Регион
Во Црна Гора двајца починати од коронавирус
Две лица кои биле заболени од Ковид-19 починаа вчера во Црна Гора, и тоа се првите жртви на вториот бран од епидемијата на коронавирус во земјата, што почна пред две недели со внесување на инфекцијата од соседна Србија.
Во моментов вирусот Ковид-19 е потврден кај 157 лица во Црна Гора, објави Националното координативно тело за заразни болести, кое соопшти дека жали што данокот го зема вирус кој неодамна бил повторно внесен во земјата од регионот.
Вирусот се појави во Црна Гора кон средината на јуни, откако речиси месец и пол немаше пријавени случаи, а како што тврдат здравствените власти, повторно го донеле црногорски граѓани кои биле на фудбалскиот натпревар помеѓу Партизан и Црвена ѕвезда во Белград една недела порано, а на кој присуствуваа околу 25.000 навивачи.
На 1 јуни Црна Гора одлучи да ги отвори своите граници за сите земји во кои има по 25 активни случаи на 100.000 жители, меѓутоа, како што беше соопштено од црногорската влада во неделата, во иднина по однос на ова прашање земјата ќе ја следи политиката на ЕУ, која за почетокот на јули најави поголемо отворање на границите.
Поради ширењето на коронавирусот во втор бран, црногорските власти забранија верски и политички собири и на отворено, додека во Рожаје, град во северна Црна Гора, на сила се поостри мерки, слични на оние од врвот на првиот бран на епидемијата, кога во Црна Гора се заразија 324 лица, а осуммина починаа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Европскиот парламент одобри визна либерализација за Србите од Косово
Европскиот парламент денеска одобри визна либерализација за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната управа на Србија на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.
За извештајот на Немец гласале 406 од 597 европратеници, 97 биле против, а 94 биле воздржани.
По гласањето во ЕП, последниот збор за овој предлог треба да го дадат министрите на Советот на ЕУ.
Претходно овој месец, амбасадорите на земјите членки на ЕУ се согласија со предлогот на ЕП и Советот на ЕУ за измена на регулативата за иматели на српски пасоши издадена од Координативната управа на Србија, со која се доделува визна либерализација на носителите на овие пасоши, пишува српската новинска агенција „Танјуг“.
Претходно, Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на ЕП на 9 април го усвои нацрт-извештајот за визна либерализација.
Целиот Западен Балкан ќе има ист визен режим за патување во ЕУ
Оваа одлука гарантира целиот регион на Западен Балкан да има ист визен режим за патување во ЕУ, објави тогаш ЕП.
Постои можност одлуката за визна либерализација за имателите на српски пасоши во Косово да почне да се применува до почетокот на летото.
Србите од Косово се единствените од Балканот на кои им е потребна виза за ЕУ
Србите од Косово и Метохија, кои поседуваат пасоши издадени од Координативната управа, која функционира во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија, се единствените на кои им е потребна виза за влез во земјите на ЕУ откога од 1 јануари годинава беа укинати визите за граѓаните на Косово.
Во ноември 2023 година Европската комисија предложи да почне постапка за вклучување на граѓаните на Косово, кои имаат пасоши издадени од Координативната управа на Србија, преку визна либерализација.
Регион
Додик повторно во Русија: Имаме притисок, но остануваме посветени на добрите односи со Москва
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, повторно отпатува во Русија за да ја изрази својата желба за зајакнување на односите со режимот на Владимир Путин, а денеска на средбата со шефот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, тоа го потврди. Додик отпатува за Санкт Петербург, каде што ќе учествува на меѓународниот безбедносен форум организиран од руските власти, а таму го однесе и министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, со чија партија е во коалиција на државно ниво.
Како што објави јавниот сервис на Република Српска (РТРС), Додик веднаш се сретнал со Патрушев, кој се смета дека е еден од најблиските соработници на Путин. Двајцата разговараа за соработката меѓу РС и Русија, а Патрушев особено ги пофали добрите лични односи меѓу Додик и Путин.
„Вашите одлични лични односи со претседателот на Русија, Владимир Путин, водат до одлични односи меѓу РС и Руската Федерација“, рече Патрушев на средбата додавајќи дека е свесен оти РС е под голем притисок поради тоа.
Додик одговори дека нема да го поколебаат притисоците.
„Ние сме под голем притисок, но остануваме посветени на добрите односи со Русија“, рече Додик.
Актуелниот претседател на РС, кој е под санкции на САД и Велика Британија, отпатува во Русија во време кога Босна и Херцеговина се соочува со сериозна политичка криза. Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, во понеделникот предупреди дека односите во владејачката коалиција се најлоши досега.
Кризата беше предизвикана од барањето на Додик за укинување на техничките измени на изборниот закон, кои беа наметнати во март од високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, како и противењето на најавеното усвојување на резолуцијата во Обединетите нации, со која би се прогласил 11 јули како ден за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Поради оваа причина, Додик ги актуализира своите закани за независност на РС и тоа го стори во пресрет на заминувањето во Русија.
„Не можеме да живееме со оние што работат против нас. Време е секој да тргне по својот пат“, изјави вчера Додик.
Регион
(Видео) Во Хрватска падна снег
На подрачјето на Горски Котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.
Снег ја зафати и горанската делница на автопатот А6 Риека – Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.