Регион
Акар: Грција ги крши меѓународните договори со вооружувањето на 18 острови
Грчкото кршење на меѓународните договори со вооружувањето на 18 острови во Егејското Море служи само за ескалација и за саботажа на дијалогот, изјави турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, пренесува „Анадолија“.
„Грција треба да го остави настрана провокативното однесување што дополнително ги зголемува тензиите во регионот“, изјави Акар.
Истакнувајќи ја важноста на дипломатијата во решавањето на споровите, Акар посочи дека Турција секогаш е за дијалог и за мирни решенија.
„Според нас, тензиите и провокациите не му помагаат никому, особено не на Грција. Ние сме за дијалог. Сакаме нашите проблеми што ги имаме тука да добијат политички решенија по мирен пат“, рече Акар додавајќи дека Турција ќе продолжи да ги брани своите права во регионот.
Критикувајќи ја посетата на грчкиот претседател на Мегисти за прославите на независноста, турскиот министер за одбрана рече:
„Како да нема друг остров за прослава, тие доаѓаат на овие. Овие потези, се разбира, нè вознемируваат“.
Грција се обиде да положи право над стотици милји поморска територија од Мегисти, остров од 26 квадратни километри, на 2 км од турскиот брег, но сепак 600 км од Грција. Во услови на напнатост грчките трупи се мобилизираат на Мегисти – остров демилитаризиран преку долгогодишни договори.
Акар нагласи дека Грција со вооружување на островите дополнително ги зголемува тензиите.
„Кршејќи ги меѓународните договори, Грција вооружи 18 острови. Со тоа доведува до ескалација на тензиите, го уништува меѓусебниот дијалог. Грчкиот народ не би требало да се согласува со иницијативите на Макрон и не треба да биде жртва на обидот на Макрон за самоспасување. Јасно е дека политиките на господин Емануел Макрон пропаднаа. Тој се обидува да игра некои улоги за да го прикрие тоа“, додаде тој.
Потсетувајќи на техничките разговори во НАТО, Акар рече дека Турција е за изнаоѓање политичко решение за проблемите преку дијалог и преговори и ги поддржува сите видови иницијативи во оваа рамка. Тој порача дека Турција е подготвена да ги продолжи преговорите под покровителство на НАТО.
„Подготвени сме да бидеме домаќини на четвртиот состанок. Нека дојдат. Ние сме во право, нема да се двоумиме за да се сретнеме“, рече Акар, а потоа се осврна на активностите на наменскиот брод „Оруч Реис“, кој спроведува мисија на сондажни истражувања на енергетските ресурси во источен Медитеран.
„Во рамките на планот тој ќе се движи напред-назад. Нема збор за откажување од своите права на тоа подрачје“, рече турскиот министер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.