Регион
На Дедиње уапсен најголемиот наркобос на Балканот, паднаа и адвокати и полицајци од неговата мрежа
Во регионот се спроведува голема полициска акција што треба да го означи падот на најголемиот наркоклан на Балканот, пишуваат регионалните медиуми.
Српската полицијата денеска ја опколила куќата на обвинетиот наркобос Дарко Шариќ на Дедиње, кој е уапсен за сосема нови кривични дела, а не за оние за кои веќе е обвинет, пишуваат српските медиуми.
Според достапните информации, тој сега е осомничен за организирање криминална група одговорна за неколку убиства во Србија и Црна Гора, а наводно поседувал два сателитски телефона и апликација „Скај“.
Претресот на куќата на Шариќ траел најмалку два и пол часа, пишува КРИК, а пред неговата куќа пристигнале десетина полициски возила. Припадниците на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) биле на улицата пред објектот.
На Шариќ повеќе од 10 години му се суди за меѓународен шверц на 5,7 тони кокаин, двапати беше осуден, но случајот беше вратен на повторно судење на почетокот на годинава. Нему му се суди и за перење на повеќе од 20 милиони евра пари од кокаин. За овој случај тој е осуден на девет години затвор, но пресудата моментно ја разгледува Апелацискиот суд во Белград. Шариќ беше во бегство речиси четири години, а во 2014 година ѝ се предаде на полицијата. Тој беше во притвор до декември минатата година, кога беше префрлен во домашен притвор и престојува во куќата на Дедиње.
Во големата меѓународна акција на „Европол“ и „Јуроџастис“, во која учествуваат и српската полиција и обвинителство, а во која утрово беше уапсен Дарко Шариќ, уапсени се и повеќе полицајци меѓу кои Данило Стојановиќ и Милутин Радовановиќ.
Српски „Курир“ потсетува дека Стојановиќ и Радовановиќ неодамна биле уапсени под сомнение дека го претепале нивниот колега Милан В., инаку началник на „Интерпол“. Сите уапсени ќе бидат изведени на распит во Обвинителството за организиран криминал.
„Курир“ додава дека Стојановиќ своевремено бил началник на Службата за криминалистичко-разузнавачки работи (УКП), по што привремено беше префрлен на позицијата главен координатор во Единицата за заштита на лица и објекти.
„Во обвинителството најверојатно во текот на утрешниот ден ќе бидат изведени осомничените, кои се поврзуваат со криминална група, која, како што се наведува во наредбата, ја организирал Дарко Шариќ“, вели извор на „Курир“.
За уапсените полициски службеници се верува дека подолго време биле на платниот список на Шариќ.
„Постојат сомнежи дека му вршеле разни ‘услуги’ на Шариќ, а со тоа извршиле злоупотреба на службената положба, но и кривично дело тргување со влијание, со тоа што влијаеле врз други полициски службеници, обвинители и судии на претходна постапка да донесат решенија кои инаку не би требало по закон“, открива соговорник на „Курир“ од истрагата.
Во големата акција се уапсени и навивачот Урош Мишиќ и адвокатот Дејан Лазаревиќ. Некои медиуми пишуваат дека меѓу уапсените има и судии, но засега тоа официјално не е потврдено.
Дарко Шариќ е поврзан и со организацијата на убиството на членовите на шкаљарскиот клан Алан Кожара и Дамир Хоџиќ на Крф, како и со некои настани во Црна Гора, пишува „Новости“.
И хрватското МВР утрово потврди дека во соработка со УСКОК и ПНУСКОК завршила кривична истрага од меѓународен карактер, при што уапсени биле 10 лица за кои медиумите пишуваат дека шверцувале најмалку тон и пол кокаин од Јужна Америка. Српски „Блиц“ дознава дека овие апсења се поврзани со апсењето на Шариќ, односно уапсената група соработувала со наркобосот од Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Регион
Никола Роквиќ тргна пеш на пат долг 1.150 километри на хумана мисија
Никола Роквиќ пеш тргна кон Грција и треба да помине 1.150 километри, а сето тоа во хуманитарна мисија.
Тој и неговата сопруга Бојана неодамна ја основаа „Фондација за семејство“, а за да им помогне на оние на кои им е потребна помош, реши да направи неверојатен чекор достоен за восхит.
Треба да стигне до Егина, каде што ќе се поклони на Свети Нектариј Егински. Пред заминувањето тој со семејството ја посети црквата Свети Сава каде се помоли.
„По овој пат решив да тргнам од љубов кон луѓето и се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за помош на многумина. Првенствено да помогнам на многу семејства, на многу деца, но најважно да им помогнам на болните деца, поради што во голема мера го започнав ова патување. Започнавме фондација која ќе му помага на семејството, која ќе помага на талентирани деца, на многудетно семејство, но и на болни деца“, изјави Никола во храмот Свети Сава за „Телеграф“.
Никола последниве месеци се подготвуваше за овој потфат со големи планинарски тури.