Регион
НАТО распореди војници околу општините, КФОР повика на воздржаност на северот од Косово
Мисијата на КФОР предводена од НАТО, која од утринава ја одржува контролата меѓу граѓаните и косовските специјални сили во сите четири општини на северот од Косово со мнозинско српско население, ги повика сите страни да се воздржат од потези кои може да поттикнат тензии и да предизвикаат ескалација, пишува „КоССев“.
„КФОР ги повикува Белград и Приштина да се вклучат во дијалогот предводен од ЕУ за намалување на тензиите како единствен начин за мир и за нормализација“, потенцираат од оваа мисија.
Засега КФОР ја има ситуацијата целосно под контрола не само со распоредените единици туку и преку кризни преговори на терен.
Во Звечан претставникот на КФОР првин разговара со едната, а потоа со другата страна. Припадниците на КФОР стојат меѓу граѓаните и полицијата и во Лепосавиќ и во Зубин Поток, а зголемено присуството на КФОР од утринава е забележително и во Митровица.
„Целта на присуството на КФОР е да се погрижи за безбедна и сигурна средина и слобода на движење за сите заедници во Косов, во согласност со неговиот мандат од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година“, велат од Мисијата истакнувајќи дека се подготвени да ги преземат сите неопходни активности на неутрален и непристрасен начин.
Тие велат дека се во постојана комуникација со ЕУЛЕКС во Косово, но и со Генералштабот на Војската на Србија, што го потврди и српскиот министер за одбрана, Милош Вучевиќ, кој сепак изрази сомнеж дека КФОР денеска е на терен „за да ја заштити полицијата“.
Илјадници граѓани во трите општини на северот од Косово од утринава се пред општинските згради, кои од петокот се под ‘окупација’ на косовската специјална полиција.
Генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг, во неделата ја повика косовската влада да ги намали тензиите со Србија.
„Приштина мора да деескалира и да не презема еднострани дестабилизирачки чекори“, напиша Столтенберг на „Твитер“.
Spoke to HR/VP @JosepBorrellF about #Kosovo. Pristina & Belgrade must engage in the EU-led dialogue now, as the only way to peace & normalisation. Pristina must de-escalate & not take unilateral, destabilising steps. @NATO_KFOR will continue to ensure a safe & secure environment.
— Jens Stoltenberg (@jensstoltenberg) May 28, 2023
Мировниците на НАТО претходно утринава формираа безбедносни кордони околу општинските згради во трите града за да ги задржат Србите што протестираат против градоначалниците – етничките Албанци, кои ја преземаат функцијата во област со српско мнозинство.
Во Звечан косовската полиција- целосно составена од етнички Албанци откако сите Срби ја напуштија минатата година – прскаше бибер-спреј за да ја одбие толпата Срби, кои ја пробија безбедносната барикада и се обидоа насилно да влезат во општината зграда.
Во Лепосавиќ, во близина на границата со Србија, американските мировни трупи во интервентна опрема поставија бодликава жица околу Општината за да ја заштитат од стотиците гневни Срби, кои се собраа во близина. Мировниците на НАТО го блокирале и градското собрание во Зубин Поток за да го заштитат од локалните Срби.
Србите, кои одбија да учествуваат на локалните избори во април, бараат од косовската влада да ги отстрани градоначалниците етнички Албанци од општинските згради и да им дозволи на локалните администрации финансирани од Белград да се вратат на своите должности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.