Регион
Американски полковник во КФОР: Имавме овластување да примениме смртоносна сила во Звечан
Полковникот Крис Мејбис, водач на командниот тим на 76. пешадиска бригада на Националната гарда на Индијана и шеф на Регионалната команда Исток во Косово, обвини мала група агитатори за насилството во Звечан на 29 мај, кое резултира со повреди кај 30-ина војници на КФОР, пренесува „Старс енд страјпс“.
Мејбис и мала група американски сили биле во Звечан на 29 мај кога се случи најсериозниот испад, рече тој. Во немирите немаше повредени Американци, но тројца војници на КФОР беа застрелани, а други беа повредени од фрагменти од гранати, палки и од цевки.
КФОР, своевремено составен од повеќе сектори, во кои беа вклучени илјадници војници од НАТО и други земји во Европа, е сместен надвор од Приштина, а неговите сили се одговорни за источните и западните сегменти.
САД, кои претходно ги предводеа силите во југоисточниот дел на земјата, во суштина ја презедоа командата и од поранешните британски и француски сектори во центарот и на северот од Косово.
Мејбис вели дека ситуацијата можела да биде многу полоша бидејќи КФОР имал овластување да употреби смртоносна сила ако е потребно.
„Одлучив да не го користам тоа овластување поради фактот дека ќе има невини цивилни жртви. Не се сомневам во тоа“, изјави Мејбис.
Американскиот полковник посочи дека војниците на КФОР биле поставени ја чуваат зградата на општината и луѓето внатре откако станало јасно дека некои Срби сакаат насилно да го сменат неодамна избраниот албански градоначалник.
„Мнозинството протестира мирно, но имаше група агитатори, кои многу очигледно ги нападнаа војниците на КФОР“, вели Мејбис и наведува дека војниците подоцна пронашле патрони.
Тој истакна дека имало и повредени демонстранти, но дека има само пофални зборови за реакцијата на војниците без разлика на нивната националност.
Тој оцени дека ситуацијата во понеделникот била мирна, но кревка.
„Има огромен притисок од меѓународната заедница врз институциите на Косово да ја смират ситуацијата и притисок врз српската страна да го стори тоа“, рече Мејбис и додаде дека неговата оценка е оти ќе има мирно решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Атина прекриена со сахарска прашина, нереални сцени во градот
Атина и јужните делови на земјата повторно беа обвиени со сахарска прашина, со нијанси на жолта и портокалова боја што создава нереална атмосфера во градот.
Облаци од прашина, пренесени преку Средоземното Море од Северна Африка, го обвиле Акропол и другите знаменитости на Атина, пишува „АП“.
Силните јужни ветрови носеа прашина од Сахара, па во последните часови од денот грчката престолнина изгледаше како да е користен филтер за фотографирање, пренесува Euronews.
🚨🇬🇷
HAPPENING NOW
The sky is totally orange over Athens, Greece
— Alex Barnicoat (@mrbarnicoat) April 23, 2024
Во среда се прогнозира разведрување на небото со поместување на ветровите и поместување на прашината и опаѓање на температурите.
Дневниот максимум во делови од јужниот остров Крит надмина 30 степени Целзиусови, повеќе од 20 степени Целзиусови над она што беше забележано во поголемиот дел од северна Грција.
Корисниците на социјалната мрежа Икс објавија видеа од необична „портокалова“ појава од територијата на цела Атина.
Веста за Атина во „портокалово“ многу брзо се прошири низ светските медиуми, а видеата ги споделија и профили на социјалните мрежи кои се занимаваат со глобални актуелни вести.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.