Регион
ЕУ до Србија: Воведете санкции против Русија
Србија мора повеќе да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ вклучувајќи ги и санкциите против Русија, но тоа не може да биде причина за прекин на преговорите, изјави денеска комесарот за проширување, Оливер Вархељ.
„Во сегашните геополитички околности Србија мора да ја зголеми својата усогласеност со европската надворешна политика, вклучително и декларации и санкции против Русија“, рече комесарот Вархељ презентирајќи го извештајот за проширувањето и напредокот на земјите кандидати и потенцијалните кандидати на нивниот пат кон ЕУ.
Комисијата денеска го претстави пакетот за проширување, кој вклучува преглед на напредокот во сите земји кандидати и потенцијални кандидати. Извештајот се објавува еднаш годишно. Овој извештај ги опфаќа шесте земји од Западен Балкан и Турција.
Извештаите за Украина и Молдавија, кои добија кандидатски статус во јуни и Грузија, која стана потенцијален кандидат, овој пат не беа објавени, со оглед на тоа што Комисијата неодамна објави мислење за нивната кандидатура.
Имајќи предвид дека според новата методологија на пристапните преговори тие може да бидат прекинати и вратени на почеток доколку нема доволен напредок, комесарот Вархељ, кој првин го презентира извештајот во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, а потоа и на прес-конференција, беше поставено прашањето дали може да се прекинат преговорите за Србија затоа што таа одбива да воведе санкции кон Русија и згора на тоа процентот на почитување во изминатата година значително се намали и Србија се уназадува наместо да напредува.
„Тоа е причина за загриженост, но преговорите не може да бидат прекинати поради тоа. Тоа се правилата“, рече Вархељ.
„Некои изјави и потези на високи српски функционери директно се спротивни на надворешнополитичките позиции на ЕУ, вклучително и потпишувањето на заедничките политички приоритети меѓу Русија и Србија во септември оваа година“, се вели во извештајот.
Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Црна Гора ја следеа ЕУ и воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, само Србија и Турција не.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Регион
Никола Роквиќ тргна пеш на пат долг 1.150 километри на хумана мисија
Никола Роквиќ пеш тргна кон Грција и треба да помине 1.150 километри, а сето тоа во хуманитарна мисија.
Тој и неговата сопруга Бојана неодамна ја основаа „Фондација за семејство“, а за да им помогне на оние на кои им е потребна помош, реши да направи неверојатен чекор достоен за восхит.
Треба да стигне до Егина, каде што ќе се поклони на Свети Нектариј Егински. Пред заминувањето тој со семејството ја посети црквата Свети Сава каде се помоли.
„По овој пат решив да тргнам од љубов кон луѓето и се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за помош на многумина. Првенствено да помогнам на многу семејства, на многу деца, но најважно да им помогнам на болните деца, поради што во голема мера го започнав ова патување. Започнавме фондација која ќе му помага на семејството, која ќе помага на талентирани деца, на многудетно семејство, но и на болни деца“, изјави Никола во храмот Свети Сава за „Телеграф“.
Никола последниве месеци се подготвуваше за овој потфат со големи планинарски тури.