Регион
Борисов: Во мај ќе имаме колективен имунитет
Во мај ќе имаме колективен имунитет, изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
„Вакцините ќе ги добиеме во мај и до средината на јуни. Првично мислевме дека тоа ќе се случи во август, но убеден сум дека веќе во мај, со 3 милиони вакцинирани, ќе имаме колективен имунитет“, рече Борисов.
Тој истакна дека благодарение на европската солидарност и нивната брза дипломатска акција, успеале да обезбедат 2,7 милиони дози од вакцината „Фајзер“ да бидат испорачани во Бугарија во следните два месеци, јави БГНЕС.
Борисов изрази уверување дека зголемениот број на вакцинирани и излекувани ќе придонесе Бугарија да ја надмине пандемијата.
Пред една недела беше соопштено дека Бугарија ќе добие повеќе од 1,2 милиони „солидарни вакцини“ против Ковид-19 од „Бионтек“ и „Фајзер“ во второто тромесечје. Повеќето земји членки на ЕУ се согласија заеднички да споделат дел од дополнителните 10 милиони дози со Бугарија, Хрватска, Естонија, Летонија и Словачка – земји за кои е заклучено дека им се потребни најмногу вакцини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.
Регион
Нов силен земјотрес ја погоди Грција: се стресе на Крит
Нов земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција, соопшти ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на Крит, на 62 километра од Ираклион, на длабочина од 16 километри.
Земјотресот е регистриран во 12.37 часот по локално време.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Грција утрово ја погоди силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала по што следеа афтершокови.