Регион
Додик: Тоа не се санкции од САД, туку од губитниците на претседателските избори
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, коментирајќи ги санкции кои му беа воведени во вторникот од страна на САД, изјавил дека тоа се санкции на оние „кои биле поразени на изборите во САД и одмазда на американската амбасадорка во БиХ, Морин Кормак“, пренесуваат српските медиуми.
Додик изјавил дека тој се наоѓа „на удар на арогантанта политика на американската администрација во заминување“. „Ова не се санкции на САД, туку санкции на оние кои беа поразени на изборите во САД и не сум изненаден од овој потег бидејќи за последните десет години чув толку многу закани од оваа администрација во заминување. Одмаздата која следеше, а веројатно немаше нити да има такво нешто доколку не бев поканет на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Не можеја да поднесат да ме гледаат“, рекол Додик во обраќање кон јавноста, додавајќи дека санкциите се „личен потег на оние кои политиката ја сфаќаат како политика на сила“.
„Одлуката беше соопштена од страна на администрација која за два дена заминува во политичка историја, а дури сега ќе видиме и дали имале некакви сугестии од овде за да донесат таква одлука“, истакнал тој, обвинувајќи ја американската амбасадорка во БиХ, Морин Кормак дека е одговорна за санкциите кои му беа воведени од САД, и оти Кормак е „непријател на Република Српска и на Србите“.
„Ова е и лична одмазда на госпоѓата Кормак, а не на претставниците на САД, кои таа лажно ги информираше за состојбата во БиХ. Таа сноси целосна одговорност за ваквиот циничен потег кој беше направен. Таа е докажан непријател на Србите и на Република Српска“, нагласил Додик и додал дека очекува оти „новата власт во САД итно ќе ја повлече Кормак од БиХ и кривично ќе ја гони поради мешањето во внатрешните прашања на БиХ, кршење на Дејтонскиот договор и лажно информирање на Стејт департментот“.
Додик исто така рекол дека се чувствува „гордо и дека санкциите не ги доживува како казна, бидејќи не сакал да тргува со интересите на Република Српска“. „Одлуката е депласирана, бидејќи оние кои ја донесоа знаат дека јас немам никаков имот нити сметки во САД и во странство, освен во Србија“, додал Додик. Претседателот на Република Српска порачал дека тоа што е важно е дека ова не се санкции против Република Српска, бидејќи тој одамна, веќе десет години, е „под санкции“ од страна на разни актери кои припаѓаат на американската администрација во заминување./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ во ОН: Курти денес не е во Њујорк оти води тајна кампања во Северна Македонија
За време на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на шестмесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК, српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини лидерот на движењето Самоопределување, Аљбин Курти за мешање во внатрешните работи на Македонија.
Вучиќ истакна дека Курти не бил присутен на седницата во Њујорк бидејќи бил зафатен со водењето на изборната кампања на неговата партија во соседна држава.
Вучиќ изрази изненаденост од тоа што, според него, најпопуларен политичар во Македонија е претседателот на Србија, иако нема кампања во таа земја.
Тој посочи дека како претседател на Србија се извинува за постапките на, како што го нарече, српскиот граѓанин Аљбин Курти и истакна дека мешањето во внатрешните работи на Северна Македонија не е политика на Србија, туку постапка на неодговорен граѓанин.
Регион
Уапсена државјанка на Јужна Африка, осомничена дека ја убилa мајка си во Црна Гора
Јужноафриканска државјанка е уапсена под сомнение дека утрово ја убила својата мајка во Пераст.
Полициската управа соопшти дека медицинскиот персонал на Здравствениот дом во Котор пријавил во полиција дека во станбена зграда во Пераст е пронајдено безживотно тело на жена, а таму била пронајдена и нејзината ќерка Н.Л.Т., пренесува Вијести.
„Полицијата излезе на местото на настанот каде е утврден идентитетот на починатата, а преземени се мерки и дејствија за утврдување на фактите и околностите под кои настапила смртта“, се вели во соопштението на полицијата.
Оттаму додаваат дека увид на лице место е извршено во присуство на обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, како и службеник од Центарот за судска медицина.
„По преземени сеопфатни истражни дејствија, припадниците на полицијата дошле до сомнение дека сторител на ова кривично дело е Н.Л.Т. и таа е лишена од слободата.
Регион
Османи: Белград ја спречува интеграцијата на Србите во институциите на Косово
Косовската претседателка Вјоса Османи упати низа обвинувања за Србија на седницата на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите Нации (ОН) посветена на Косово.
Османи обвини дека Белград ја спречува интеграцијата на Србите во институциите на Косово.
Таа изјави дека Србија ја заплашува српската заедница на северот на Косово, а како пример го наведе неодамнешното апсење на косовски полицајци во Србија, пренесува „Радио Слободна Европа“.
Османи обвини и оти Србија претходните денови на граница задржувала автобуси со патници од албанска националност.
Владата на Косово претходно овие постапки ги оцени како одмазда на Србија за поддршката дадена од Парламентарното собрание на Советот на Европа за членството на Косово во оваа организација.
„Србите во Косово се под притисок, но од страна на властите во Србија“, рече Османи.