Регион
На инфективната болница во Загреб вонредна состојба поради грип
На Клиниката за инфективни болести „Фран Михалевиќ“ во Загреб владее вонредна состојба поради епидемија на грип каква не е забележана повеќе децении.
Вчера, во текот на попладневните часови и во текот на ноќта, беа примени четири лица со тешка пневмонија и сите се на респиратори – ангажирани се 18 респиратори и пет ЕКМО-машини. Обемот на работа е трипати поголем од условите што постојат во болницата. Ваквата ситуација трае неколку дена и умираат релативно млади луѓе. Во амбулантите има стотици луѓе, а сезоната на грипот штотуку почна.
Шефот на Институтот за интензивна медицина, вонредниот професор Марко Кутлеша, потврди дека ситуацијата е под опсада.
„Пациенти доаѓаат од цела Хрватска. Сите се на механичка вентилација, во моментот 18 пациенти“, рече тој.
„Од 30 декември до денес 26 пациенти со тешко воспаление на белите дробови се примени на клиниката, освен еден кој имаше бактериски менингитис. Тоа беа исто така компликации предизвикани од грип. Сите се на механичка вентилација, односно на респиратори“, објасни Кутлеша.
10-ина пациенти биле на надворешна оксигенација кога респираторот не бил доволен, а имало и смртни случаи.
„Една пациентка, која имаше белодробно воспаление, почина. Сите пациенти, вклучувајќи ја и неа, се на возраст меѓу 40 и 60 години. Особено му се заблагодаруваме на Министерството, кое ни обезбеди осум дополнителни респиратори и два ECMO-уреди“, вели шефот на интензивната нега.
Тој вели дека се преоптоварени поради што направиле и дополнителни смени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Конфликт меѓу српска ТВ-екипа и вујкото на Данка: „Удри го, добро е за рејтингот“
Четврти ден од потрагата по двегодишната Данка Илиќ, а на социјалните мрежи е објавено скандалозно видео снимено пред куќата каде што исчезна девојчето, објави хрватски Индекс.
Новинар и снимател на српски Информер, пристигнале пред куќата на вујкото на Данка каде се случил помал инцидент. Пред нив излегол маж кој се претставил како вујко на Данка и им рекол да си одат оти немаат причина да бидат пред куќата.
Им рекол да ја исклучат камерата или ќе повика полиција. Репортерот и снимателот не го послушале, а најскандалозниот дел од целата ситуација е што водителите во студиото предложиле нивната екипа да го удри вујкото на Данка и дека тоа би било добро за рејтингот.
Mučna situacija svakako, otišli da snimaju porodičnu kuću nestale devojčice. Pojavio se njen ujak i negoduje.
Poslušajte razmišljanje i želju urednika iz studia, od 0:52 do 1:03.
Prokletnici. pic.twitter.com/YnJDuXKV6W— 𝙁𝙀𝙍𝙈𝘼𝙉 (@Fermantwiit) March 27, 2024
Од студиото на ТВ Информер во еден момент велат: „Удри го Рафа, удри го!“ и додаваат дека ќе биде добро за шерот (удел во вкупна ТВ гледаност).
„Сега кога Рафа ќе го забоде, ќе видите“, велат од студиото, се слуша во директниот пренос.
Регион
(Видео) Снимка од приведувањето три лица во БиХ, кои на „Тик-ток“ објавија дека ја држат Данка
Тројца мажи кои синоќа беа уапсени од Федералната полициска управа (ФУП), а по наредба на српската полиција, синоќа се донесени во просториите на ФУП во Сараево на понатамошна обработка.
Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Република Србија, Управа за технологија, уапси три лица кои се сомничат дека преку социјалната мрежа Тикток објавиле дека се поврзани со исчезнување на девојчето Данка Илиќ.
Уапсени се Б.Т.(2002), М.Т.(2001) и З.Т.(1972). Полицијата извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дале се лажни.
Во текот на ноќта тројката заедно со Хаџиќ се донесени во просториите на ФУП, каде потоа ќе бидат предадени на надлежниот обвинител за понатамошна постапка, а видеото од нивното приведување го објави Министерството за внатрешни работи на Србија.
Регион
Два силни земјотреса го погодија југот на Грција
Земјотреси со јачина од 5,7 и 4,3 степени според Рихтеровата скала утрово го погодија југот на Грција, соопшти Геодинамичкиот институт во Атина.
Земјотрес со јачина од 5,7 степени се случи во 9.12 часот на подрачјето на Јонското Море, а минута претходно е регистриран земјотрес со јачина од 4,3 степени, пренесува „Катимерини“.
Двата земјотреса беа почувствувани во многу региони на Грција, вклучувајќи ја и Атика. Професорот по динамичка тектоника и применета геологија, Ефтимис Лекас, на платформата Х напиша дека нема повредени и дека не е причинета штета, а директорот на Геодинамичкиот институт, Атанасиос Ганас, рече дека причината што нема материјална штета е тоа што зградите во областа се изградени според строги антисеизмички прописи.
Ганас изјави дека земјотресот со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала бил на длабочина од 20 километри, во централното Јонско Море, на допир на евроазиската и африканската плоча. Жителите од погодените подрачја велат дека противпожарните патроли ги утврдуваат сите проблеми предизвикани од земјотресите.