Европа
Борел: Србите да се вратат во институциите, Приштина да ги прекине акциите
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, ги повика Србија и претставниците на Србите во Косово да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во институциите во Приштина, а властите во Приштина да го продолжат процесот на пререгистрација на возилата, прекинување на сите казнени дејствија против сопствениците на регистарски таблички КМ и веднаш да апочнат со преземање чекори кон формирање на Заедницата на српските општини.
Борел оценува дека повлекувањето на Србите од приштинските институции на Косово не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за дополнително ескалирање на тензиите на теренот.
„Неодамнешните настани во односите меѓу Косово и Србија ги загрозуваат годините напорна работа и достигнувања постигнати во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, и ја комплицираат безбедносната ситуација во регионот и пошироко“, рече Борел во писмена изјава објавена на веб-страницата на Европската унија.
Упати апел до двете страни да покажат подготвеност да бараат решенија на конструктивен начин и да ги почитуваат своите обврски преземени во дијалогот.
„Ги повикуваме Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во косовските институции за да ги исполнат своите должности, вклучително и полицијата, судството и локалната администрација“, рече Борел.
Истовремено, како што нагласи, ЕУ ги повикува властите во Приштина да ги почитуваат своите обврски без одлагање.
„Тоа значи дека тие веднаш треба да го продолжуваат процесот на пререгистрација на возилата и да ги прекинат сите казнени дејствија против сопствениците на регистарските таблички на КМ. Прашањето за регистарските таблички може да го решат страните во рамките на дијалогот“, изјави Борел.
Тој нагласи дека „ЕУ го повикува Косово веднаш да започне чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини“.
Потсетува дека косовското Собрание го ратификуваше Бриселскиот договор и дека Уставниот суд во Приштина донел одлука тој да се формира.
„Затоа, неговото формирање е обврзувачка законска обврска за Косово. Континуираното неспроведување на оваа обврска го поткопува принципот на владеење на правото и го нарушува угледот и кредибилитетот на Косово“, рече Борел.
Шефот на европската дипломатија рече дека е одговорност на страните да обезбедат мир и стабилност.
„Секое дејствие, како палење автомобили или застрашувачка реторика што може да доведе до тензии, се неприфатливи и ќе предизвикаат соодветна реакција од меѓународната заедница“, рече Борел.
Тој нагласи дека „ЕУЛЕКС“, кој тесно соработува со КФОР и косовската полиција, е подготвен да обезбеди стабилност на теренот на Косово.
„Еулекс и КФОР ќе продолжат да го поддржуваат одржувањето на безбедна средина во согласност со нивните мандати“, рече Борел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.
Европа
Орбан: Западот е на чекор од испраќање војници во Украина, Брисел си игра со оган
Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави HirTV.
Пари, пари, оружје, но состојбата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од Западот да испрати војници во Украина. Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган – предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.