Регион
Грчки европратеник, поранешен член на „Златна зора“, уапсен во Брисел
Грчкиот европратеник Јоанис Лагос, поранешен член на неонацистичката партија „Златна зора“, беше уапсен во Брисел откако му беше одземен пратеничкиот имунитет, тврдат извори од грчката полиција.
Лагос беше осуден во Грција на 13 години и осум месеци затвор како еден од водачите на „криминална организација“, а против него беше распишана меѓународна потерница. Според грчки извори, тој бил „уапсен во Брисел“.
Веста за апсењето на грчкиот европратеник следеше откако синоќа Европскиот парламент го укина имунитетот на Лагос. На тајно гласање, 658 пратеници гласаа за укинување на имунитетот, 25 беа против, а десет беа воздржани.
Постапката е покрената на барање на грчките власти, кои мораат да издадат европска потерница за Јоанис Лагос. 48-годишникот е меѓу 40-те членови на „Златна зора“ кои беа осудени во октомври по пет и полгодишно судење.
„Јас сум во полициско возило, крадци, атеисти, антигрци ќе ме затворат“, напиша денес на Твитер Јоанис Лагос.
Лагос, како и целото раководство на „Златна зора“, беше во притвор по убиството на антифашистички активист во Атина во септември 2013 година. Тој беше ослободен на условна казна 18 месеци подоцна, додека чекаше судење. Имаше пратенички имунитет од јули 2019 година, кога беше избран во Европскиот парламент како претставник на „Златна зора“, која ја напушти неколку месеци подоцна.
Лидерот на „Златна зора“, Никос Михалолијакос, и повеќето осудени се во затвор, но другиот човек на таа организација, Христос Папас, сè уште е во бегство, пишуваат медиумите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Конфликт меѓу српска ТВ-екипа и вујкото на Данка: „Удри го, добро е за рејтингот“
Четврти ден од потрагата по двегодишната Данка Илиќ, а на социјалните мрежи е објавено скандалозно видео снимено пред куќата каде што исчезна девојчето, објави хрватски „Индекс“.
Новинар и снимател на српски „Информер“ пристигнале пред куќата на вујкото на Данка, каде што се случил помал инцидент. Пред нив излегол маж, кој се претставил како вујко на Данка, и им рекол да си одат оти немаат причина да бидат пред куќата.
Им рекол да ја исклучат камерата или ќе повика полиција. Репортерот и снимателот не го послушале, а најскандалозниот дел од целата ситуација е што водителите во студиото предложиле нивната екипа да го удри вујкото на Данка и дека тоа би било добро за рејтингот.
Mučna situacija svakako, otišli da snimaju porodičnu kuću nestale devojčice. Pojavio se njen ujak i negoduje.
Poslušajte razmišljanje i želju urednika iz studia, od 0:52 do 1:03.
Prokletnici. pic.twitter.com/YnJDuXKV6W— 𝙁𝙀𝙍𝙈𝘼𝙉 (@Fermantwiit) March 27, 2024
Од студиото на ТВ „Информер“ во еден момент велат: „Удри го Рафа, удри го!“ и додаваат дека ќе биде добро за „шерот“ (удел во вкупна ТВ-гледаност).
„Сега кога Рафа ќе го забоде, ќе видите“, велат од студиото, се слуша во директниот пренос.
Регион
(Видео) Снимка од приведувањето три лица во БиХ, кои на „Тик-ток“ објавија дека ја држат Данка
Тројца мажи, кои синоќа беа уапсени од Федералната полициска управа (ФУП), а по наредба на српската полиција, синоќа се донесени во просториите на ФУП во Сараево на понатамошна обработка.
Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Република Србија, Управата за технологија, уапси три лица што се сомничат дека преку социјалната мрежа „Тик-ток“ објавиле дека се поврзани со исчезнување на девојчето Данка Илиќ.
Уапсени се Б. Т. (2002), М. Т. (2001) и З. Т. (1972). Полицијата извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дале се лажни.
Во текот на ноќта тројката заедно со Хаџиќ се донесени во просториите на ФУП, каде што потоа ќе бидат предадени на надлежниот обвинител за понатамошна постапка, а видеото од нивното приведување го објави Министерството за внатрешни работи на Србија.
Регион
Два силни земјотреса го погодија југот на Грција
Земјотреси со јачина од 5,7 и 4,3 степени според Рихтеровата скала утрово го погодија југот на Грција, соопшти Геодинамичкиот институт во Атина.
Земјотрес со јачина од 5,7 степени се случи во 9.12 часот на подрачјето на Јонското Море, а минута претходно е регистриран земјотрес со јачина од 4,3 степени, пренесува „Катимерини“.
Двата земјотреса беа почувствувани во многу региони на Грција, вклучувајќи ја и Атика. Професорот по динамичка тектоника и применета геологија, Ефтимис Лекас, на платформата Х напиша дека нема повредени и дека не е причинета штета, а директорот на Геодинамичкиот институт, Атанасиос Ганас, рече дека причината што нема материјална штета е тоа што зградите во областа се изградени според строги антисеизмички прописи.
Ганас изјави дека земјотресот со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала бил на длабочина од 20 километри, во централното Јонско Море, на допир на евроазиската и африканската плоча. Жителите од погодените подрачја велат дека противпожарните патроли ги утврдуваат сите проблеми предизвикани од земјотресите.