Европа
Борел: „Денеска не е добар ден – Бугарија го блокира процесот“
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, изрази незадоволство што во Бугарија нема напредок во однос на отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и за Албанија и рече дека тоа покажува оти консензусот не е добро решение за донесување одлуки во ЕУ.
„Овој случај уште еднаш покажува дека проблемот е во консензусот во одлучувањето. Не можеме да продолжиме затоа што една земја блокира. Денеска не е добар ден бидејќи требаше да го почнеме пристапниот процес за две земји, но не можеме бидејќи една земјата го блокира целиот процес. Треба да ги разгледаме нашите методи на работа“, истакна тој пренесуваат медиумите во регионот.
Истакнал дека, сепак, има една добра вест, а тоа е напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина за енергетиката.
„Тоа е многу важен чекор напред и ќе продолжиме да работиме понатаму. Можно е до крајот на месецот да имаме средба на највисоко ниво“, кажал тој.
Истакнал дека ЕУ мора да преземе сè за да го направи Западен Балкан дел од својот свет.
Тој изјавил дека тоа ќе се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.
„Мораме да продолжиме да го спречуваме гаснењето на европскиот пламен на Западен Балкан“, изјавил Борел.
Високиот комесар за проширување на ЕУ, Оливер Вархељ, денеска, во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан, изјавил дека сега е време да се донесат одговорни одлуки и истакнал дека Западен Балкан треба да биде дел од ЕУ.
„ЕУ ги сфаќа сериозно сите бугарски грижи и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Сега е време за одговорни одлуки. Западен Балкан треба да биде дел од Европската Унија. Заедно ќе бидеме посилни“, напишал Вархељ на „Твитер“.
Тој го повикал бугарскиот парламент денеска да го стави на гласање предлогот за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Опозициската ГЕРБ на Бојко Борисов веќе покажа лидерство со нагласување таков предлог. Сите треба да го сторат тоа. ЕУ мора да се подигне“, напишал Вархељ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.