Регион
Вучиќ: На сите млади на возраст од 16 до 30 години ќе им дадеме по 100 евра
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на годишната прес-конференција која се одржа денеска најави парична помош за сите млади на возраст од 16 до 30 години.
„Подготвивме мерка за сите лица на возраст од 16 до 30 години која брзо ќе се спроведе“, рече Вучиќ, а пренесува Нова.рс.
Пријавувањето за оваа мерка ќе започне на 15 јануари и ќе трае до крајот на месецот.
„Оние кои ќе аплицираат треба да имаат сметка во банка, а парите ќе бидат на сметката околу 1 февруари“, објасни Вучиќ.
Тој потсети и дека здравствените работници околу 15 јануари ќе добијат еднократна помош од 10.000 динари (околу 85 евра), а на 10 февруари на пензионерите ќе им бидат исплатени 20.000 динари (околу 170 евра).
„Тоа е голема помош за околу 2,9 милиони луѓе“, нагласи српскиот претседател, додавајќи дека Владата може да го направи тоа поради добрата состојба на јавните финансии.
Понатаму, Вучиќ најави дека од 1 јануари за прво дете луѓето ќе добиваат еднократна помош од државата од 300.000 динари (околу 2.551 евро), наместо досегашните 100.000 динари (околу 850 евра).
„Ќе има и поволности од 100.000 динари за второ, а за прв пат и за трето дете“, додаде Вучиќ.
Тој смета дека комбинацијата на стари и нови мерки ќе биде важна за посиромашните слоеви на општеството и ќе помогне да се развие свеста дека нема иднина без деца.
Претседателот на Србија посочи дека државата ќе биде подготвена и за помош при купување на недвижен имот од 10 до 50 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Во Хрватска падна снег
На подрачјето на Горски Котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.
Снег ја зафати и горанската делница на автопатот А6 Риека – Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.
Регион
Вучиќ во ОН: Курти денес не е во Њујорк оти води тајна кампања во Северна Македонија
За време на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на шестмесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК, српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини лидерот на движењето Самоопределување, Аљбин Курти за мешање во внатрешните работи на Македонија.
Вучиќ истакна дека Курти не бил присутен на седницата во Њујорк бидејќи бил зафатен со водењето на изборната кампања на неговата партија во соседна држава.
Вучиќ изрази изненаденост од тоа што, според него, најпопуларен политичар во Македонија е претседателот на Србија, иако нема кампања во таа земја.
Тој посочи дека како претседател на Србија се извинува за постапките на, како што го нарече, српскиот граѓанин Аљбин Курти и истакна дека мешањето во внатрешните работи на Северна Македонија не е политика на Србија, туку постапка на неодговорен граѓанин.
Регион
Уапсена државјанка на Јужна Африка, осомничена дека ја убилa мајка си во Црна Гора
Јужноафриканска државјанка е уапсена под сомнение дека утрово ја убила својата мајка во Пераст.
Полициската управа соопшти дека медицинскиот персонал на Здравствениот дом во Котор пријавил во полиција дека во станбена зграда во Пераст е пронајдено безживотно тело на жена, а таму била пронајдена и нејзината ќерка Н.Л.Т., пренесува Вијести.
„Полицијата излезе на местото на настанот каде е утврден идентитетот на починатата, а преземени се мерки и дејствија за утврдување на фактите и околностите под кои настапила смртта“, се вели во соопштението на полицијата.
Оттаму додаваат дека увид на лице место е извршено во присуство на обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, како и службеник од Центарот за судска медицина.
„По преземени сеопфатни истражни дејствија, припадниците на полицијата дошле до сомнение дека сторител на ова кривично дело е Н.Л.Т. и таа е лишена од слободата.