Регион
ЕУ: Хрватска ги исполни условите за шенген
Земјите членки на ЕУ се согласија за текстот на заклучоците со кои се потврдува дека Хрватска ги исполнува сите услови за спроведување на правото на шенген, што го отвора патот за конечна одлука за влез во зоната без контроли на внатрешните граници на Унијата.
Договорениот текст на заклучоците беше формално усвоен од министрите за внатрешни работи на земјите членки без дискусија.
Вчера на состанокот на Комитетот на постојаните претставници, Холандија и Шведска имаа процедурални резерви бидејќи нивните претставници чекаа консултации со соодветните комисии во нивните парламенти, а заклучоците не можеа да се донесат без согласност на сите членови. Зеленото светло пристигна денеска, кога министрите за внатрешни работи се собраа во Брисел и официјално да го потврдат.
„Хрватска ги исполни сите неопходни услови за имплементација на сите делови од шенгенското право“, се вели во текстот на договорените заклучоци. Ова создаде предуслови Советот да донесе одлука во согласност со член 4 (2) од Договорот за пристапување на Хрватска, кој дозволува укинување на контролите на внатрешните граници.
„Во поглед на пристапувањето на Хрватска во шенген земјата е повикана да продолжи доследно да ги спроведува правата и обврските“, се вели во заклучоците.
Овие заклучоци се процедурално неопходен услов за донесување одлука за влез во шенген-зоната и отстранување на граничните контроли на хрватската копнена граница со Словенија и Унгарија, како и на аеродромите и поморските пристаништа.
Конечната одлука за пристапување во шенген би можела да биде донесена за околу шест месеци за време на француското претседателство, а потребна е согласност од сите земји од шенген. Советот треба да побара и мислење од Европскиот парламент, што може, но и не мора да го следи.
Усвоените заклучоци не значат дека одлуката за влез во шенген е загарантирана бидејќи се одлучува едногласно и не може да се исклучи можноста дека некоја од членките ќе ја блокира одлуката. Заклучоците за шенгенската подготвеност за Бугарија и Романија беа донесени уште во 2011 година, а двете земји се надвор од шенген-зоната.
Во самиот текст се наведува дека усвоените заклучоци ги исполнуваат предусловите Советот да може последователно да одлучи дека сите делови од шенгенското право се применуваат во Хрватска.
„Советот може да започне со работа на нацрт-одлуката со цел да се проследи до Европскиот парламент на консултации што е можно поскоро“, се вели во заклучоците.
Пристапот до Шенген бара темелни евалуации за да се процени дали земјата може да преземе одговорност за контрола на надворешните граници во име на други земји, ефективно да соработува со полициските власти на земји-членки на Шенген, со цел да се одржи високо ниво на безбедност по укинувањето на гранични контроли.
На 6 март 2015 година, Хрватска испрати писмо во кое се наведува дека е подготвена да започне со евалуации. Процесот на евалуација започна во јуни 2016 година и беше завршен во мај 2019 година, а Европската комисија на 22 октомври 2019 година потврди дека Хрватска ги исполнува сите технички услови за пристапување во Шенген.
Постапката ја спроведоа тимови експерти од Европската комисија и земјите-членки, кои по извршените инспекции напишаа низа извештаи и препораки за исправање на констатираните недостатоци. Следејќи ги овие препораки, Хрватска разви акциони планови за справување со овие недостатоци. Последниот акционен план за областа на управувањето со надворешните граници беше завршен во февруари 2021 година.
Хрватска го помина најсеопфатниот и детален процес на проценка на нејзината подготвеност за членство во Шенген зоната, со кој досега не се сретнала ниту една земја-членка на ЕУ. Исполни 281 препорака во осум области на правото на шенген, од кои 145 препораки се однесуваат само на областа на контролата на надворешните граници.
Со помош на ЕУ, Хрватска вложи значителни средства во заштитата на границата, која ја чуваат шест и пол илјади полицајци. Долго време е под голем притисок од мигрантите кои се обидуваат да влезат на територијата на ЕУ. Хрватската гранична полиција е обвинета од медиумите и невладините организации за насилно враќање и нехумано постапување со илегалните мигранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.