Регион
Комерсант: Србија и Косово се на прагот на војна
Србија и Косово се на „прагот на војна“ поради возот кој од Белград требаше да вози до Косовска Митровица, оценува московскиот весник Комерсант.
Весникот наведува дека во овој случај од самиот почеток имало „многу политичка симболка“, бидејќи возовите на оваа релација не возеле уште од 1999-та година.
Возот се нарекува „руски“, а што е најважно, оценува весникот, е тоа што двата вагони овд внатрешната страна биле насликани со фрески од косовските манастири на Косово, а од надворешната страна со огромно српски знаме и натпис „Косово е Србија“.
Комерсант потсетува дека претседателот на Косово Хашим Тачи возот го нарекол провокација, а српскиот претседател Томислав Николиќ предупредил дека ќе испрати војска на Косово доколку треба да се заштитат тамошните Срби.
„Многумина на Балканот сметаат дека инцидентот беше испровоциран од Белград“, пишува весникот и напоменува дека возот од Краљево, кој бил „обичен воз, без никакви натписи“, истиот ден без проблем стигнал до Косовска Митровица.
Весникот оценува дека косовскиот проблем „започнал активно да биде експлоатиран од многу српски политичари, па и од клучните“, поврзувајќи го тоа со претстојните претседателски избори во Србија.
„Инцидентот се случи во атмосфера на генерално заострување на реториката на српските политичари, што експертите го поврзуваат со претстојните претседателски избори во Србија, кои ќе ја одредат идната надворешна политика на земјата“, оценува московскиот весник./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.