Регион
Малчанскиот бербер во Србија осуден на доживотен затвор
Нинослав Јовановиќ, попознат како малчанскиот бербер, е осуден на доживотен затвор за злоупотреба на малолетно девојче од Брзи Брод. Пресудата е првостепена и е донесена во Високиот суд малку по 11 часот во присуство на семејството на повредената малолетничка, како и многубројни новинари. Јовановиќ не беше на судењето.
Јовановиќ не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.
Постапката против Јовановиќ (46), попознат како малчански бербер затоа што им ја потстрижувал косата на своите жртви, била затворена за јавноста поради заштита на интересите на малолетничката.
Вишото јавно обвинителство во Ниш на крајот на март минатата година поднесе обвинение против Јовановиќ, но поради заштитата на интересите на малолетната жртва во овој случај, не беше соопштено правно квалификување на кривичното дело за кое тој се товари. Истрагата против Јовановиќ е спроведена поради кривични дела киднапирање и силување дете за што се заканува затворска казна од десет години до доживотен затвор.
Јовановиќ веќе двапати беше затворен за силување, киднапирање и злоупотреба, еднаш 10 години и втор пат 12 години. Тој ја киднапира последната жртва на 20 декември 2019 година на пат кон училиште. Тој се криеше со неа во напуштени куќи и викендички на потегот од Ниш до Књажевац. Девојчето беше пронајдено на 28 декември 2019 година во Пасјача, во близина на Ниш, по потера во која учествуваа припадници на Министерството за внатрешни работи и на Армијата на Србија, жандармеријата и многубројни здруженија на граѓани, ловци и планинари. Седум дена подоцна, Јовановиќ беше фатен на селските гробишта во неговото родно село Малча.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.
Регион
Пленковиќ по победата на изборите во Хрватска: Набргу ќе дознаете со кого ќе имаме мнозинство
Актуелниот премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ, чија партија ХДЗ победи на парламентарните избори во Хрватска, објави дека набргу ќе се знае со кого ќе формираат влада.
„Одлично е чувството, трета победа во низа и убедлива, тоа никој не успеа да го направи пред нас. Презадоволни сме, урнат е митот дека високиот одѕив не ѝ одговара на ХДЗ“, изјави Пленковиќ.
„Многу набргу ќе дознаете со кого ќе формираме ново мнозинство во Собранието. Разговаравме со некои наши колеги уште синоќа, а денеска ги продолжуваме разговорите. Сè оди добро, победниците ќе ја водат владата и во третиот мандат“, порача Пленковиќ.
Неофицијалните резултати по обработката на речиси сите избирачки места, според пресметките, покажуваат дека ХДЗ убедливо победува на парламентарните избори и освојува 61 мандат, а Риека правде на СДП добива 42 мандата.