Регион
(Видео) Москва: Белград има право да врати ограничен број полицајци и војници во Косово
Белград има право да врати ограничен број свои полицајци и војници во Косово, изјави денеска рускиот амбасадор во меѓународните организации во Виена, Михаил Уљанов, пренесува „РТ Балкан“.
„Со оглед на актуелната ситуација во Косово и Метохија, би било корисно да се потсети дека во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Белград го задржува правото да врати ограничен број свои полицајци и војници во тој регион“, напиша Уљанов на „Телеграм“.
Во исто време се огласи и Пекинг со поддршка за Србија во нејзините напори да ги заштити својот суверенитет и територијален интегритет.
„Кина посветува големо внимание на релевантните настани и ги поддржува напорите на Србија за заштита на својот суверенитет и територијален интегритет“, изјави официјалниот претставник на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, коментирајќи ја ескалацијата на Косово.
Пекинг го повика НАТО искрено да ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија и да преземе активности што ќе придонесат за мирот, нагласи таа, и додаде дека Кина се противи на едностраното дејствување на косовските власти.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со рускиот, а подоцна ќе се сретне и со кинескиот амбасадор во поглед на влошената ситуација на Косово, соопштија од администрацијата на Вучиќ. Во зградата на Претседателството на Србија во тек е средба на претседателот Александар Вучиќ и рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко.
„Го информирав амбасадорот Харченко за ескалацијата на насилството и бруталната дискриминација врз Србите во Косово и Метохија. И покрај најбруталното кршење на сите меѓународни договори, Србија ќе работи на зачувување на мирот и стабилноста барајќи итно усвојување и спроведување мерки што ќе ја гарантираат безбедноста на Србите во Косово и Метохија, што е предуслов за каква било понатамошна дискусија со претставниците на привремените институции во Приштина“, рече Вучиќ.
View this post on Instagram
Србите и денеска се собраа пред трите општини со мнозинско српско население на северот од Косово за да влезат на работа во зградите, но ниту КФОР ниту косовските специјалци не им дозволиле да поминат.
Припадниците на косовската полиција сè уште се во зградите на општините на северот од Косово, а припадниците на КФОР формираа кордони пред нив.
Претставникот на привремената управа на општина Звечан, Драган Недељковиќ, изјави дека Србите, кои вчера беа приведени во Звечан, сè уште не се ослободени.
Недељковиќ синоќа ги информира претставниците на Српската листа дека повторно разговарале со командантот на КФОР, кој им рекол дека чекаат документи за ослободување на приведените Срби.
„Според информациите што ги имам, тие сè уште не се ослободени. Факт е дека КФОР веднаш им ги предал на Албанците“, рече Недељковиќ.
Тој додаде дека од КФОР ветиле оти сите припадници на специјалните косовски единици треба да се повлечат денеска до 15 часот.
„Дојдовме да почекаме, чекаме да дојде 15 часот и сите да си заминат“, изјави Недељковиќ.
View this post on Instagram
Во меѓувреме, на зградата на Општина Зубин Поток веќе го нема знамето на Косово, кое, наместо на јарболот, беше поставен на терасата на вториот кат за да не може да се отстрани. Србите го закачија знамето на Република Србија на столб пред Општината.
На кружниот тек во Грачаница, пак, кај споменикот на Милош Обилиќ, поставено е ново знаме на Србија откога старото било запалено во текот на ноќта.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска соопшти дека палењето на српската тробојка во Грачаница е налудничава забава од омраза.
„Ноќеска албански екстремист во Грачаница ја запалил српската тробојка во својата налудничава забава од омраза инспирирана од нападот на терористите на Курти врз српскиот голорак народ на северот во Косово и Метохија. Србите веднаш го заменија знамето со ново бидејќи омразата никогаш нема да биде посилна“, напиша Петковиќ на „Твитер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Во семејството не смее да постои ниту една тајна, верувам дека детето е со некого и дека не е надвор“: Јуриќ за случајот со исчезнатата Данка
Основачот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, учествувајќи во емисија во живо, кажа нови детали од истрагата за случајот со исчезнатата Данка Илиќ објаснувајќи зошто потрагата на терен била прекината по 27 часа.
„Не, тоа апсолутно не значи дека некои работи се откриени, напротив, значи само дека нема потреба да се троши работна сила и да се насочува енергија кон тој дел од теренот, кој е целосно и темелно прегледан. Штом немаме дополнителни информации, истрагата продолжува, сега истрагата тргна во друга насока и се вршат некои оперативни дејства поврзани со сознанијата за самото девојче“, изјави Јуриќ.
Тој вели дека во случаите на исчезнување на детето родителите мора да споделат сè со полицијата, дури и најинтимните семејни тајни, кои може да бидат важни во тие моменти.
„Кога зборуваме за овие ситуации, кога детето ќе исчезне, едноставно, не смее да има никакви тајни во семејните односи, напротив, треба целосно да ѝ помогнете на полицијата. Ако имате каква било ситуација што може да доведе до несакан настан, во случајот исчезнување мало девојче, мора да кажете сè што знаете“.
Основачот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца вели дека во деновите кога не знаеле каде е ќерка му Тијана Јуриќ посакувал некој да излезе и да побара откуп.
„Навистина верувам и го чекам соопштението на полицијата за да видам кое е конечното решение за оваа драма, но, дефинитивно, бев среќен што детето не беше пронајдено на тој простор, особено таа прва вечер бидејќи тешко дека детето може да преживеало таму во тие услови. Кога исчезна Тијана, се надевавме дека некој ќе ни побара откуп и дека е жртва на киднапирање, некако сега се надевам дека има шанси детето поради некоја причина да е со некои луѓе и да е уште живо. Таа надеж постои во нашите глави, но од нашето искуство мораме да бидеме подготвени за најлошите вести.
Според него, добро е што е пребарана областа и последната надеж е дека некој е вмешан и дека детето е скриено поради некоја причина.
„Сега очекувам дека оперативците на МУП ќе завршат добра работа и дека, конечно, ќе ја дознаеме вистинската вистина.
Игор Јуриќ зборуваше и за активирање на системот „Најди ме“.
„Системот го активираат началниците на полициските одделенија, во случајот тоа беше полициското одделение каде што детето исчезна. Кога ќе се процени дека детето е во опасност, системот се активира. Она што беше специфично во овој случај е дека детето е екстремно мало, самите околности беа многу чудни и полицијата бргу реагира и поради возраста на детето, темелно го пребара теренот.
„Полицијата се погрижила да не го загрози дополнително животот на детето и да ги истражи сите околности, детето да не биде жртва на киднапирање, да не се бара откуп и слично, затоа системот бил активиран околу 7 часот“, објаснува тој.
Регион
Полицајци и пожарникари пристигнуваат пред куќата каде што исчезна Данка
Во Бањско Поле во Србија пристигнуваат уште полициски сили и пожарникари во околината на викендичката на семејството Илиќ во близина на која последен пат била видена малата Данка Илиќ по која веќе трет ден се трага.
Покрај пожарникари и полиција, на самото место има и багер, иако сè уште нема официјални информации зошто. Репортерот на српски „Телеграф“ јавува дека полицијата отвора шахти околу куќата на семејството Илиќ.
Како што објави „Телеграф“, полицијата и работниците од ЈКП од утрово го расчистуваат теренот.
Данка Илиќ исчезна во вторникот во 13.45 часот кога мајка ѝ му давала вода на другото дете.
По девојчето 27 часа трагаа припадници на жандармеријата, полицијата, пожарникари, спасувачи, како и многубројни мештани. По 27 часа, српската полиција го прекина пребарувањето на теренот во Бањско Поле.
Регион
Кризата во Бугарија продолжува: никој не може да формира влада, на повидок се нови избори
Претставниците на партијата Има таков народ, денеска, на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, со што се отвора патот за закажување вонредни парламентарна избори.
Мандатот што ѝ беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање редовна влада во рамките на сегашното Народно собрание, јавува Бугарското радио. Претседателот Радев сега треба да го одреди датумот на предвремените избори за парламентот откога неисполнети му беа вратени трите мандати за формирање влада.
На изборите во април минатата година ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, коалицијата предводена од партијата Продолжуваме со промените освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент, а нивните обиди за формирање влада претходно беа неуспешни.
Првиот мандат Радев ѝ го довери на коалицијата ГЕРБ-СДС, но таа не формира влада, мандатарката Марија Габриел се откажа и го врати мандатот.
Вториот мандат за состав на влада му беше доверен на Николај Денков.
Третиот мандат за состав на влада, според бугарскиот Устав, претседателот го доверува на една од другите парламентарни сили, по негова дискреција, во рок од 7 дена. Според Уставот, доколку не се постигне договор за формирање влада, претседателот по консултација со пратеничките групи назначува преодна влада и распишува нови предвремени избори во рок од 2 месеца.