Регион
Над 330 000 Албанци станале граѓани на ЕУ од 2002 година
Од 2002 година па до крајот на минатата година околу 330 000 граѓани на Албанија кои живеат во странство добија државјанство во некои од земјите членки на Европската Унија, наведе европската статистичка служба „Еуростат“.
Грција и Италија се двете земји што одобриле најголем број државјанства за албанските емигранти. Околу 150 000 Албанци добиле грчко државјанство, а околу 140 000 италијанско државјанство. Албанската заедница е втора по големина во Италија.
На третото место, според бројот на издадени државјанства за албанските граѓани е Велика Британија со 11 000, а потоа Германија со 5 700 издадени државјанства.
Во 2017 година, преполовен е бројот на албански граѓани во Германија од 74 000 на 49 000 граѓани. Поголем дел од нив се баратели на азил, на кои им било одбиено барањето по што биле депортирани во Албанија. Од 2011 до 2017 година, за азил во Германија барање поднеле 90 000 албански граѓани, но поголем дел од нив добиле негативен одговор.
Белгија во периодот од 2002 до 2017 година, одобри 5 000 државјанства за Албанците, Франција 3 400, а Шведска и Австрија по 1 000.
Според податоците на албанскиот државен Институт за статистика ИНСТАТ, околу 1,6 државјани на Албанија живеат во странство. Од вкупниот број, 825 000 се мажи, а 755 000 се жени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.