Регион
Лавров ги отфрли тврдењата дека Русија заговарала државен удар во Црна Гора
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, остро ги критикуваше во понеделникот неодамнешните тврдења дека руските власти биле наводно вмешани во обид за државен удар во Црна Гора минатата година во текот на парламентарните избори. Лавров ваквите обвинувања ги нарече неосновани.
Ова доаѓа откако британскиот весник Telegraph објави извештај во кој се тврди дека Москва ковала заговор за соборување на владата на Црна Гора и убиство на доскорешниот црногорски премиер Мило Ѓукановиќ.
Владини извори во Велика Британија тврдат дека минатата есен Русија заговорала атентат врз премиерот на Црна Гора и соборување на владата, наводно „за да го саботира планот на земјата за членство во НАТО.”
Во ноември минатата година, црногорските власти објавија дека спречиле обид за државен удар. Беа уапсени околу 50 лица од Црна Гора и Србија, а Интерпол распора потерница по двајца државјани на Русија за време на парламентарните избори во земјата.
„Статијата на Telegraph што ја спомнавте стои во иста линија како уште едно неосновано обвинување против нас и нашата земја, вклучувајќи ги и наводите за хакирање против целиот Запад, интервенции во изборни кампањи на поголемиот дел од западните земји, поврзаноста на администрацијата на Трамп со руски специјални служби и многу други. Ниту еден од овие непоткрепени наводи не бил поддржан со факти “, Лавров изјави за новинарите коментирајќи го извештајот на Telegraph.
Руската амбасада во Лондон во неделата, исто така, го отфрли извештајот како „чиста инсинуација”.
Целиот извештај е рециклирање на фрла вести со цел „да ги подгрее тензиите со Русија”, соопшти руската амбасада. Претходно, Москва „категорично ја отфрли можноста за вклученост на Кремљ во обиди за вршење на било незаконски активности”, за време на парламентарните избори во Црна Гора во октомври 2016 година. /крај/мф/вс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.