Регион
Грција воведе дополнителни мерки, вклучително и полициски час во Атина и Солун
Поради зголемувањето на ширењето на Ковид-19, Грција воведе дополнителни мерки, вклучително и полициски час во Атина и Солун.
Мерките стапуваат на сила во 6:00 часот денес и се однесуваат на регионите во земјата кои спаѓаат во ниво 3 (зголемен надзор) и ниво 4 (зголемен ризик), според применетата мапа на четири нивоа за проценка на здравствениот ризик за ширење на коронавирусот во Грција.
Во моментов, областите Атина и Солун спаѓаат во третото ниво, а во црвената зона се Кефалонија и Итака.
Според информациите што ги пренесе БГНЕС, во областите што спаѓаат во нивоата 3 и 4, се забранува движење од 00.30 до 05.00 часот. Исклучоци се дозволени за работници во ноќна смена и итните случаи. Целта на мерката е да се ограничи движењето, вечерните собири и собирањето на многу луѓе на едно место.
Секаде во земјата е задолжително да се носи маска, и во затворени простории и на отворено.
Дозволено е да се собираат до 100 лица за зони на ниво 1, до 50 лица за зони на ниво 2 и до 9 лица за зони на ниво 3.
Воведено е ограничување за пополнување на капацитетот на театрите, кината и концертните сали – 65% за областите на ниво 1; 50% за зони на ниво 2 и 30% за зони на ниво 3.
За барови и ресторани – 80% за ниво 1; 65% за ниво 2 и 50% за ниво 3. Забрането е да има луѓе кои стојат.
Контролните тела ќе извршат засилени инспекции за усогласеност со мерките, особено во рестораните и баровите.
Во моментов не се разгледува целосно затворање на Грција, а властите ќе продолжат со практиката на локални ограничувања доколку е потребно. Во моментот, воведена е целосна забрана за јавни собири во затворени простории и на отворено во областите на ниво 4. Таму не работат музеите, кината, театрите, баровите, рестораните, дискотеките, спортските сали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.