Регион
Германска министерка: Путин се обидува да го дестабилизира Западен Балкан
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок вели дека Европа треба да биде претпазлива од напорите на Русија да го дестабилизира Западен Балкан во услови на војна во Украина.
Баербок за новинарите вчера во Берлин изјави дека слични потези му претходеле на воениот ангажман на Русија во Украина и покрај постојаното негирање на Москва дека подготвува напад.
Слична руска поддршка за сепаратистичките движења во Босна, на пример, може да го загрози интегритетот и суверенитетот на Западен Балкан, рече Баербок по средбата со хрватскиот колега Гордан Грлиќ-Радман.
Грлиќ-Радман ги спомена и преговорите за реформа на изборниот закон во БиХ и изрази жалење што досега не вродиле со плод.
„Изразив загриженост поради неуспехот на преговорите за изборниот закон што ќе гарантира еднаков третман на сите три конститутивни народи во БиХ“, рече Грлиќ-Радман, додавајќи дека „ниту една земја не е толку заинтересирана за стабилноста на БиХ како Хрватска“.
Баербок рече дека Германија е свесна за опасностите што војната во Украина може да ги постави за Западен Балкан.
„По бруталниот напад на Русија врз Украина, некои тензии во регионот ги сфаќаме многу посериозно“, рече Баербок. Таа напомена дека пред две недели била на Западен Балкан и во таа пригода уште еднаш им изразила поддршка на овие земји на нивниот пат кон Европската Унија.
Грлиќ-Радман рече дека е важно Европската Унија да продолжи да го покажува своето присуство во регионот на Западен Балкан.
„Се надеваме дека нема да има домино ефект, но внимаваме. Балканот е полигон за геостратешки тендери и затоа Европската Унија мора тука да ја покаже својата сила“, рече Грлиќ-Радман.
„Хрватска, која има свежи сеќавања од војната, силно го поддржува територијалниот интегритет на Украина“, рече Грлиќ-Радман.
Баербок најави дека денеска ќе започне трансферот на украинските бегалци од Молдавија во Европската унија и понатаму во САД.
„Ќе има уште повеќе бегалци поради руските злосторства во Украина“, рече Баербок.
Баербок рече дека Европската Унија и нејзините партнери ќе направат се што можат за да им помогнат на земјите кои сега примаат голем број Украинци кои бегаат од војната, особено малата Молдавија, која досега прими најголем број бегалци по глава на жител.
Германија денеска ќе го организира првиот директен лет за носење бегалци од Молдавија во Франкфурт, а потоа ќе следуваат повеќе, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.