, но во два наврата биле одбиени бидејќи се во животно партнерство. По долга правна битка во 2020 година, тие успешно станаа згрижувачки родители на две деца.
Минатата година првостепениот управен суд донесе одлука дека тие може да станат и посвоители, а по жалбата на Министерството, одлуката на Вишиот управен суд, конечно, ги отстрани сите дилеми.
Шегота и Кожиќ на новинарите, меѓу другото, им рекоа дека се изгубени шест години и дека, како што велат, тоа е во духот на политиката.
„Шестте изгубени години на тие деца одат во духот на политиката, која е во име на одбрана на т.н. традиционални вредности, таа беше подготвена да го погази правото на семејство на деца што општеството го заборави“, изјавија Шегота и Кожиќ.
Организацијата Rainbow Colors објави дека оваа пресуда има далекосежни последици за правата на ЛГБТИК-лицата и истополовите парови во Хрватска.
Регион
Словенечкиот парламент го потврди Роберт Голоб за премиер

Словенечкиот парламент го потврди назначувањето на лидерот на Движењето за слобода, менаџерот Роберт Голоб, за премиер, кој парламентарците треба да го изберат следната недела.
Во средата за Голоб гласаа 54 пратеници, 30 беа против, а еден глас беше неважечки.
Пред гласањето Голоб изјави дека врз основа на големата доверба што му ја дале на изборите на 24 април, сака да им даде на Словенците надеж за подобра иднина и да им ја врати животната радост, пренесе „Хина“.
Регион
Словенечкиот парламент денеска ќе гласа за мандатарот на идната влада, Роберт Голоб

Словенечкиот парламент денеска ќе гласа по предлогот за назначување на Роберт Голоб за мандатар на новата влада, што е прв чекор кон формирањето на извршната власт во земјата по изборите одржани на 24 април.
Голоб вчера го потпиша однапред усогласениот коалициски договор меѓу неговата партија Движење слобода со социјалдемократите на Тања Фајон и Левицата на Лука Месец изјавувајќи дека предвидените процедури за формирање и почетокот на работата на новата влада ќе бидат завршени веќе наредната седмица.
По потпишувањето на коалицискиот договор, Голоб рече дека бргу биле усогласени целите на работењето на новиот кабинет, но посочи дека со оглед на брзите промени на околностите, во иднина ќе биде неопходно постојано приспособување.
„Знаеме каде сме и каде сакаме да одиме, ќе реагираме на околностите“, рече идниот премиер наведувајќи ги притоа мерките поврзани со поскапувањето на енергијата и на храната и здравствените мерки со оглед на можен нов бран на Ковид-19 наесен.
Се очекува Голоб на собраниската седница да каже повеќе за акцискиот план на идната влада.