Регион
Европа мора да го исполни ветувањето кон Западен Балкан, порача Вархељи
Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархељи, изјави дека граѓаните на Западен Балкан би можеле да ја предизвикаат следната мигрантска криза.
Мора да ги исполниме ветувањата за Западен Балкан. За мене, тоа е една од најважните лекции за ситуацијата во Авганистан“, рече Вархељи, пренесуваат регионалните медиуми.
„Ајде да замислиме што ќе се случи ако процесот на пристапување на нашите партнери од Западен Балкан се протега уште подалеку и – од некоја геополитичка причина – она што го ветивме не се случи на крајот“, рече Вархељи.
Тој додаде дека географски Западен Балкан е многу поблиску до Европа отколку Авганистан, што значи дека интеграцијата на тој регион мора да биде европски приоритет.
Во врска со пристапувањето на Албанија и Северна Македонија, Вархељи рече дека двете земји ги исполнуваат сите критериуми за почеток на пристапните преговори.
Што се однесува до Србија, Вархељи рече дека зависи од земјите членки на ЕУ дали речиси сите поглавја за пристапување ќе бидат отворени пред крајот на годината.
Говорејќи за самитот ЕУ-Западен Балкан, закажан за октомври, комесарот рече дека со нетрпение очекува да види кои делови од европските економски развојни планови на регионот може да се спроведат.
„Целта е да се поддржат долгорочна стабилност и мир во регионот“, додаде тој.
Во интервју за унгарски медиум тој исто така повика на нов вид партнерство помеѓу ЕУ и Турција како во економската соработка така и во врска со заедничкото решавање на мигрантското прашање.
Говорејќи за ситуацијата во Авганистан и напорите да се спречи нов бран мигранти, Вархељи посочи дека клучната разлика од ситуацијата во 2015 година е што не е предоцна да се спречи кризата.
„Но, тоа бара од нас да ги преземеме вистинските чекори, да ги научиме лекциите од 2015 година и да се концентрираме на превенцијата“, рече еврокомесарот за проширување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.