Регион
(Видео) Вербална пресметка меѓу Дачиќ и косовската делегација на Советот за безбедност на ОН
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, по завршување на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, имал жестока вербална пресметка со делегацијата на Приштина, пренесе „Танјуг“.
Пред да излезе од салата, Дачиќ ја продолжил расправијата со амбасадорката на Косово во ОН, Влора Читаку, поради нејзиниот говор за угнетувањето на Албанците на Косово и Метохија, како и за прославата на 20-годишнината од, како што рекла, ослободувањето на КиМ.
Расправијата ја пренесе токму Читаку, која на својот профил на „Твитер“ објави дека по завршување на седницата Дачиќ ги навредувал членовите на косовската делегација. Во еден момент на видеото се слуша како Дачиќ им вели: „Вие сте глупави колку што сте тешки“.
After today’s #UNSC session on #Kosovo, as I was speaking with the #US & #UK delegations, the Serbian FM came after me shouting, spewing insults towards me & the #Kosovo delegation
“The ones you are sitting with are your colonizers” he said (referring to #USA & #UK) pic.twitter.com/HBRa6bfO7I
— Vlora Çitaku (@vloracitaku) June 10, 2019
„По денешната седница на СБ на ОН, додека разговарав со делегациите на САД и Велика Британија, српскиот министер за надворешни работи дојде до мене викајќи и ме навредуваше мене и косовската делегација“, објави Читаку на „Твитер“.
„Тие со коишто седиш се ваши колонизатори“, рекол Дачиќ, напиша Читаку.
Овој коментар на Дачиќ се однесувал на говорот на Читаку, а во кој рекла дека во случајот на Србија и Косово станува збор за деколонизација.
Српскиот министер рекол дека бил фрапиран од оваа изјава.
„Колку некој треба да нема срам за во СБ пред големи колонијални сили кои имале свои колонии ширум светот, и пред африкански, јужноамерикански и азиски земји кои се ослободиле од колонијализмот, да користи еден таков израз. Тоа е чист безобразлук“, рекол Дачиќ.
Ја повикал Читаку да му докаже дека албанските споменици на Косово постоеле и во 13 и 14 век.
„Кога ќе ми донесе еден историски споменик од албанско потекло од 13 или 14 век од Косово. Кога ќе ми покаже еден споменик од тој период, тогаш би можел да кажам дека Албанците биле тука и тогаш. Но, да се каже дека Србите се колонизатори, дека владееле, а не живееле на Косово, тоа е безобразно“, рекол Дачиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.