Регион
Бугарија размислува за одмазднички мерки ако се потврди ветото за шенген
Бугарската влада е подготвена за одмазднички мерки доколку Холандија и Австрија наметнат вето на бугарското членство во шенген-зоната. Ова го изјави в.д. премиерот Галаб Донев по средбата со министрите за внатрешни работи, за надворешни работи и за правда.
Тој изрази надеж дека во преостанатите денови до конечната одлука на 8 декември може да надвладее, како што рече, разумот кај земјите партнери.
„Бугарската влада нема да штеди напори да ги убеди двете скептични земји“, рече Донев и нагласи дека таквиот став на Холандија и Австрија внесува поделба во Европската Унија.
Позициите на Австрија и Холандија против пристапувањето на Бугарија во шенген предизвикуваат „длабоко разочарување, внесуваат поделеност и го доведуваат во прашање единството на унијата“, изјави Донев.
„Напоменуваме дека, во одбрана на својот став, канцеларот на Австрија се осврнува на недостатоците во функционирањето на шенген-системот во целина, за кои никако не може да биде одговорност на бугарската страна, додека премиерот на Холандија исто така прибегнува кон недостојни предлози, кои во Бугарија тешко дека наскоро ќе бидат заборавени. Нашиот долг кон споменот на тројцата бугарски гранични полицајци кои загинаа чувајќи ја надворешната граница на ЕУ нема да го дозволи тоа“.
Донев нагласи дека од 2011 година Бугарија ги исполнила сите технички критериуми и тоа го потврдиле две инспекции на ЕК и една на австриската амбасада во Бугарија. Холандија одбила да учествува:
„И покрај наведените намери на две земји, Бугарија не се откажа од шенген, имаме уште 3 дена во кои нема да штедиме напори да бараме поддршка за преиспитување на ставот на Холандија и Австрија.
Сепак, Бугарија е подготвена да размисли за одмазднички мерки во случај на негативен развој“, рече Донев.
„Сите мерки ќе бидат насочени, национално одговорни и во одбрана на националниот интерес на Бугарија“, додаде тој.
Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи на 8 декември треба да гласа за две одделни одлуки за проширување на шенген. Планирано е министрите со една одлука да гласаат за прием на Бугарија и Романија, а со втората за Хрватска. Потребна е едногласност за носење на одлуката. Во петокот Холандија најави дека ќе го блокира влезот на Софија во шенген. Холандија соопшти дека нејзината одлука да не го поддржи пристапот на Бугарија во шенген-зоната не е политичка, туку заснована на факти и дека може да ја преиспита работата дури кога ќе стане јасно дека во Бугарија функционира владеењето на правото способно за справување со корупција и организираниот криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.