Регион
Лавина реакции – новинарот Владимир Ковачевиќ брутално претепан со метални шипки
Лавина реакции се појавија во јавноста по веста дека новинарот на телевизијата БН, Владимир Ковачевиќ, синоќа бил брутално нападнат од две лица со метални шипки во Бања Лука. Поради добиените повреди, тој побарал медицинска помош.
„Пред 20 минути, додела се враќав од работа, две момчиња ме пресретнаа и ме претепаа со метални шипки“, напиша Ковачевиќ на „Твитер“ објавувајќи фотографија на која може да се забележи дека има крвав завој на главата.
Prije 20 minuta su me dok sam se vraćao sa posla dva momka zaskočila i namlatila šipkama na razvlačenje. pic.twitter.com/qEllwPvAvn
— Vladimir Kovacevic (@corbapas) August 26, 2018
Уредувачкиот колегиум на телевизијата, новинарските здруженија, партиите и политичарите од Бања Лука и други делови на БиХ, најостро го осудија овој напад и бараат што побргу да се најдат извршителите на овој брутален чин.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го посети новинарот во болницата, каде што најостро го осуди нападот врз него и побара од полицијата итно да се расветли овој случај.
И владата на Република Српска најостро го осуди физичкиот напад врз новинарот. „Слободното новинарство е една од основните карактеристики на демократското општество поради што синоќешниот напад и загрозувањето на личната безбедност на новинарите го сметаме за напад на Уставот и загарантираната слобода на мисла и определување и јавно искажување на мислењето. Од надлежните институции очекуваме во најкраток рок да го расветлат случајот и сторителите да ги приведат“, се вели во соопштението.
Ковачевиќ синоќа на плоштадот Краина во Бања Лука го следел собирот „Правда за Давид“, од каде што секоја вечер има директно вклучување во вестите на ТВ БН.
Давид Драгичевиќ (21) исчезна ноќта на 18 март, а неговото тело е пронајдено на 24 март во реката Врбас. Родителите на Драгичевиќ тврдат дека тој е киднапиран и убиен од страна на припадници на полицијата на Република Српска. Мирните собири на граѓаните „Правда за Давид“, на кои се бара откривање на убијците и наредбодавците, се одржуваат во Бања Лука секоја вечер од 26 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка, испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала нивната ќерка.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме е неописливо. Тоа може да го разбере само родителот. Неколку пати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот, ниту во кола, ниту ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле тоа. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, не навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога се ќе заврши, ќе кажеме се“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.